Достапни линкови

Mатематики за евентуално ново владино мнозинство


Следење на резултатите во Државната изборна комисија на локални избори кои се одржаа на 17 октомври 2021

Од владината коалиција сами на изборите излегоа СДСМ, ДУИ, ДПА, Беса, ЛДП и ДОМ, а ова заедно со добрите резултати на ВМРО-ДПМНЕ ги засили најавите за ново мнозинство. Одговорот на власта е дека таа ќе се окрупни, а од опозицискиот кампус одвоено настапи Јакимовски од ГРОМ. Какви се комбинациите?

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со месеци најавува ново парламентарно мнозинство, пораки кои станаа позасилени по добриот резултат на опозициската партија на локалните избори. Истовремено премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев на ваквите изјави реагира одговарајќи дека тие ќе го зголемат владиното мнозинство кое по ланските парламентарни избори е мало, односно 62 пратеника, само еден повеќе од потребните 61 за формирање влада.

Кои се опциите за ново владино мнозинство?

Во владејачката коалиција има 46 пратеници од коалицијата Можеме предводена од СДСМ, 15 од ДУИ е еден од ДПА. Министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ Бујар Османи тврди дека мнозинството е стабилно, со што засега е отфрлена можноста партијата на Ахмети да излезе од него.

Но, листата пратеници кои во собранието влегоа од коалицијата предводена од СДСМ е доста шаренолика. Триесет пратеници се членови на социјалдемократскиот сојуз, четворица се од Беса , по двајца имаат НСДП и ЛДП, еден независен и по еден од ДОМ, Демократски сојуз, ВМРО-НП, Партија на пензионери, Српска странка во Македонија и Партија за движење на Турците и Демократска партија на Турците.

Гласините ги подгреа и тоа што ЛДП и ДОМ одлучија да настапат сами на изборите, а дополнително и во Тетово во вториот круг влегуваат кандидатите на два владини коалициски партнери, ДУИ и Беса, па нејасно останува дали поддршката од СДСМ за некој од двајцата може да ја загрози владината коалиција.

Според Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања Скопје сите овие работи ја зголемуваат можноста некој како што вели од власта да премине на другата страна.

„Не очекувам тоа да се случи со некој пратеник од СДСМ но шаренилото кај другите помали политички струи од кои добар дел одлучија сами да одат на избори, проблемот за СДСМ кој што се појави по изборите во Тетово каде што останаа кандидатите на ДУИ и Беса се разбира дека ги отвораат и овие можности“, вели Божиновски.

Можно ли е окрупнување на мнозинството?

ВМРО-ДПМНЕ, пак, има свои 40 пратеници. Од традиционалните партнери на опозициската партија е и пратеникот Иван Стоиљковиќ од Демократската партија на Србите и двајцата пратеници од Социјалистичката партија.

Досега со нив во коалиција беше ГРОМ кој има еден пратеник но нивниот лидер Стевчо Јакимовски одлучи да се кандидира на локалните избори во Карпош наспроти одлуката на партијата на Мицкоски да оди со кандидат од ВМРО-ДПМНЕ. Јакимовски влезе во вториот круг и ќе се натпреварува против кандидатот на СДСМ. Тоа се вкупно 44 пратеници.

Божиновски, коментирајќи го ваквиот состав на опозицискиот блок низ призма на изјавите на премиерот Заев за можноста за зголемување на владиното мнозинство вели дека одлуката за самостоен настап на Јакимовски во Карпош не би требала да влијае врз компактноста на опозициската група во собранието.

„Тука има една компетитивност од аспект кој помине-помине и другиот се разбира дека ќе му даде поддршка“, вели Божиновски.

Но, ВМРО-ДПМНЕ пред локалните избори договори соработка со двете опозициски партии на Албанците, Алијанса за Албанците и Алтернатива, кои заедно имаат 12 пратеници со што вкупната бројка на кампусот околу најголемата опозициска партија се искачува на 56. Ако на оваа бројка се додадат и двајцата пратеници од Левица се стигнува до 58. По успехот на таа партија на локалните избори преку влегувањето во повеќе совети на општините лидерот Димитар Апасиев најави дека ако евентуално има нови предвремени парламентарни избори тие ќе одат сами, а по нив би преговарале за состав на влада. Тој додаде дека и опција за ново парламентарно мнозинство, навестувајќи дека сите опции се отворени.

Математички можно, но дали и во пракса?

Според Алберт Муслиу од Асоцијацијата за демократски иницијативи постои математичка можност за нови мнозинства, но не верува дека тие реално ќе се случат.

„Понудата која може да ја даде власта е секако поголема од моралната понуда која може да ја даде опозицијата, но за такви опции сум малку скептичен иако математички тие се можни“, вели Муслиу.

Тој нагласува дека ниту во владиниот ниту во опозицискиот кампус нема јавни ставови од засегнати кои навестуваат дека се можни прегрупирање и преминување на другата страна.

Инаку на локалните избори што се одржаа во неделата вкупно 34 општини добија градоначалник во првиот круг од кои 22 се од ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ доби девет. Во голем дел општини ќе се одржи втор круг на 31 октомври. Заев изборната ноќ најави дека на крајот тие ќе освоеле повеќе општини од ВМРО-ДПМНЕ.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG