Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ прогласи победа, СДСМ ги очекува коалициските гласови во втор круг


Прослава на победата на локалните избори пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје
Прослава на победата на локалните избори пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје

ВМРО-ДПМНЕ прогласи победа на локалните избори. Додека партиското раководство разгледува можност за предвремени избори, можно е формирање на ново парламентарно мнозинство, рече лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски. Пред седиштето на партијата имаше и славје до зурли и тапани. Во СДСМ, пак, немаше славеничка атмосфера, но велат изборите имаат и втор круг и на крај ќе имаат повеќе градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ. Изборниот ден го одбележаа проблемите со апаратите за читање отпечатоци на прсти.

ВМРО-ДПМНЕ прогласи победа во поголемите градови како Штип, Прилеп, Велес, Кавадарци, а убедливо водат и во Аеродром, Кисела Вода, Охрид, Битола, Ѓорче Петров, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прес-конференција пред полноќ. Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, пак, вели дека СДСМ победува или има предност пред ВМРО-ДПМНЕ во повеќе од 30 општини во земјава во првиот круг од локалните избори. Од поголемите градови, во првиот круг СДСМ победи во Струмица. Државната изборна комисија поконкретни резултати најави во текот на денешниот ден, 18 октомври.

ВМРО-ДПМНЕ слави, СДСМ очекува победа во втор круг
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:15 0:00


Според Мицкоски, мнозинство во советите ќе имаат во повеќе од 50 општини, вклучително и победа на градската листа во Скопје. Во прв круг, вели тој победуваат во 20 општини и за уште две очекуваат конечни резултати, а во уште 20 општини со водство одат во втор круг. Мицкоски рече дека очекува ВМРО-ДПМНЕ да има 50 илјади гласови повеќе на советничките листи од СДСМ. Заев вели дека треба да се види структурата на советите во кои, како што вели, СДСМ и коалиционите партнери имаат повеќе гласови од ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ најавува ново парламетарно мнозинство

На прашањето дали размислува за предвремени парламентарни избори, Мицкоски рече дека раководството на партијата ќе ја разгледа таа опција.

„Можеби ќе формираме во меѓувреме и ново парламентарно мнозинство. Да почекаме времето да даде одговор на ова прашање, но мислам дека наскоро ќе имате одговор“, рече Мицкоски.

Тоа нема да се случи, вели Заев, оти како што вели парламентарното мнозинство може да расте.

ВМРО-ДПМНЕ на минатите локални избори победи во само пет општини, а СДСМ имаше 57 градоначалници.

Мицкоски вели дека на овие избори победил народот и покрај сите нерегуларности, притисоци и поткупи.

„Ова е победа, но ова е и одговорност, едно да знаете нема да ве разочарам. Вечерва ќе се радуваме, но нема да славиме, утре на работа за народот, бидејќи нè чекаат тешки предизвици во вториот круг, ги повикувам сите гласачи кои сакаат нешто да променат и оние кои не се одлучија за нас во првиот круг, ајде да се обединиме, со поделби само други користат“, рече Мицкоски.

Зурли и тапани пред ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ порача „Кочи Мицко

Симпатизери и членови на партијата созурли и тапани прославија пред партиското седиште во центарот на Скопје. Во владејачката партија СДСМ, пак, немаше победничка атмосфера.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, а претходно и генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николоски му порачаа на Мицкоски – „Кочи Мицко, има и втор круг“. Во однос на славјето пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ, Николовски вели дека опозициската партија конструира лажна еуфорија.

Заев ги повика граѓаните да гласаат за СДСМ и коалицијата во вториот круг.

„Прогресивниот глас се обединува за вториот круг и влегува во борба за она што со труд, пот и крив го обезбедивме заедно со народот, за да ја обезбеди иднината. За да ја зачуваме безбедна и сигурна македонската иднина ги повикувам сите наши поддржувачи и тие што останаа дома да излезат и да дадат поддршка. Борбата продолжува, прогресот се обединува, бидејќи злото се заканува“, рече Заев.

Ахмети прогласи поведа на изборите

Претседателот на ДУИ Али Ахмети прогласи победа на локалните избори и рече дека неговата партија победила уште во првиот круг во Сарај, Пласница, Липково и оти е во предност во многу други општини.

„ДУИ е во значителна предност во Тетово и Чаир, во Кичево, во Струга, во Желино, во Теарце, Боговиње, ДУИ има предност во Арачиново, Долнени, во Дебар одиме во втор круг, во Гостивар зголемен е нашиот фонд на гласови за 100 проценти. Во Чашка одиме во втор круг со предност“, рече Ахмети.

Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива прогласи победа во првиот круг во Дебар и Гостивар, а според нивните информации, нивните кандидати за градоначалници одат во втор круг во пет општини. Според лидерот на Алијансата Зијадин Села, изборниот ден поминал „со уцени, притисоци и поткуп“.

Независниот кандидат и актуелен градоначалник на Куманово од иницијативата „За наше Куманово“, Максим Димитриевски најави дека влегува во вториот круг од локалните избори 2021 и дека е во водство пред кандидатите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.

Влез во вториот круг во Општина Карпош објави и лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски, каде што ќе се соочи со кандидатот на СДСМ Душко Весковски и оти кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ испаднал.

Даштевски не чувствува одговорност за читачите на отпечатоци

Изборниот ден беше продолжен поради употребата на апарати за читање на отпечатоци од прсти кои создадоа гужви на гласачките места. Вакви апарати за првпат се употребуваат на избори во земјава. Од Државната изборна комисија (ДИК) изјавија дека базата на отпечатоци кои ја добиле од МВР е со лош квалитет. Гласањето се одолговлечи и поради ковид-протоколите и поради тоа што се гласаше на повеќе гласачки ливчиња, рече претседателот на ДИК, Александар Даштевски.

Продолжувањето на гласањето го продолжи и изборниот молк.

До ДИК пристигнале 286 приговори за заштита на избирачкото право, од кои 217 се прифатени, 19 одбиени, а 34 неосновани, рече Даштевски. Тој рече дека генерално изборниот ден завршил успешно, без никакви проблеми и се гласало законски и регуларно.

„Реков јас дека сум среќен што изборниот процес помина, законски се гласаше, дека ништо посебно не пречеа овие терминали, напротив помогнаа многу во просецот, така што не чувствувам, туку сум среќен што се помина во најдобар ред“, рече Даштевски, одговарајќи на прашањето дали чувствува одговорност за проблемите со апаратите за отпечаток од прст кои често не функционираа и го успоруваа гласањето.

МВР - Намалување на пријавите во однос на ланските избори

Од МВР оценија дека немало посериозни нарушувања на изборниот процес. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека има и намалување на пријавите во однос на ланските избори кога имало 151 пријава, а годинава има 91. Тој рече дека имало 42 случаи на агитирање, од кои 7 се отфрлени како неосновани, но и тука има намалување во споредба од лани кои имало 75 пријавени случаи.

„Има 13 пријави за изборен поткуп, од кои 5 се отфрлени, потоа 7 пријави за закани и вознемирување гласачи, 6 за сликање на гласачко ливче, 3 за излепен пропаганден материјал, по два настани за нарушување на јавен ред и мир, за снимање на просторија на гласачките места, за фотографирање на гласачи, 2 за уништување на гласачки материјал и по еден за фрлени гласачки ливчиња. Потоа имало и пријава дека гласало позитивни лице на ковид, попречување на гласање и една кривична пријава за кршење на изборен молк“, рече Спасовски.

До МВР се пријавени и седум полициски службеници кои агитирале додека биле на работно место. Шест пријави се разгледани, од кои две се основани, рече Спасовски.

До ОЈО пристигнале бројни пријави, но само мал дел биле основани

Јавното обвинителство соопшти дека пристигнале поголем број поднесоци и пријави.

„По извршените проверки, засега, само во мал дел од пријавените настани се пронајдени елементи на сторени кривични дела поврзани со изборите и гласањето. Постапувањето на обвинителствата ќе продолжи до целосно расчистување на настаните и донесување на соодветни јавно обвинителски одлуки“, додадоа од ОЈО.

Пријави има за лица кои организирано превезувале гласачи до гласачко место, потоа за кинење или за сликање на гласачко ливче и за агитирање.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG