Достапни линкови

Младите во медиумите!


Сотир Габеловски, член на Секретаријат за меѓународна соработка на СДММ
Сотир Габеловски, член на Секретаријат за меѓународна соработка на СДММ

Младите не се чувствуваат доволно информирани, ниту имаат простор да го кажат своето мислење. Од друга страна, ние младите треба да се бориме да бидеме слушнати, да се факторизираме, пишува Сотир Габелоски член на Секретаријат за меѓународна соработка на СДММ од Крушево.

Младите со поголема застапеност во медиумите – е битка која ја водиме не толку жолчно, но истата е дотолку важна. Како до поголемо присуство во традиционалните медиуми?

Дебатните емисии во Македонија се исклучително популарни. Исто онолку колку што младинските политики не се на дневен ред во редовните вести, во емисиите и други прилози во телевизиите, радијата, весници, каде што не се популарни.

Младите се оставени да си го бараат своето внимание преку социјалните мрежи и во ретки можности, како оваа во Радио Слободна Европа, да се обидат да ги издигнат младинските интереси на повисоко ниво.

Зачудувачки е како се создаваат експерти за се’. Едни исти луѓе се присутни како аналитичари во медиумите кои одговараат на прашања од здравство, преку дневно политички и безбедносни случувања, па се до кризата во Украина, односот меѓу Западот и Истокот. Навистина, се чини дека имаме исклучително интелигненти и интелектуално потковани аналитичари. Поголемите држави од Европа и Светот можат да ни позавидат.

За жал (читај: за среќа) ретко кој од овие „аналитичари“ се осудил да проговори за младински прашања и некои тековни настани поврзани со младите. Додуша, не биле ни прашани, но добро е што не се експерти и за интересите на оваа група на младите. Ако овие неколку луѓе кои насекаде излегуваат како „видни“ експерти и за младите, тогаш нема да преостане ништо друго, освен и ние што останавме овде да си заминеме. Очигледно, нашето мислење, нашето знаење, некаква експертиза не е потребна и е покриена од страна на овие препознатливи „лица“.

Младите во медиумите! Младите да добијат простор во традиционални медиуми! Младите за младите!

Време е да започнеме да гледаме млади лица кои говорат за важни теми во општеството. Да имаат простор да зборуваат најпрво за младинските интереси и токму политиките од оваа област да бидат актуелни постојано, а не само кога се носи Законот за младински политики и младинско учество или кога младите протестираат. Време е млади од невладин сектор, индивидуалци, стипендисти, успешни студени и претставници од партиските подмладоци да ги гледаме на ТВ екраните, весниците, да ги слушаме на радијата и да се присутни во „онлајн“ медиумите.

Истражувањето за младински трендови 2022 години покажува дека младите бараат посебен медиумски сервис за младите. Токму овој податок од истражувањето покажува дека младите не се чувствуваат доволно информирани, ниту имаат простор да го кажат своето мислење. Во истото истражување, голем процент од младите се заинтересирани за да волонтираат, да го зголемат своето младинско учество и да бидат дел од процесите во општеството.

Од друга страна, останува битката и на нас младите да се бориме да бидеме слушнати, да се факторизираме, активно да бараме внимание. Делумно вината за ваквите состојби е и наша, но тоа секогаш може да се промени.

Младите сакаат да бидат слушнат. Ако не повеќе, барем оние кои уште се надеваат на иднина во Македонија. Од медиумите може да започне промената.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG