Достапни линкови

По Мијалков и Камчев во Шутка


Јордан Камчев пред Кривичниот Суд во Скопје
Јордан Камчев пред Кривичниот Суд во Скопје

Бизнисменот Орце Камчев е спроведен во затворот Шутка, откако Судот денеска му определи мерка притвор од 30 дена на барање на Обвинителството за гонење на организиран криминал. Тој е осомничен во истрагата „Плацевите на Водно“.

Судија на претходна постапка му изрече мерка притвор од 30 дена на бизнисменот Орце Камчев откако пред тоа обвинителката Лиле Стефанова побара ваква мерка за осомничениот Камчев. Тој е осомничен за истрагата „Плацевите на Водно“, за помагање во незаконското купување на плацевите на поранешниот премиер Никола Груевски.

Поради сомневања на Агенцијата за национална безбедност дека истиот се поготвувал за бегство, Камчев утрово беше приведен од полицијата и изведен пред судија на претходна постапка.

Од обвинителството за гонење на организиран криминал велат дека приведувањето било на барање на АНБ која доставила извештај дека Камчев се подготвува за бегство.

Адвокатот на Камчев, Тони Менкиновски оцени дека изрекувањето притвор за Камчев е без докази, туку само на индиции дека тој ќе замине од државата, бидејќи како што рече двата пасоши на Камчев се во суд, а има и приложено гаранција во имот.

„Ова е садизам. Да се изрече ваква мерка на ваков ден Прочка е израз на садизам на институциите на системот. Судија од Радовиш денеска пред судот побара поради некаква си индиција, службена белешка од АНБ дека ќе бега, да му се изрече мерка притвор. Двата пасоши на Камчев се во судот, има дадено капитал како гаранција и дури и да сака не може да замине“, изјави адвокатот Менкиновски.

Тој додаде дека одлуката е срам за државата и се користи за дневни политички цели. Исто така за Менкиновски е спорен кредибилитетот на обвинителката Лиле Стефанова која го застапува обвинението за „Плацовите на Водно“ затоа што како што рече, против неа има кривична пријава за злоупотреба на службената полошба и овластување и поради тоа не може да ја води истрага.

Орце Камчев е еден од осомничените во истрагата „Плацевите на Водно”, каде првоосомничен е поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој според наводите на Обвинителството, си купувал плацови со пари од донации за ВМРО-ДПМНЕ, додека Новачевски го прикривал сопствеништвото на земјиштето. Станува збор за средства во висина од над 1,3 милион евра за купување земјиште од 11 илјади квадратни метри.

Случај „Плацеви на Водно“: Приведен кумот на Никола Груевски

Според истрагата, на првоосомничениот Груевски во перењето на нелегално стекнатите пари му помагале Мијалков и Камчев, кои се второосомничен и четвртоосомничен. Новачевски е третоосомничен.

Груевски во периодот од 2006 до 2012 година, дел од донациите за финансирање на партијата ги примал лично и не ги прикажувал како примени донации во финансиските извештаи на партијата и на тој начин присвоил најмалку 1.300.360 евра или 79.972.140,00 денари. Потоа, во периодот од октомври 2012 до септември 2013 година, тие пари тој ги пуштил во оптек купувајќи градежно земјиште на Водно преку фирма-ќерка на фирма од Белизе. Управител на таа фирма бил кумот Ристо Новачевски.

За останатите двајца осомничени, Ненад Јосифовиќ и Ратка Камчева, судот веќе има изречено превентивни мерки за обезбедување на присуство во други предмети.

Камчев е еден од осомничените и во случајот „Империја“. Овој случај кој го отвори поранешното СЈО , станува збор за финансиски криминал односно перење пари преку фирми во земјава и офшор-компании, а се истражуваат неколку кривични дела, како злосторничко здружување, оштетување или повластување доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари. Покрај Камчев, во овој предмет осомничени сè уште 12 лица, меѓу кои и Сашо Мијалков, Цветан Панделески и Ненад Јосифовиќ. Сашо Мијалков пак е во притвор по пресудата од 12 години затвор за масовното прислушување во предметот „Таргет-Тврдина“.

Инаку за 18 март е закажано следното судско рочиште за предметот „Меѓународен сојуз", а тогаш предвидено е да сведочат Јордан Камчев и Агапи Дика.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG