Достапни линкови

Мицкоски очекува жилава работа, Заев професионално работење од новите министри


Комбо Фотографија - Зоран Заев и Христијан Мицкоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска рече дека очекува жилава, тврдокорна и напорна работа од министрите за внатрешни работи и за труд и социјала, Наќе Чулев и Рашела Мизрахи, предложени од неговата партија. Тој на денешната прес-конференција во партиското седиште рече дека од нив очекува да ги штитат законите и уставот, и во рамки на нивните можности и овластувања, да направат нешто за граѓаните во следните сто дена. Според Мицкоски, има сериозни индиции за злоупотреба и прекршување на законите и овластувањата во последните денови од мандатот на Зоран Заев и дека сето тоа ќе биде презентирано и изнесено пред јавноста.

Доскорешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев, пак, изјави дека верува дека министрите кои се предложени од опозицијата во техничката Влада професионално ќе ја извршуваат својата работа.

Одговарајќи на новинарски прашања денеска во Струмица, тој рече дека најважна задача е сите заедно да ги земат своите права, но пред сè и одговорноста за реализирање на слободни, фер и демократски избори, како што и прилега на земја која е во исчекување конечно да добие датум за преговори со ЕУ и е идна членка на НАТО.

На 3 јануари премиерот Зоран Заев поднесе оставка, а на чело на владата која треба да ги спроведе изборите застана досегашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски. Според изборниот законик, опозицијата во владата што се формира 100 дена пред избори ги добива министерствата за внатрешни работи и за труд и социјала, како и тројца дополнителни заменици министри – за земјоделство, за финансии и за информатичко општество и администрација.

XS
SM
MD
LG