Достапни линкови

Рекорден бројот на министри за правда, реформите минимални


Македонски министри за правда
Македонски министри за правда

Министерството за правда засега е без министер. Премиерот предложи реконструкција на Владата по што оставка поднесе досегашниот министер Никола Тупанчевски. Во Собранието се очекува изборот на министер од редовите на Алијанса за Албанците, Кренар Лога. Тој ќе биде 19-ти по ред министер за правда.

Министерството за правда е рекордер по сменети министри во изминативе 3 децении. Од независна Македонија до денеска на ова министерско столче седнаа 19 луѓе кои имаа задача да го реформираат правниот систем во земјава. Министри беа професори на Правен факултет, членови на МАНУ, судии и адвокати. Актуелниот 19- ти министер кој ќе седне на ова столче Кренар Лога, кој доаѓа од новиот владин коалиционен партнер Алијанса за Албанците, е магистер по дипломатија и дипломиран правник.

Во просек министрите за правда во овие 3 децении на функција се задржувале околу две години. Најдолго време поминато во министерството за правда забележува само поранешниот министер од ВМРО-ДПМНЕ Михајло Маневски чиј мандат изнесувал 5 години, додека најкраток мандат од една година имал Билен Саљији од ДУИ.

Инфографика - Министри за правда со најдолг и најкраток мандат
Инфографика - Министри за правда со најдолг и најкраток мандат

На предлози од редовите на владејачката СДСМ на министерското столче досега седнале 6 министри кои вкупно 10 години раководеле со министерството за правда , додека од владејачката ДУИ биле избрани 7 министри со времетраење од 9 години.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во изминативе 3 децении раководеле со оваа функција двајца со вкупен мандат од 8 години. Еден бил поставен на предлог на ДПА, еден на Демократска Алтернатива и независен експерт.

Ваквата статистика укажува дека министер за правда е најатрактивната функција за политичките партии. Професорот Гордан Калајџиев вели дека тоа само по себе е малку чудно, затоа што од една страна покажува дека политичките партии се заинтересирани да остварат влијание врз Обвинителството и судството, и дел од тие влијанија веројатно ги остваруваат врз министерството кое сепак има ограничени надлежности, додека дел ги остваруваат преку раководни функции во судскиот и обвинителскиот совет. Иако самиот министер има релативно малку простор за директно влијание врз предметите и нивното движење или на одлуките по судовите и обвинителствата, објаснува Калајџиев.

Калајџиев: Министерското столче во правда само за привилегии
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:22 0:00
Директен линк

„Но има и други поволности. Министерството има едно големо дискреционо овластување да дава разно разни лиценци за функции во правосудстството како вештаци, извршители, нотари, имаат влијание врз затворскиот систем и тоа се сфери каде што има можности за коруптивни влијанија. Претпоставувам дека тоа е дел од колачот што политичките партии си го присвоиле како редовна добивка од каде што би влечеле некакви поволности и привилегии, па дури и материјални средства. Тоа претпоставувам дека е дел од таа атрактивност на ова министерско место“, вели тој.

Дополнително досегашната практика на честа промена на министрите за правда укажува дека ниту една владина коалиција до сега нема воспоставен систем на континуитет во спроведување на клучните реформи во правосудството. На секои парламентарни избори се најавуваат сериозни промени во целокупниот правосуден систем, како што беше на пример, ветувањето за ветинг низ годиниве, кое никој до сега не го спроведе во пракса. Според Калајџиев проблемот е во нееднаквиот однос меѓу желбите на политичарите за брз успех со реформи со реалната состојба во пракса.

Тој вели дека тие не можејќи да спроведат суштински реформи за краток временски период нудат само законски измени, затоа што тие, како што вели тој, се веројатно најбрзи условно речено реформи. За суштински реформи кои во континуитет би се спроведувале е потребно време за подготовки и сериозни истражувања, во смисла на тоа кои се вистинските слабости.

„ Тоа е можеби и главна причина што нашите реформи во правосудството се без резултати, постојано имаме реформи, а немаме резултати, нешто унапредуваме во законодавството, и како нешто реформираме, и тоа делумно организациски, а резултатите ни се поразителни“ вели тој.

Последниот извештај на Транспаренси Интернејшнл покажува дека недостигот на интегритет при избор на клучни фигури во судството и неефикасното водење на тековните случаи против корупција ги поткопува напорите во вистинска насока на властите во Северна Македонија кои отвораат нови случаи на корупција.

Дека довербата во правосудството не е на високо ниво, покажа и последната анкета на Меѓународниот републикански институт – ИРИ, објавена на 20 декември, 2022. Според неа, 76 отсто до граѓаните имаат голема недоверба или до некаде не им веруваат на судството и обвинителството и дека таа бројка со години се продлабочува.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG