Достапни линкови

Партиски пазари место квалитет за челни луѓе во институциите


Илустративна фотографија
Илустративна фотографија

Смената на министри и луѓе на челни позиции во институциите повторно во фокус на партиските договори за коалицирање. Законот за висока раководна служба заглави низ институциите. Експертите предупредуваат дека мора да се инсистира на квалитет, за добро функционирање на државата.

Две министерства, неколку заменички позиции, заедно со повеќе директорски места е сосема извесно дека ќе добие Алијанса на Албанците ако донесе конечна одлука за влез во Влада. Разговорите се завлекоа неколку месеци, а устите на политичарите се полни со европските вредности и тоа дека влезот на опозициската партија во влада е чекор кон македонските евроинтеграции.

Но, во заднина стојат партиските пазари и промена на челни позиции, не поради тоа што досегашните имаат добри или лоши резултати, туку поради тоа што така се договориле партиите.

Па според написите во медиумите, две министерски столчиња се веќе договорени – она во здравство и правда. Се споменува и директорското место Управата за јавни приходи, раководни позиции во царина, МВР, финансиска полиција.

Партиските заслуги поважни од вештините

И сето ова во време на реформи во јавната администрација, кога со години се влече носењето на Законот за висока раководна служба, кој треба да оневозможи партиски пазари со раководни позиции во институциите основани од Владата или министерствата. Или барем да го отежне, дополнува Миша Поповиќ од Институтот за демократија, кој со години ги следи реформите во јавниот сектор.

Вели дека поставувањето на раководни позиции како резултат на коалициското договарање е сериозен проблем за доброто функционирање на земјава.

„Она што го гледаме како проблем, заради ширината на коалицијата денеска, е дека се повеќе се видливи тие договарања. Политичките партии прилично јавно настапуваат дека услов за влегување е и пристап до одредени позиции во службата и во таква ситуација успешен менаџер е повеќе случајност отколку правило, затоа што се бираат според партиски заслуги ,а не според вештините“, предупредува Поповиќ.

Поповиќ: Партиската припадност е поважна од способноста за некоја функција
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:00 0:00
Директен линк

Тој потсетува дека и Законот за високата раководна служба нема да ги реши сите проблеми, ама е голема пречка за можноста за партиски договори околу раководните позиции. Се сомнева дека токму тоа причината што уште не е донесен.

Инаку и самиот закон меѓу другото заглави во министерските смени, делумно и како резултат на коалициите. Беше најавен од Министерството за информатичко општество во 2018 година кога министер беше Дамјан Манчевски од СДСМ кој го туркаше процесот. Процесот забави во 2020 кога на министерското столче седна Јетон Шаќири од ДУИ, за следната година на истото место да дојде Адмирим Алити од Алтернатива, како резултат на влегувањето на оваа партија во владината коалиција. Тогаш како министер за здравство беше поставен уште еден негов сопартиец, Беким Сали, кој сега најверојатно ќе биде заменет со кадар од Алијанса на Албанците, штом ќе се договори нејзиното влегување во влада. Има многу шпекулации за тоа кој ќе биде идниот министер, но и министерувањето на Сали ќе се памети по немањето лекови за болните од рак, и необезбедување за оние со цистична фиброза.

И законот за високи раководители заглавен во партиски смени

Сите овие смени, според Поповиќ, ги забавуваат процесите на реформи.

„Тоа би било далеку помал проблем доколку реформите би зависеле исклучиво од стручната служба во Министерствата, па промената на министрите не би била толку значаен фактор. Меѓутоа она што го забележуваме веќе подолго време е дека практично во еден тесен круг околу министерот се групираат оние луѓе кои ги водат клучните процеси и нормално со смената на министерот се успорува реформскиот процес“, додава Поповиќ.

Па така, меѓу другото учениците останаа без учебници, бидејќи реформата која ја почна неговата претходничка, Мила Царовска, заглави кај нејзиниот наследник, министерот за образование Јетон Шаќири. Од друга страна, ако Алијанса влезе во Влада, тоа ќе значи смена на министерот за правда Никола Тупанчевски, но и на директорката на УЈП, Сања Лукаревска која треба да ја спроведе новата владина даночна реформа.

Кога се бираат кадри на важните позиции мора да биде пресуден квалитетот, се согласува и претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска. Во неделното интервју на Радио Слободна Европа, таа зборуваше токму за изборот на Ислам Абази, новиот за шеф на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција. За него гласаа самите обвинители, но изборот беше изненадување, по кое во јавноста излегоа негови слики со функционери од ДУИ.

„Мене навистина ми е чудно како тие гласале за човек кој не кажал што планира да работи, нити пак има некакво минато работно искуство кое е импресивно за јавноста и сега јавноста да очекува дека тој ќе даде некакви добри резултати. Значи појдовната основа е малку проблематична. Можеби тој е добар обвинител и можеби ќе даде резултати, но за почеток, за некој да врши избор, треба пред се да ги има овие критериуми - да знае за кого станува збор, да знае што планира да направи тој понатаму, да има некои критериуми, некакво оценување“, смета првата антикорупционерка.

Едно е јасно, во периодот кој следува, ќе има промена на неколку министерски и повеќе директорски столчиња. Кој ќе седне на нив, ќе се договорат партиите.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG