Достапни линкови

МВР ќе обезбедува, засега нема забрана за влез на бугарски политичари


Гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас во Скопје

Владата денеска без одлука за забрана за влез на бугарски политичари кои го негираат македонскиот народ. Шефот на бугарската дипломатија не дојде во Парламентот во Софија да го образложи претепувањето на бугарскиот државјанин Пендиков во Охрид. Американската амбасадорка Агелер повика на смиреност.

Министерството за внатрешни работи треба да ги преземе сите мерки за обезбедување на реализацијата на настанот, согласно со препораките од надлежните служби соопштени на вчерашната седница на Советот за безбедност, одлучи денеска Владата , по најавите за доаѓање на поголема група граѓани на Бугарија на 4 февруари на одбележувањето на 151-годишнината од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев.

Во Софија, пак, бугарскиот технички министер за надворешни работи Николај Милков не дојде на најавеното сослушување во парламентот во Софија, на кое требаше да ги образложи деталите за нападот врз бугарскиот државјанин Христијан Пендиков во Охрид.

Претседателот Пендаровски вчера побара од владата да им забрани влез во земјава на еден европратеник од Бугарија и на неколку други бугарски државјани „поради дејствијата кои порано ги преземале и сѐ уште ги преземаат против нашата држава“.

Тој оцени дека во засилувањето на тензиите меѓу двете земји има и „руско масло“. Одредени структури се веќе мобилизирани, и логистички и финансиски, за да го поддржат организираното доаѓање во Скопје на повеќе лица на 4 февруари, кога го одбележуваме денот на раѓањето на Гоце Делчев, рече тој, по вчерашната седница на Советот за безбедност.

Пендаровски потсети дека на тројца бугарски државјани минатата година им бил откажан престојот во Македонија.

„Не можам и не сакам да одам во детали затоа што станува збор за сензитивни работи. Само ќе ви кажам дека дел од овие структури и лица се надоврзани на руската разузнавачка служба“, рече Пендаровски.

Односите меѓу Македонија и Бугарија се вжештија оваа недела по претепувањето на Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид, кој е и бугарски државјанин, како и на претходните изјави на бугарски политичари дека „Македонија е бугарска“.

Од Софија стигнаа за закани за блокирање на македонските евроинтеграции, а од Македонија повици за прогласување бугарски политичари за персона нон грата.

Европратеникот Ангел Џамбаски во Скопје на 95-годишнината од смртта на Мара Бунева
Европратеникот Ангел Џамбаски во Скопје на 95-годишнината од смртта на Мара Бунева

Бугарскиот технички министер за надворешни работи Николај Милков во Брисел ги убедувал неговите колеги од ЕУ дека во Македонија постои силен антибугарски консензус меѓу владејачката партија и опозицијата.

Американската амбасадорка Анџела Агелер вчера порача дека е од критична важност разговорите меѓу Скопје и Софија да се смират.

„Лидерите од двете страни на границата да можат да дискутираат смирено и рационално, за тоа кој е патот напред, во врска со некои од овие проблеми кои ги видовме помеѓу различни индивидуи и заедници. Тоа е од критична важност. Но, дали тоа треба да го запре, или дури и да го одложи напредокот кон ЕУ? Не мислам дека треба“, рече Агелер во интервју за ТВ Телма.

Бугарската фондација Македонија претходно ги повика Бугарите да дојдат во Скопје на 4 февруари, да се поклонат на гробот на, како што велат, „бугарскиот национален револуционер“ Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје. Фондацијата организира бесплатен превоз.

По ваквите најави, Александар Пандов од ВМРО-ДПМНЕ порача дека уште од утринските часови Македонци ќе бидат во црквата „Свети Спас“, „затоа што Гоце е Македонија, а Македонија е Гоце“.

Двете земји го сметаат Делчев за свој национален херој.

Претседателот Пендаровски, по вчерашната седница на Советот за безбедност, оцени дека се работи за настан од висок безбедносен ризик и затоа треба на некои бугарски државјани да им се забрани влез. Тој рече дека на сите луѓе, Македонци или Бугари, кои сакаат да му оддадат почит на делото на Делчев треба да им биде овозможен пристап, „но не и оние кои доаѓаат со цел да го понижуваат и негираат македонскиот народ“.

Претседателот на државата не спомена конкретни имиња, но во неговата изјава се препознава дека алудира на европратеникот Ангел Џамбаски од бугарската националистичка партија ВМРО-БНД. Тој беше во Скопје на одбележувањето на 95-годишнината од смртта на Мара Бунева на 14 јануари и порача дека „Македонија е бугарска“. Бугарија ја смета Бунева за своја национална хероина, но не и Македонија. Лидерот на проруската и антизападна бугарска партија „Преродба“, Костадин Костадинов, пак, во ноември минатата година, на отворањето на Бугарскиот културно информативен центар во Скопје, порача дека „Македонија е втора бугарска држава“ и оти „ние сме еден народ, зборуваме еден јазик“.

Охриѓанецот Пендиков беше нападнат од тројца свои сограѓани на 19 јануари, а Бугарија прати владин авион за да го однесе на лекување во Софија. Бугарските политичари сметаат дека тој бил нападнат зашто се декларира како Бугарин. Дел од македонските медиуми, пак, објавија дека можеби се работи криминално-дилерска пресметка бидејќи и напаѓачите и биле познати на полицијата, а Пендиков претходно бил апсен со дрога.

Односите меѓу Македонија и Бугарија се напнати во изминатите повеќе од две години, откако Софија ги блокираше македонските евроинтеграции поради историски, јазичен и идентитетски спор. Блокадата делумно се надмина летоска и преговорите на земјава со ЕУ почнаа, но Бугарија го условува отворањето на поглавјата со внесување на Бугарите во македонскиот Устав, за што во моментов го нема потребното двотретинско мнозинство.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG