Достапни линкови

За грст копејки или бујна фантазија - руската пропаганда во Бугарија преку Македонија


Илустрација: Руски рубљи
Илустрација: Руски рубљи

Бугарскиот истражувачки новинар Христо Грозев обвинува дека текстови со руска пропаганда, напишани од руското воено разузнавање, за 150 до 300 евра се пласираат во бугарските медиуми преку Македонецот Дарко Тодоровски, кој е на докторски студии во Москва и се претставува како новинар и воен аналитичар. Тодоровски за РСЕ ги негира обвинувањата. Македонските власти велат дека такви пари по официјални канали нема.

Преку официјалните финансиски системи, нема финансирање на бугарски новинари со руски пари преку Северна Македонија, дециден е директорот на Агенцијата за финансиско разузнавање Блажо Трендафилов.

„За неофицијалните канали си има други служби кои тоа треба да го следат“, вели тој во телефонски разговор за Радио Слободна Европа.

Пропаганда за грст копејки

Познатиот бугарски новинар Христо Грозев од истражувачката мрежа „Белингкет“, на сослушувањето пред парламентарната комисија за контрола врз безбедносните служби во Бугарскиот парламент на 5 јануари, рече дека руски пари за бугарските новинари одат преку Македонија. Спомна едно име – Дарко Тодорович, веројатно мислејќи на Дарко Тодоровски – автор во некои проруски сајтови, кој наводно, работи во институција подредена на рускиот претседател. Грозев зборуваше преку видео-врска, затоа што во моментов е надвор од Бугарија. Русија на 26 декември распиша потерница против него.

Во интервју за бугарската ТВ Нова, Грозев вели дека не се работи за рубљи, туку за копејки, алудирајќи дека руската пропаганда во Бугарија се прави за малку пари.

„Дадена статија, напишана од ГРУ (руското воено разузнавање) да речеме, од Русија, која била објавена во бугарски медиуми чини 150 евра. Незначителни суми водат до значително влијание врз јавното мислење во Бугарија, што не треба да се случува. Дарко Тодоровски мислам дека е името на тој македонски новинар, ако добро се сеќавам. Тој не е новинар реално, туку дописник кој добива задачи од Русија и преку својата мрежа во Бугарија успева да ги објавува тие статии со плаќање. Плаќањето се движи од 150 евра за напис кој е дезинформација до 300 евра. Односно, најскапо е 600 лева“, рече Грозев.

Тодоровски - Плод на бујната фантазија на Грозев

Тодоровски, во допис до Радио Слободна Европа, вели дека ваквите обвинувања се плод на „бујната фантазија“ на Грозев. Ниту работам во руската претседателска администрација, ниту соработувам со Кремљ, ниту пак сум им плаќал на бугарски медиуми за објавување на текстови, вели Тодоровски.

„Подготвен сум да ги отворам и да ги ставам на увид на јавноста сите мои банкарски сметки и трансакции. Во последните неколку години не сум бил во Бугарија и не сум вршел никакви банкарски или други трансакции со Бугарија. Сето тоа може да се потврди и докаже“, вели тој.

Илустрација
Илустрација

Тодоровски вели дека во Москва е на трета година докторски студии на Академијата РАНХиГС, позната како Претседателска академија, а докторската работа му е директно поврзана со воените конфликти и воената индустрија.

Тој вели дека од почетокот на војната во Украина објавил неколку текста во бугарскиот портал Поглед.бг, но оти тие се негови авторски текстови на кои се потпишал со име и презиме. Статиите се напишани како резултат на тоа што бев дел од три прес-тури на Министерството за одбрана на Руската Федерација во воените зони во Украина во групи со по 40 странски новинари, вели тој. Видео снимки од посетите на Доњецк и разурнатиот Мариупол се објавени и на јутуб каналот на Тодоровски.

Во Агенцијата за разузнавање за телевизија Телма не ги коментираа тврдењата на Грозев, затоа што „активностите на Агенцијата за разузнавање за актери кои работат како дел од креатори и извршители на хибридните планови на трети држави имаат класифициран карактер“, велат оттаму.

Шефицата на кабинетот на поранешниот бугарски премиер Кирил Петков, Лена Бориславова, уште во јули минатата година рече дека бугарски политичари, аналитичари, политиколози и други јавни говорители „под рака“ добивале по 4000 илјади лева (околу 2 илјади евра) од Русија за формирање на јавното мислење во корист на Москва.

Тодоровски, родум од Делчево, бил во Москва од 2016 до 2018 година на магистерски студии, а во изминативе три години таму е на докторски студии. Активен е на повеќе социјални мрежи, каде што застапува проруски ставови.

Негови текстови има на повеќе релативно непознати проруски портали во Македонија.

Во македонските медиуми, анализи на Тодоровски често се објавуваат на порталот Антропол, близок до политичката партија Левица. Оваа политичка партија со двајца пратеници во Парламентот отворено е против НАТО , а нивните политички противници ги обвинуваат за блискост со Русија. По почетокот на војната во Украина единствено раководството на Левица имаше средба со рускиот амбасадор во Северна Македонија. Тодоровски е соработник и на делчевскиот портал Брегалнички.мк. и уште на неколку проруски макеоднски сајтови.

Се појавува и на регионалните медиуми како воен аналитичар и политиколог.

Како колумнист, воен набљудувач и експерт по меѓународни односи, Тодоровски пишува за рускиот портал Балканист, кој има исто име со друг регионален магазин. Онлајн магазинот Balkanist.net на англиски јазик, основан во Србија во 2013 година, во 2019 беше изненаден кога дозна дека има руски двојник (Balkanist.ru) чија уредувачка политика е дијаметрално спротивна од нивната.

Кој е Христо Грозев?

Грозев е бугарски новинар кој со години живее во странство. Роден е во Пловдив во 1969 година, а со новинарство се занимава од 17-годишна возраст. Во 90-тите работел за ограноци на американската медиумска мрежа Метромедиа во Русија.

Во 2011 неговото име стана популарно во Бугарија кога стана дел од сопствеништвото на весниците „Труд“ и „24 часа“ по повлекувањето на германскиот сопственик ВАЦ. Потоа настана конфликт меѓу групите сопственици на весниците, по што Грозев беше предмет на обвинителски и даночни контроли и се повлече од издавачкиот бизнис. Од тогаш му остана етикетата бизнисмен, што не помогна многу во неговата „трансформација“ во истражувачки новинар во очите на многумина Бугари.

Од 2015 година, Грозев работи во интернет публикацијата Белингкет од Холандија формирана една година претходно, која во истражувачката работа користи методи кои новинарите ретко или никогаш не ги користат – купување податоци, следење на геолокација, компјутерска анализа на отворени податоци...

Професионалното новинарство не прифаќа некои од овие методи, како купувањето податоци на црниот пазар, туку бара начин да ги добие овие податоци по отворен пат.

Сепак, истражувањата често ги прават заедно со традиционални медиуми од Германија и САД. Христо Грозев и рускиот новинар Роман Доброхотов (денес во егзил) ја добија Европската награда за печат во 2019 година за истрагата за труењето на семејството Скрипал во Велика Британија.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG