Достапни линкови

Мартовско кампување пред МОН, ако нема промени во матурата


Илустрација (од архива) - Сојуз на средношколци - десно: Бленди Ходаи, претседател на Сојуз на средношколци

Сојузот на средношколци и Министерството за образование и наука и натаму не наоѓаат компромис за матурскиот испит. Матурантите очекуваат пратениците да го изменат Законот за средно образование, но ако не се случи тоа најавија кампување пред МОН.

Матурантите по 12 денови го прекинаа бојкотот на наставата очекувајќи пратениците да ги донесат законските измени во согласност со нивните барања. Тие бараат да се намалат предметите на државната матура од четири на два, но Министерството за образование и наука не се поместува од ставот дека постоечката законска регулатива за матурскиот испит мора да се реализира.

Затоа, матурантите, организирани од Сојузот на средношколци неодамна побара поддршка од пратениците, а денеска на средба ќе побара поддршка и од премиерот Зоран Заев. Претседателот на Сојузот на средношколци по средбата изјави дека, „за разлика од министерката Царовска“, премиерот Заев има волја за да се најде решение што побрзо за да не го губат матурантите и натаму овој период.

„Ние дискутиравме што се можните компромисни решенија, доколку не се изгласаат законските измени во Собранието. Ова го имаме кажано, дека ние можеме да направиме комбинација за укинување на интерен или екстерен испит за да се намали бројот на испити“, изјави Ходаи по средбата со премиерот.

Тој дополни дека се уште недостасуваат скратени програми за предметите, поточно засега, вели Ходаи, имаат само за македонски јазик, хемија, физика и географија. Сојузот на средношколци бараат сите предмети да имаат скратена програма, за материјалот од почнувањето на пандемијата до денес, односно од март 2020 година.

Тие претходно имаа средби со пратеници, по што добија поддршка од опозицијата, односно пратеничката група ВМРО-ДПМНЕ поднесе предлог закон за измени и дополнување на Законот за средно образование. По ова, матурантите одлучија да го прекинат бојкотот и да им остават шанса на надлежните да ги исполнат нивните барања до крајот на месецот.

„Продолжуваме во Собранието, таму ќе има конечна одлука, да ги усвојат нашите барања. Ако не, тогаш шаторите и кампување пред МОН од 1 март 2021 година“, истакна Ходаи.

МОН пак, децидно останува на ставот дека матурата ќе се одржи според постечките закони, бидејќи како што велат, 14 илјади матуранти во законскиот рок пријавиле да полагаат државна матура и ги избрале предметите по кои ќе бидат тестирани.

„МОН тврди дека бојкотот е неоправдан, а никогаш МОН не дал конкретен аргумент зошто е толку важно државната матура да остане со четири предмети“, истакнаа од Сојузот на средношколци кога повикаа на дебата, за што добија поддршка и од Средношколски глас, кои претходно бараа целосно укинување на матурата и одржаа протест пред МОН.

Државниот испитен центар во ноември ги објави и термините за испитите од трите екстерни испити кои ќе се полагаат од 29 мај до 14 јуни 2021. Покрај трите екстерни испити, матурантите треба да полагаат уште еден интерен предмет и да изработата проектна задача. Државната матура се спроведува од 2007 година, во јунска и во августовска испитна сесија. Прв пат лани не беше реализирана поради пандемијата. Владата и МОН пролетта одлучија за генерацијата 2019/2020 да нема матурски испит и им овозможија на матурантите да се запишат на факултет со уверение за завршено средно образование.

XS
SM
MD
LG