Достапни линкови

Македонскиот јазик -„жртва“ на дневно политичките потреби


илустрација

Директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Елена Јованова-Грујовска ги отфрла бугарските тврдења дека македонскиот јазик е регионална норма или дијалект на бугарскиот јазик. Според неа, ваквите изјави имаат за цел да и наштетат на Македонија и нејзините европски аспрации

Нема дилеми дека македонскиот јазик има словенски корени, но тој во никој случај не е писмено-регионална норма или дијалект на бугарскиот јазик, како што тврдат дел од бугарските лингвисти и академици, вели Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за макeдонски јазик „Крсте Мисирков“. Во неделното интервју за нашето радио, таа истакнува дека македонскиот стандарден јазик е општо прифатен на светско ниво, а последните изјави од бугарската јавност ги гледа низ призмата на дневно-политички потреби.

„Секогаш со добра волја може да се најде решение доволно достоинствено за сите. Првата кодификација на јазикот ја направил Крсте Петков Мисирков, тоа е неофицијална зошто кодификација прави држава. Но подоцна таа ја завршил Блаже Конески, таткото на современиот, стандардниот македонски јазик, со негвата екипа. Блаже Конески беше наш професор. Ние сме негови следбеници и ученици и не можеме да кажеме дека нашиот професор згрешил, вели Јованова-Грујовска во неделното интервју.

Реакциите од македонската стручна јавност доаѓаат откако Бугарија и официјално стави вето на преговарачката рамка за почеток на преговори на Република Северна Македонија на неодамнешниот состанок на Советот за општи работи на ЕУ во Брисел. Уште во август годинава, официјална Софија испрати меморандум до земјите членки на ЕУ, во кој наведе дека Македонците не постоеле до 1944 и дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот.

“Бугарија не признава постоење одвоен таканаречен македонски јазик и поради тоа не може да прифати какво било повикување на него во ЕУ документи. Повикувањето на службен јазик на оваа земја овозможува да се продолжи со институционалната работа“, стои во меморандумот на Софија.

Јованова-Грујовска категорички ги отфрлува како неосновани, бугарските тврдења дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.

„Никако, никако не е дијалект на бугарскиот. Ние имаме содветен развој и фонетски, и морфолошки, синтаксички на сите рамништа, да не зборуваме и на лексички план. На сите рамништа имаме различен развој, што само потврдува дека станува збор за различни јазици, а не за дијалект, никако“, вели Јованова-Грујовска.

Со ист став неодамна се огласи и Македонската академија за науките и уметностите. Во промеморија испратена до македонската јавност, МАНУ ги нагласува државотворноста и идентитетот на македонскиот народ, како и посебноста на македонскиот јазик.

„Македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат и просторен континуитет (македонските дијалекти постојат и надвор од границата на денешна Македонија) и временски континуитет (македонскиот јазик опстојувал повеќе стотици години); македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазик, артикулирана свест за етнокултурната посебност, колективен интегритет, почит кон традиционалните религиски институции и наратив за припадноста на одреден географски и историски простор“, се вели меѓудругото во промеморијата на МАНУ.

Инаку, во октомври бугарскиот парламент даде зелено светло и на предлогот на министерот за одбрана Красимир Каракачанов, денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј во Бугарија да се празнува како ден на бугарската писменост просвета и култура. Според владејачката партија ВМРО-БНД, ова е целосно логична историска промена која што отвора пат кон придвижување на процесот на нивно на Европската унија за признавање на кирилицата како бугарска азбука.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG