Достапни линкови

Северна Македонија пак во чекалницата на ЕУ


Илустрација- македонски и европски знамиња

Советот за општи работи на Европската унија денеска, најверојатно, нема да донесе одлука за одржување на првата меѓувладина конференција меѓу Р.С.Македонија и ЕУ. Ваквиот исход е очекуван и од технички и од политички причини.

Состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската унија, односно таканаречениот Совет за општи работи, кој се одржува денеска во Брисел, не се oчекува да донесе никаков напредок во македонскиот евроинтреграциски пат. Од една страна, тоа е затоа што состанокот на Советот поради пандемијата со ковид се одржува онлајн, па како што пренесе дописничката на РСЕ од Брисел, правилникот за ваков формат на средби не дозволува носење одлуки како таа за преговарачката рамка. Од друга страна и ставот на официјална Софија е непроменет дека нема да дозволат напредок на земјава додека не се решат отворените прашања меѓу двете земји.

Но, тоа што нема да има напредок во Брисел, дефинитивно ќе донесе промени внатре во земјава. Според Сашо Клековски од Македонскиот центар за меѓународна соработка одлуката на Бугарија да стави вето на македонскиот евроинтеграциски пат ќе има подолготрајни и повеќеслојни последици. На внатрешно поле ќе се засилат националистичките или патриотските чувства на граѓаните смета Клековски, кој правејќи споредба со спорот за името со Грција вели дека за разлика од тој проблем, во овој со Бугарија, на иста страна во земјава се левицата и десницата.

„Се чини дека низата бугарски барања допреа до нервот и на левицата и на десницата и впечатокот ми е дека ќе расте одбивноста кон каков било компромис со Бугарија “, вели Клековски.

Според Симонида Кацарска од Институтот за Европска политика ЕПИ тешко е да се предвиди колку долго би траеле разговорите меѓу двете земји, но дека не е исклучено ова да прерасне во долга блокада на македонските евроинтеграции.

„Во секој случај ова е ризик за македонскиот европски пат, за реформите поврзани со Европската унија бидејќи ние досега не се покажавме дека можеме да создадеме сами по силем моментум за реформи. Би било добро доколку научените лекции од спорот со Грција ги примениме во овој случај, односно доколку покажеме способност да водиме процеси на трансформација и во недостаток на тој морков од Европската унија“, вели Кацарска.

Бугарија, во последниов месец, преку своите официјални претставници испрати низа барања. Најчести со изјавите беа министрите за надворешни работи и за одбрана, Екатерина Захариева и Красимир Каракачанов, европратеникот Андреј Ковачев, а во последно време неколкупати ставовите ги пренесе и претседателот Румен Радев.

Захариева рече дека бараат Скопје да ја признаело наводната историската вистина, односно корените на македонскиот јазик и нацијата, да престанат со тврдењата за македонско малцинство во Бугарија, па потоа таа имаше забелешки за негативни публикации во Македонија за нивната земја, за изградбата на Коридорот 8, за работата на заедничката мешовита комисија за историски и образовни прашања, a последно рече и дека не може во ЕУ ако земјава се уште го слави, како што го нарече, југословенскиот диктатор Јосип Броз Тито.

Нејзиниот колега Каракачанов, има забелешки и за спомениците поврзани со Втората светска војна и написите за бугарскиот фашистички окупатор, па во една изјава понуди да прати бугарски полк да ги демонтира. И тој инсистира дека Софија нема да се откаже од тоа Македонија да ги признае бугарските историски корени, дека нема да се откажат од нивните херои алудирајќи на оние за кои се разговара во заедничката историска комисија, каде што најголем проблем беше револуционерот Гоце Делчев, чие дело се слави во двете држави.

Пратеникот Ковачев за провокација го сметаше и одбележувањето на 11 октомври, Денот на македонското востание, кога во 1941 година почнало востанието против фашистичкиот окупатор.
Претседателот Радев бара во преговарачката рамка на земјава со ЕУ да има посебно поглавје за Македонија, со сите критериуми за добрососедство. Заменик претседателот на бугарското Собрание Веселин Марешки, пак, рече дека патот на Северна Македонија е преку обединување со Бугарија.

Клековски забележува дека досега најтивок во изјавите е бугарскиот премиер Бојко Борисов, кај кого, како што вели, е вагата дали внатрешно политичките потреби за опстанок на неговата влада се во некаков баланс со надворешно политичките потреби на Бугарија. Но, сепак Клековски смета дека Софија не е осамена во ЕУ.

„Мое мислење е дека Борисов не е толку луд да оди сам против сите туку дека во моментов ние не сме приоритет на Европската унија. Наредните два месеца треба да се одлучи дали Британија ќе излезе од ЕУ со „никаков договор“ или без договор, прашање што ќе има голем импакт врз состојбите во Европа, а од друга страна се наоѓаме и во вториот пик на ковид, што повторно на тест ја става европската солидарост. Така што проценката дека со овие прашања толку важни за ЕУ, ова прашање може да почека уште малку“, вели Клековски.

Инаку, лани во октомври поради барањето на Франција за нова методологија за преговори со земјите кандидатки ЕУ не донесе одлука за почеток на преговори со Скопје и Тирана. По постигнатиот договор, годинава во март беше донесена одлука за преговори со двете земји, но Бугарија уште тогаш имаше издвоено мислење кое беше прикачено кон записникот на Советот за општи работи. Потоа, летово, до земјите членки, источниот сосед испрати таканаречен објаснувачки меморандум во кој јасно ги искажа своите позиции дека македонската нација е конструкт на југословенскиот лидер Тито, а македонскиот јазик норма на бугарскиот јазик. Барањата на Софија не се најдоа во преговарачката рамка на унијата, па Бугарија на последниот состанок на постојаните претставници на земјите членки на ЕУ, таканаречениот КОРЕПЕР не даде зелено светло за рамката.
Македонскиот премиер Зоран Заев тогаш оцени дека државава ја добила првата блокада од Бугарија, па потоа се сретна и со неговиот бугарски колега Бојко Борисов, но по средбата не беше постигнат конкретен напредок.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG