Достапни линкови

Македонските производители (не)информирани за земјоделските иновации


илустрација

Климатските промени ќе го променат и пристапот на земјоделците кон производството и тие ќе мора да се насочат кон примена на нови технологии што ќе овозможат одржливо производство, велат земјоделските експерти. Земјоделците пак, велат дека немаат пари за нови технологии, а им недостасуваат и знаења.

Поради проблемите кои ги предизвикуваат климатските промени, а кои се одразуваат на квалитетот и квантитетот на производството, земјоделските експерти апелираат земјоделците да применуваат иновации и нови технологии кои ќе придонесат за развивање на поеколошко и поефикасно производство.

Но, многу мал дел од македонските земјоделци се информирани за модерните земјоделски технологии и иновации. Дел од нив велат дека не слушнале за новините во земјоделството, а други пак се жалат дека немаат доволно средства за да ги применат новите технологии во својата работа.

Се нема пари за ѓубрива и трактори, а не пак иновации

„Ќе биде тешко земјоделците да ги прифатат промените. Се работи за една популација во поодминати години кои се научени да работат на друг начин, но има и такви кои прифаќаат нови технологии. На пример на почетокот беше чудно да се користи системот капка по капка за наводнување, но еве во струмичкиот регион сега многу се користи. Понатаму почвата се храни со ѓубрива, а многу од земјоделците немаат едукација за тоа колкава количина и во која фаза од производството се ставаат тие ѓубрива“, вели Ристо Велков од Синдикатот на индивидуални земјоделци во Струмичкиот регион.

Тоде Лазаревски од Битолско со години обработува пченица, јачмен и пченка. Вели дека од кога почнал да се занимава со земјоделство, па се до денеска, ја користи истата механизација за обработка на површините, а не размислува ниту да се преориентира кон производство на други култури.

„Јас користам стара механизација и цел живот обработувам житни култури. Не можам да си дозволам нешто помодерно. Годинашната сеидба на пример ми е сеидба без вештачки ѓубрива, зошто цената на ѓубривата драстично се зголеми. Ланската година азотното ѓубре беше 600 денари, годинава е 2000 денари. Не можам да си дозволам некаква земјоделска иновација. Кај нас во Прилепско-Битолскиот крај, има само еден процент од земјоделците кои купиле нов трактор на пример, а да не зборуваме за некои посовремени методи за производство на некои култури, тоа чини и пари и знаење треба“, вели Лазаревски.

Наука и климатските промени

Просечната температура во последниве десетина години се зголемила за скоро 2 степени, а намалувањето на квалитетот и квантитетот на производството се реални проблеми. Упатените велат дека е потребна едукација на терен и дека на земјоделците треба добро да им се објасни кои се предностите од примената на нови земјоделски методи при производство на одредени култури.

Професорот по заштита на растенијата Илија Каров вели дека во овој момент науката не е подготвена за новини во земјоделството. Потребна е долгорочна стратегија за насочување на производство кон семенски материјал од оние култури кои се издржливи на суша, кои се со пократка вегетација, а сепак да даваат одредени резултати, вели Каров.

„Се очекува климатските промени да донесат многу сушни периоди, а ние како мала земјоделска држава мора да им помогнеме на производителите кои сега не се едуцирани да им се укаже дека мора да се подготвуваат да бидат застапени само оние култури кои се издржливи во одредени услови. Ние не водиме сметка за тоа кои култури ќе ги засадиме, но сепак како држава мора да се фокусираме и да анализираме кои сорти во одредени сушни периоди издржуваат даваат резултати и постои економска оправданост од нивно натамошно ширење и производство“, вели професорот Каров.

Иновација во земјоделството е, на пример, вкрстувањето на различни сорти за да се дојде до сорта којашто ќе биде издржлива на суша.

„Треба да им се објасни на луѓето, дека во одредени подрачја условите се сушни и дека е добро дека за да се покријат трошоците, добро е да се садат тие и тие конкретни култури. Но тешко е, без поддршка од политиката. Одредени поранешни министри од одредени партии не водеа сметка на пример, за оризот, се увезуваа секакви сорти и ние го изгубивме имиџот на подрачје со квалитетен кочански ориз“, посочува Каров.

Сезонски и без план

Земјоделците коментираат дека производството кај нас е сезонско и непланирано. Според нив поинаку би било кога државата би имала стратегија за планирано производство, односно да се произведе онолку колку што пазарот може да апсорбира. Од друга страна, велат дека покрај климатските промени зголемени се и основните средства за производство, односно горивата, препаратите, цените на сеидбата, работната сила, па и цените на храната.

Професорот Ордан Чукалиев работел на конкретни проекти кои на пример вклучуваат современи методи и иновации за рационално користење на водата во земјоделски цели. Тој вели дека постојат многу технологии во земјоделството кои можат да им ја олеснат работата на земјоделците, но дека на земјоделците им недостасува знаење.

„Се постигнуваат резултати, но многу често и се напуштаат тие практики. Ние ќе ја пренесеме технологијата, земјоделците со кои работиме, оние најнапредните, се одлични и брзо ги прифаќаат новините, но не постојано остануваат на истите технологии“, посочува професорот Чукалиев.

Според соговорниците, не постојат дигитални алатки кои ќе ви кажат кои сорти треба да се сеат, но со добра анализа и споредба на климатските фактори во одреден временски период може да се заклучи кои сорти во кои конкретни подрачја успеваат.

Земјоделските експерти укажуваат дека климатските промени и екстремните временски услови ги загрозуваат еко системите и безбедноста на храната па според тоа треба да се применуваат и земјоделски практики за производство на органски производи.

Инаку Македонија се смета за земјоделска земја, а земјоделството учествува со околу 11 проценти од вкупниот БДП на земјата. Според податоците на Државниот завод за статистика, во третото тримесечје од 2021 година, откупот и продажбата на земјоделски производи изнесува 4 978 219 илјади денари и во однос на истиот период од претходната година е зголемен за 0.7 %.

Кај откупот на земјоделски производи од индивидуалните производители е забележано зголемување за 3.6 %, додека кај продажбата на земјоделски производи од сопствено производство е забележано намалување за 4.3 %.

Според пописот на земјоделството (од 2007 година) над 436 800 членови на домаќинствата работат на индивидуалните земјоделски стопанства. Над 94 000 лица пак се сезонски ангажирани на индивидуалните земјоделски стопанства.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG