Достапни линкови

Македонските граѓани не ги толерираат „различните“


илустрација

Нивото на толеранција во земјава е многу ниско, покажува истражувањето на невладината МЦМС. Според социолозите главни виновници за оваа појава се слабостите на воспитно-образовниот систем, предрасудите во семејствата, но и пораките кои ги праќаат политичарите во јавноста

Над 50 проценти од македонските граѓани не сакаат да имаат сосед кој е припадник на ромската етничка заедница, а исто толку не сакаат да живеат во близина на имигранти, на лица со хендикеп или до припадници на субкултурните групи. Дури 91 процент од граѓаните одговориле дека не сакаат соседи кои се зависници од алкохол, а над 80 проценти од граѓаните одговориле негативно на прашањето дали би сакале да имаат соседи припадници на ЛГБТи популацијата.

Резултатите од истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) покажуваат ниско ниво на толеранција на македонските граѓани, иако за повеќето од нив е помал проблем ако соседите се од друга вера, друга политичка ориентација или ако до нив живеат невенчани парови.

Во воспитно-образовниот процес социолозите го гледаат главниот виновник за ниското ниво на толеранција во општеството. Професорот Илија Ацески вели дека мора да се работи на подобрување на перцепцијата дека секој што е поразличен од некој, е и полош.


„Кога општеството навлегува во една отворена криза која ги зафаќа сите сегменти, кога имате нестабилни политички односи и кога другиот кој е поразличен од вас почнува да се доживува во една искривена форма, тогаш кај поединецот се создава една таква општа претстава и нему почнуваат да му сметаат многу работи кои не се опасни за неговиот живот, но тој ги исклучува другите кои имаат поинакви сфаќања, кои се поразлични од него“, вели Ацески.

Анкетата на МЦМС покажала дека повозрасните се потолерантни од младите. Во однос на возрасните групи, интересно е да се напомене дека со зголемувањето на возраста испитаниците во поголем процент сакаат да живеат покрај наведените групи освен во случајот кога станува збор за зависници од дрога, алкохол и ЛГБТ-и заедницата.

Професорот Фатон Мурсели од катедрата за социологија на Тетовскиот Универзитет истакнува дека мора да се работи на подобрување на комуникацијата и меѓусебното разбирање кај луѓето во општеството.

„Треба да се работи на отстранување на бариерите кон одредени маргинализирани групи. Ние не треба да бегаме од нив, туку да им помагаме и да ги разбереме. Социјалната комуникација е најважна, а на неа треба да се работи и во семејството и во училиштата. Во целина ниската толеранција покажува дека треба уште да се работи во образованието и треба да се научиме да се однесуваме како цивилизирани луѓе,“ вели Мурсели.

Ниското ниво на толеранција македонските граѓани ја покажале многу пати во минатото. Пред неколку години протестот на жителите на Визбегово против дисперзираниот објект на Домот за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение, во нивната населба беше само еден од примерите кои ја покажаа нетолеранцијата кај дел од македонските граѓани.

Нашите соговорници велат дека треба да се работи на јакнење на свеста за откривање на заедничките вредности и да ги почитуваме разликите, односно тие да не се гледаат како хендикеп.

Ацески: И политичарите се виновни за ниската толеранција кај младите

Во анкетата, меѓудругото граѓаните одговарале и за тоа кои организации најмногу придонесуваат за поддршка на личните и потребите на заедницата.

Речиси една четвртина одговориле дека Синдикатите даваат најголема поддршка и за нив лично и за заедницата. Секој петти граѓанин ги гледа политичките партии во улога на најголеми поддржувачи на потребите, лични и оние на заедницата.

„Кога една млада личност го слуша говорот на омраза на политичарите, нивните говори на омраза, етикетите кои го слушаат за другиот, претпоставете што тој млад човек мисли за заедницата во која што живее. Тоа е една страшна состојба која ја живееме. Дека другиот кој е во политичка смисла различен од вас се нарекува со најпогрдни зборови. Како ќе создавате толеранција тогаш? Ако јас припаѓам на една партија која навидум треба да ги брани моите интереси, тогаш оној другиот којшто припаѓа на друга партија би требало да ги брани неговоите интереси, а тој е за мене голем непријател“, вели проф. Ацески.

Мурсели пак нагласува дека Македонија како земја кандидат за членство во Европската Унија мора да покаже поголемо разбирање и да докаже дека има ги почитува европските вредности.

„Влегувањето на Македонија во ЕУ не е само исполнување на технички услови, како што се хармонизација на нашите закони со ЕУ. Многу е важен и културниот напредок кој треба да го покажеме. Нашите граѓани имаат европски корени, но треба да ги негуваме и развиваме. Каков ќе биде тој напредок зависи и од политичарите и од медиумите и од невладиниот сектор кои треба да повеќе да работат на тоа да се подигне културата и меѓусебната толеранција на едно повисоко ниво“, заклучува професорот Мурсели.

Во анкетата на МЦМС испитаниците биле прашани и за оправданоста на некои појави за кои покрај законските ограничувања постојат и морални норми во општеството. Највисоки се бројките за неоправданост на семејното насилство, самоубиството, проституцијата и хомосексуалноста и се движат меѓу 87 проценти и 91 процент. За граѓаните, најмалку неоправдан е разводот.

Анкетата била спроведена на репрезентативен примерок од 1007 испитаници.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Што треба да знаете

XS
SM
MD
LG