Достапни линкови

Македонската економија ни ќар ни зијан од растот на доларот


Евра и долари.
Евра и долари.

Тоа што доларот и еврото се изнедначуваат значи дека земјава плаќа поскапо за увозот на производи во долари, но има и поголема заработка од извозот во долари. Најголем дел од трговијата Македонија го прави во евра, а ситуацијава не може многу да се искористи за да се зголеми извозот надвор од Европа

Растот на американскиот долар во однос на еврото нема да има значителни ефекти врз македонската економија. Со оглед на тоа што денарот е врзан со еврото, тоа значи дека македонскиот денар е ослабнат во однос на американскиот долар. Земјава плаќа поскапо за увозот на производи во долари, но има и поголема заработка од извозот во долари.
Сепак, над 90 отсто од надворешно трговската размена на Македонија е со европските земји, па падот на еврото нема да има директно влијание врз македонската економија.

Надворешниот долг на Македонија исто така е во евра, па нема да се зголемува поради курсна разлика.

Сепак земјава увезува и производи во долари, како нафта и гас, што може дополнително да ја продлабочи енергетската криза.

Може ли да се ќари од оваа ситуација?

Што се однесува, пак, до можноста поевтиниот денар да се искористи за зголемување на извозот надвор од Европа, за тоа е потребно повеќе време, вели претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Трајан Ангелоски. Според него, растот на доларот може да значи загуба за одредени сектори.

„Има одредени суровини што ги купуваме во долари, потоа производите ги трансформираме во процесот на производство и ги продаваме во евра во ЕУ. Значи нашиот влез е директно намален за онаа вредност на девалвацијата на еврото. Да беше можеби обратната ситуација, тогаш може ќе имавме зголемена количина на средства кои ќе ги добиеме“, вели Ангелоски.

Тој додава дека земјава не може многу да ќари од оваа ситуација и да го зголеми извозот на наши производи надвор од Европа.

„Теоретски да, практично треба да се работи да отвораме нови пазари со земји кои се изразени во долари, тоа се земји надвор од Европа, како Турција, арапските земји, Кина, земјите од Африка. Тоа е долгорочен процес, не верувам дека за краток период веднаш е потребен таков импакт“, вели Ангелоски.

Позитивни ефекти за дознаките од странство

Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски истражувања вели дека позитивните и негативните ефекти од тоа што доларот и еврото се изедначени ќе се компензираат и нема да има големи последици.

„Може да има некои позитивни ефекти од дознаките од странство, поради дијаспората во Америка, која праќа долари, кои сега ќе вредат повеќе. Инфлацијата може да биде малку повисока, поради цената на нафтата, која се изразува во долари и сега ќе биде поскапа. Јавниот долг е претежно во евра, така што нема да има некој ефект таму. Лицата кои имаат кредити во долари сега ќе имаат повисоки ануитети, иако доларските кредити во Македонија не се многу чести. Слично, лицата кои имаат заштеда во долари сега ќе имаат повеќе, па може и ќе трошат повеќе“, вели Јовановиќ за РСЕ.

Падот на еврото не е за изненадување

Економскиот аналитичар Ивана Велковска за РСЕ вели дека падот на еврото не е за изненадување имајќи предвид дека европската економија во моментот се оценува како поранлива од американската, токму поради војната во Украина и високата зависност од руски гас и нафта.

Велковска додава дека на краток и среден рок, за европската економија овој паритет на доларот и еврото значи дека нивниот увоз ќе стане релативно поскап и ќе претставува дополнителен притисок за и онака високата инфлација, додека нивниот извоз ќе стане поевтин и поконкурентен. Бидејќи европската економија е извозно ориентирана, ова е до одреден степен е и добра вест за нив, додава таа.

„Во однос на македонската економија, не верувам дека ќе има големи промени на краток и среден рок, затоа што македонскиот денар е врзан за еврото и нашата главна трговска размена е со европските земји. Од друга страна, бидејќи увозот на енергенсите е во долари, силниот долар ќе придонесе за уште поголем притисок на цените на гасот и нафтата и од тој аспект паритетот на еврото и доларот не е добра вест за македонската економија. Треба да се напомене дека доколку на долг рок, овој пад на еврото е предвесник на поголема контракција на европската економија, тогаш нивната рецесија во иднина ќе значи и наша рецесија“, вели Велковска.

Македонија најмногу извезува во ЕУ

Трговската размена на Македонија со земјите надвор од Европа е многу мала. Според податоците на Државниот завод за статистика за првите пет месеци од годинава, 78 проценти од трговската размена на Македонија е со земјите од ЕУ, а уште 11 проценти е со земјите од Западен Балкан. На земјите од Северноамериканската зона на слободна трговија, Организација на земјите извознички на нафта и нафтени деривати, Организација за економска соработка на земјите од Азиско-пацифичкиот регион и Заедницата на независни држави, вкупно отпаѓа само четири проценти од вкупната надворешна трговска размена, односно 135 милиони евра, од вкупно 3,35 милијарди евра за првите пет месеци од годинава.

Кина е најголемиот трговски партнер на Македонија надвор од Европа, а трговската размена во првите пет месеци била 362 милиони евра.
Трговијата со САД била 104 милиони долари.

Најголем трговски партнер на Македонија е Германија. Но, Германија е многу зависна од руски енергенси, а во светло на руската агресија врз Украина и обидот да се намали зависноста од Русија, тоа може да биде проблем.

Американскиот долар на светските берзи деновиве го надмина еврото и ја достигна највисоката вредност во последните 20 години. Според курсната лисна на Народна банка за 20 јули, едно евро се продава за 61,49 денари, а еден долар за 60,02 денари.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG