Достапни линкови

Што е следно откако Русија го намали гасот за Европа?


Русија во минатата недела ги намали испораките на гас за пет земји од Европската унија
Русија во минатата недела ги намали испораките на гас за пет земји од Европската унија

Не е летниот топлотен бран што ги препотува европските лидери и бизнисмени. Тие се плашат дека руската манипулација со испораките на природен гас ќе доведе до економска и политичка криза следната зима. Или, во најлош случај, уште порано.

Што се случи?

Русија во минатата недела ги намали испораките на гас за пет земји од Европската унија, вклучително и Германија, најголемата економија во блокот од 27 земји, која во голема мера зависи од гасот на Москва за производство на електрична енергија и енергетската индустрија.

Рускиот државен енергетски гигант Газпром го намали снабдувањето преку гасоводот Северен тек 1 што минува под Балтичкото Море од Русија до Германија за 60 насто, а тоа е најголемиот европски гасовод за природен гас.

Италија ја гледа нејзината понуда намалена за половина. Австрија, Чешка и Словачка, исто така, забележаа намалувања. Ова се надоврзува на исклучувањето на гасот за Полска, Бугарија, Данска, Финска, Франција и Холандија во последните недели.

Тие исклучувања првично се сметаа за помал проблем, бидејќи Полска, на пример, веќе постепено го исфрла рускиот гас, додека други имаа алтернативни набавки.

Сепак, најновите намалувања ги погодија земјите кои се големи економии и користат многу руски природен гас. Германија се потпира врз Русија за 35% во увозот на гас; Италија за 40%. Во моментов, залихите со гас се доволни за тековните потреби.

Зошто намалувањата загрижуваат?

Европа се обидува да ги наполни подземните складишта за гас пред зимата. Претпријатијата за гас работат со редовен ритам, полнејќи ги резервите во текот на летото – кога можат да купат гас поевтино - и потоа го намалуваат во текот на зимата додека побарувачката за греење расте. Намалувањата ќе го направат полнењето на складиштата поскапо и тешко остварливо.

ЕУ повика на рестартирање на гасоводот Франција-Шпанија поради „уцената“ на Кремљ

Овој потег, исто така, го приближи сеништето за целосно исклучување на рускиот гас што ќе ѝ оневозможи на Европа да го добие целото гориво што ѝ е потребно за зимата.

Природниот гас го користат неколку енергетски интензивни индустрии, како што се стаклари и производители на челик, кои веќе се соочуваат со повисоки трошоци, што пак ќе доведе до забавување на европската економија.

За производство на струја, гасот е извор на енергија што влегува кога обновливите извори како ветерот и сонцето генерираат помалку енергија поради непредвидливото време и кога потрошувачката на електрична енергија се зголемува при студено или топло време, како рекордниот топлотен бран во минатиот викенд во Европа.

Во моментов, подземните резервоари за складирање во Европа се полни 57%. Последниот предлог на Европската комисија е секоја земја да достигне 80% до 1 ноември, додека Германија постави цели од 80% до 1 октомври и 90% до 1 ноември.

Аналитичарите од тинк-тенкот „Бројгел“ во Брисел предупредуваат дека „Бугарија, Унгарија и Романија нема да ја исполнат целта на ЕУ од 80 насто ако продолжат со сегашната брзина“, додека „Германија, Австрија и Словачка ќе имаат многу тешко да ги наполнат своите складишта ако се запре протокот на гас од Русија“.

Што се презема?

ЕУ, која пред војната добиваше околу 40 насто од својот гас од Русија, ги претстави плановите за намалување на увозот за две третини до крајот на годината и целосно укинување на рускиот гас до 2027 година. ЕУ веќе соопшти дека ќе го блокира рускиот јаглен во август, а руската нафта за шест месеци.

Може ли Азербејџан да ѝ помогне на Европа да ја прекине зависноста од руски гас?

Целта е да се намалат 850 милиони долари дневно што Русија ги собира од продажбата на нафта и гас во Европа за да го спречи финансирањето на нејзината војна во Украина.

Европските влади и комунални претпријатија купија скап течен природен гас, или ЛНГ, од Соединетите држави што се испорачува со брод, наспроти гасот што доаѓа преку гасоводот од Русија и обично е поевтин.

Но, војната ги зголеми цените на енергијата, кои поттикнуваат рекордна инфлација во Европа и помагаат да се задржат високите приходи за Русија. Има напори да се добие повеќе гас од Норвешка и Азербејџан, додека забрзаното пуштање во употреба на обновливите извори на енергија се очекува да има помала улога.

Германија, која нема терминали за увоз на ЛНГ, носи четири пловечки терминали, од кои два треба да работат оваа година. И покрај фокусот врз обновливите извори на енергија, кризата ги турка земјите назад кон фосилните горива.

Германија брза со легислативата за рестартирање на електрани на јаглен како привремена лепенка и покрај плановите целосно да го напушти јагленот до 2030 година. Вицеканцеларот Роберт Хабек рече дека враќањето кон јагленот не е добро, но дека „во оваа ситуација, тоа е чиста потреба.“

Владата планира мерки да ги поттикне индустријата и комуналните претпријатија да користат помалку природен гас. Хабек исто така ги повика Германците да штедат енергија. „Употребата на гас мора дополнително да се намали, за да може повеќе гас да оди во складиште, инаку во зима, ќе биде тешко “, рече тој.

Холандската влада вели дека ќе им дозволи на електраните на јаглен повторно да работат со полн капацитет за да се зачува природен гас кој инаку би се користел за производство на електрична енергија.

Безбедноста на гасот во Европа е кревка и покрај сите тие мерки. Терминалите за извоз на течен гас во земјите што произведуваат енергија како САД и Катар работат со полна брзина, што значи дека Европа конкурира против Азија за конечни резерви.

Плус, експлозијата и пожарот на извозниот терминал во Фрипорт, Тексас, со месеци одзеде петтина од извозниот капацитет на САД, предизвикувајќи уште едно згрозување на пазарот на гас. Најголем дел од извозот на терминалот се насочува кон Европа, соопшти Ристад енерџи.

„Ситуацијата на европскиот пазар на природен гас дополнително ескалира“, вели аналитичарот за стоки Карстен Фрич од Комерцбанк Рисрч, посочувајќи на експлозијата и планираното прекинување на одржувањето на Северен тек 1 што нема да значи дека нема да тече гас низ гасоводот од 11 до 21 јули.

Итно потребната акумулација на залихи на гас за зимските месеци затоа може да попушти“ и цените веројатно ќе бидат уште повисоки.

Што е играта на Русија?

Гаспром вели дека морал да го намали протокот кон Европа преку Северен тек 1, бидејќи западните санкции заглавиле клучен дел од опремата во Канада, каде што била однесена за одржување. Европските влади намалувањето на гасот го нарекуваат политички потег.

Чекорите на „Газпром“ ги зголемија цените на природниот гас, откако тие паднаа во пресрет на зимската грејна сезона. Тоа го зголемува приходот за Русија во време кога е под притисок на западните економски санкции и дополнително го нагласува Европа бидејќи и дава политичка и воена поддршка на Украина.

Потезите на Газпром, исто така, може да се гледаат како повратен одговор на западните санкции и како пречка за наметнување дополнителни казни. И поголемите корисници на гас се известени дека, исто како и помалите, не се ослободени од можното прекинување.

Германија и Италија забележаа намалување на нивните испораки околу времето кога нивните лидери му се придружија на францускиот претседател Емануел Макрон во Киев за да се сретнат со претседателот Володимир Зеленски и да го поддржат статусот кандидат за ЕУ за Украина.

Дали Европејците ќе мрзнат оваа зима?

Тоа е малку веројатно затоа што правилата на ЕУ наложуваат владите да го рационализираат снабдувањето со гас за индустријата за да бидат поштедени домовите, училиштата и болниците. Земјите на кои им недостига гас, исто така, може да побараат помош од други кои можеби се во подобра состојба.

Рускиот гас може да секне, на алтернативи уште се чека

Негативната страна на рационализирањето би биле индустриските намалувања и затворања кои би можеле да ги погодат работните места и растот на економијата веќе притисната од високата инфлација и стравувањата од глобално забавување додека централните банки ги зголемуваат каматните стапки.

Во меѓувреме, целосното прекинување би можело да ги зголеми цените на гасот кон нивниот рекорд од 206 евра за мегават час од 7 март, што дополнително ќе ја поттикне инфлацијата.

На почетокот на 2021 година, пред Русија да собере војници на границата со Украина, гасот на чинеше околу 19 евра за мегават час.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG