Достапни линкови

Македонија носи суверени одлуки - одговор на руската осуда за тенковите за Украина


Архивска фотографија од воена вежба на Армискиот полигон Криволак
Архивска фотографија од воена вежба на Армискиот полигон Криволак

По реакцијата на руското МНР дека донацијата на македонските тенкови е голема грешка, од македонското МНР и МО ја потврдуваат поддршката на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина и додаваат дека Северна Македонија е суверена држава која одлуките ги носи самостојно

Република Северна Македонија е суверена држава која одлуките ги носи самостојно водејќи се од принципите на почитување на меѓународното право, се вели во заедничкото соопштение од Министерството за надворешни работи и Министертвото за одбрана, откако претходно руското МНР ја осуди донацијата на македонските тенкови за Украина.

Министерствата потсетуваат дека Северна Македонија уште од самиот почеток ја осуди воената интервенција во Украина и застана во поддршка на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина, а пред се во поддршка на мирот, човековите права и меѓународниот поредок заснован на правила.

“Досега, Владата на Република Северна Македонија донесе неколку одлуки за воено – техничка помош со кои и помагаме на Украина во одбрана на својот територијален интегритет кој е загрозен од воената интервенција“, соопштија двете министерства.

Владата практично ги реализира овие одлуки за помош на Украина, а минатата недела беше потврдено дека се испратени тенкови како помош за Украина без да се наведе нивниот број. Тоа значи дека во наредниот период ќе следува уште помош во воена техника за Украина, но овие одлуки се од доверлив карактер.

Тенковите коишто Северна Македонија и ги испрати на Украина се истите кои таа ги купи од Украина во времето на конфликтот во 2001 година.

Денеска Москва ја осуди македонската воена помош за Украина. Како што изјави портпаролката на руското МНР Марија Захариева, Русија смета дека донацијата на Mакедонија на тенковите „Т-72“ на Украина е „голема грешка што само ќе помогне во криминалните дејствија на режимот во Киев“.

„И покрај тоа што, според северномакедонските власти, тоа е „безопасна“ донација на застарена опрема, останува фактот дека лојалното кон НАТО Скопје е вклучено во испораката на оружје а Украина, со што придонесува за продолжување на криминална активност на режимот во Киев против цивилното население во Донбас. Луѓето кои се залагаат демократија, слобода и човекови права треба да го знаат тоа. Сето ова води кон дополнително влошување на ситуацијата. Сметаме дека ова е голема грешка на раководството на Северна Македонија“, вели Захарова во изјавата објавена на веб страницата на МНР на Русија.

Македонските министерства на ова со објаснување дека потегот на Сееверна Македонија е во рамки на језиното членство во НАТО. “ Република Северна Македонија како членка на најмоќниот воено – политички сојуз – НАТО, одлучно стои зад позицијата и решителноста на Алијансата да биде гарант на мирот и безбедноста на своите земји-членки и да ги штити вредностите, слободата и безбедноста на сегашните и идните генерации“.

Пред неколку дена Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија потврдија дека и се донирани тенкови на Украина, истакнувајќи оти се работи за тенкови од третата генерација, а со оглед на развојот на технологијата, неконкурентни и некомпатибилни.

Од Министерството без да го наведат бројот на донираните тенкови информираат дека дополнително во наредниот период би требало да се трошат ресурси за уништување на тенковите, што според нив е нецелисходна активност за нашата Армија.

„Согласно донесените Одлуки од страна на Владата, Република Северна Македонија во неколку наврати донираше воена опрема за Украина во согласност со нивните барања и потреби, а во координација со сојузниците. Северна Македонија како кредибилна членка на НАТО, во линија со сојузниците и партнерите, почитувајќи го територијалниот интегритет, суверенитет и правото на самоодбрана на Украина, притоа строго осудувајќи ја агресијата на Русија на Украина, ги донесе овие Одлуки да упати помош на Министерството за одбрана на Украина, со одредена количина на материјални средства, наведува Министертвото за одбрана.

Оттаму додаваат дека Северна Македонија во наредниот период ќе изврши трансформација, односно расформирање на тенковскиот баталјон и ќе се пристапи кон воспоставување на модерни и современи противоклопни способности и капацитети во Армијата.

Инаку на 28 февруари годинава Владата донесе одлука за донирање на воени средства и опрема за вооружените сили на Украина, со што се придружи на сеопфатната поддршка на сојузниците во НАТО и партнерите во ЕУ. Претходно голем дел земји поединечно одлучија да и испратат воена помош за Украина, откако Русија започна воената инвазија на 24 февруари. Од Владата тогаш соопштија дека видот на средства кои се донираат се согласно барањата на Украина.

Два месеци по владината одлука, министерката за одбрана Славјанка Петрова потврди дека како земја членка на НАТО, Северна Македонија веќе понудила соодветна помош на украинскиот народ.

„Помошта за Украина се испорачува во повеќе фази. Се разбира дека заради доверливоста тоа не го соопштуваме, но ги соопштивме двете одлуки кога донесовме одлука за таква донација,“ изјави тогаш Петрова.

Бугарија и Унгарија- единствените НАТО членки кои не пратија воена помош на Украина

Бугарија и Унгарија останаа единствените две земји во НАТО кои не обезбедуваат директна воена помош за Украина.

Полска и Словенија донираа тенкови, но и лесно оружје, шлемови, панцири и друга опрема на Украина. Словачка го донираше својот противвоздушен систем C-300. Грција и Финска донираа муниција, пушки и ракетни фрлачи. Луксембург испрати противтенковско оружје.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок порача дека нејзината земја ќе продолжи да испраќа оружје и друга поддршка за Украина дури и ако Русија целосно го прекине снабдувањето со гас за Европа.

Украина доби дополнителна воена помош и од Велика Британија и Франција, а пред два дена Соединетите Држави објавија нов пакет со оружје за Украина, вклучувајќи муниција за ракетни фрлачи и топови за кои украинските воени претставници велат дека се клучни во борбата за одбивање на руската армија и напад на нејзините линии за снабдување.

Новиот пакет од 550 милиони долари ќе вклучува повеќе муниција за напредни ракетни системи со висока подвижност, инаку познати како ХИМАРС, како и муниција за артилерија.

Дваесет земји ветија нова воена помош за Украина во нејзината битка против руски воени сили, објави американскиот секретар за одбрана Лојд Остин по вториот состанок на Украинската контакт група. Данска се согласи да и обезбеди на Украина ракетен фрлач и ракети од моделот „Харпун“ за „да и помогне на Украина да го одбрани своето крајбрежје“, рече Остин на прес-конференцијата.

Чешка се согласи да испрати „значителна поддршка“ за Украина, вклучително и „неодамнешна донација на хеликоптери, тенкови и ракетни системи“, додаде Остин.

Киев ги моли западните земји за повеќе тешка артилерија, вклучително и хаубици и ракетни фрлачи, велејќи дека неговата земја има 10 пати помалку оружје од Русија.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG