Достапни линкови

Вести

Гир- Немам магична топка за да знам што ќе се случува годинава

Архивска фотографија, евроамбасадорот Дејвид Гир

Стартот на преговорите за членство и со Северна Македонија и со Албанија останува главен приоритет за ЕУ. Фокусот сега е на постигнување договор меѓу земјите членки за преговарачката рамка, додека истовремено Софија и Скопје работат со цел постигнување договор за билатералните прашања, изјави денеска евроамбасадорот Дејвид Гир.

Тој на амбасадорската тркалезна маса „Пристапувањето на Западниот Балкан кон ЕУ: долга, (не)завршена приказна – Одржливост на македонскиот надворешнополитички курс“, во организација на Советот на амбасадори, посочи дека нема магична топка за да знае што ќе се случува претстојнава година.

Пендаровски најави посета на бугарскиот колега Радев

Тој во својот говор го поздрави новиот интензивен контакт меѓу Бугарија и Северна Македонија, за кој посочи дека дава „свеж поттик за билатералните врски“ и дека ЕУ ги поддржува и Софија и Скопје да го искористат моментумот за изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за постојните билатерални прашања, со што ќе се отвори патот за што е можно побрзо одржување на првата меѓувладина конференција.

„Отворањето на преговорите ќе биде пресвртница за евроинтеграциите на државата. Ќе означи интензивирање на практичните напори на Северна Македонија за усогласување со европското законодавство и стандарди. Многу од одговорностите ќе ги понесе Владата, но ќе бара и структурно и експертско вклучување во процесот на преговори, додека истовремено ќе се продолжи со реформите. Партиите од опозицијата ќе треба да продолжат со конструктивен придонес, особено преку работата во Парламентот, додека Собранието ќе треба да ја зајакне својата улога, како форум за конструктивна политичка дебата, особено за ЕУ реформската агенда“, изјави Гир.

Тој додаде дека предизвикот за Северна Македонија е да го задржи, но и зголеми нивото на реформи, особено во клучните области.

види ги сите денешни вести

Украина соборила 33 руски ракети и дронови, пет експлозии во Курск

Илустрација

Украинската противвоздушна одбрана собори 15 крстосувачки ракети и 18 ирански беспилотни летала Шахед кои Русија ги истрела кон Киев, соопшти Генералштабот на украинските сили. Украинската армија и градското собрание на Киев не известија за жртви.

Руските интензивни ракетни и беспилотни напади врз целата територија на Украина доаѓаат во време кога се очекува да започне украинска контраофанзива на фронтот. Властите во Киев со месеци известуваат за таков потег.

Пред еден ден, по нападот на Киев, загинаа три лица, меѓу кои и едно дете.

Денеска, 2 јуни, пет експлозии се слушнале во рускиот град Курск. Ова го известуваат локалните жители во каналите на Телеграм. Малку подоцна гувернерот на руската област Роман Старовоит објави дека нападите се резултат на украински напад.

„Неколку украински беспилотни летала беа соборени од воздушната одбрана во близина на Курск“, рече тој, опишувајќи го нападот како „уште еден“ од Украина. Тој додаде дека во некои делови од градот е прекинато снабдувањето со електрична енергија.

Од почетокот на инвазијата, официјални лица од регионите на Русија кои се граничат со Украина често известуваат за напади. Од оваа територија често се вршат бомбашки напади врз Суми, Чернихив, Харкив и други делови на украинската територија.

Шпанска католичка црква: 728 наши членови сексуално злоставиле 927 малолетници

Илустрација

Шпанската католичка црква објави дека 728 нејзини членови сексуално злоставувале најмалку 927 малолетници во периодот од 1945 до 2022 година. Тој број не е конечен бидејќи црковните центри за жртви се уште работат, се вели во извештајот, објави МИА, повикувајќи се на шпанскиот весник „Ел Паис“.

Весникот пишува дека тие бројки се однесуваат само на случаи за кои Црквата станала свесна откако отворила канцеларии за пријавување злоупотреба во 2019 година. Бискупите се уште не одговараат на прашањата за колку случаи биле запознаени пред тоа, пишуваат шпанските медиуми.

„Ел Паис“ им нуди можност на жртвите на сексуално насилство во Католичката црква да го пријават тоа преку Интернет од 2018 година, а оттогаш тоа го сториле 1.957 луѓе. Во извештајот на Црквата се наведува дека 99 отсто од насилниците се мажи, како и 82,62 отсто од жртвите, пренесе МИА.

Една третина од насилниците се уште се живи, а 80 отсто од случаите се случиле пред 2000 година.

Швајцарија одби трансфер на нејзино оружје за Украина

Илустрација - Зградата на швајцарскиот Парламент

Швајцарскиот парламент го отфрли предлогот да се дозволи трансфер на оружје во Украина , јави ДПА. Мнозинството членови на швајцарскиот национален совет (долниот дом на парламентот, со 200 пратеници) гласаа против предлогот, изготвен од комисијата за безбедносна политика на комората.

Федералното собрание на Швајцарија е дводомно – горниот дом се нарекува Кантонален совет и вклучува 46 пратеници, потсетува ДПА.

Предложениот „Закон за Украина“ (Лекс Украина) ќе им овозможи на другите земји да ја снабдуваат Украина со воени материјали од швајцарско производство. Сепак, законите на земјата забрануваат давање поддршка на земјите вклучени во непријателствата.

Досега, Швајцарија одбиваше да ѝ дозволи на Германија да му ја предаде на Киев швајцарската муниција за германските тенкови Леопард купени пред неколку години.

Во Охрид ќе се чествува годишнината од доделувањето на Томосот за МПЦ-ОА

Поглаварите на МПЦ-ОА и СПЦ

По повод годишнинатата од доделувањето на Томосот за автокефалност на Македонската православна црква - Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) од страна на Соборот на Српската православна црква (СПЦ) на 5 јуни во црквата „Света Софија“ во Охрид ќе се одржи света архиерејска литургија, објави МИА.

„Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА го повикува македонскиот богољубив народ да земе молитвено учество на света архијерејска литургија по повод годишнината од доделувањето на Томосот за автокефалност на МПЦ-ОА од страна на Соборот на Српската православна црква, на 5 јуни 2023 година, на празникот на Светиот Дух, во Катедралниот храм на Охридските Архиепископи – „Света Софија“ во Охрид. Литургијата е со почеток од 9 часот“, соопшти Канцеларијата на Светиот архијерејски синод на МПЦ – ОА.

Светиот архиерејски синод на Српската православна црква на заседанието на 20. минатиот месец донесе одлука за доделување канонски отпуст на Православната Охридска Архиепископија (ПОА) и интегрирање во МПЦ-ОА.

Рубин: Русија ги користи медиумите за да ја намали поддршката на Балканот за НАТО

Џејмс Рубин

Кремљ ги користи „информациите како оружје за војна“ за да ги подели сојузниците на Соединетите Држави на Балканот, а медиумите во регионот мора да ги засилат напорите за откривање на руската дезинформација и нивно одвојување од вистината, изјави американскиот дипломат Џејмс Рубин во интервју за Радио Слободна Европа.

Рубин, координатор на САД во Центарот за глобален ангажман на Стејт департментот, ги повика медиумите во регионот да ги засилат напорите за идентификување на руските дезинформации и да ги разликуваат од вистинските информации.

Според него, Кремљ го гледа тоа како компонента на поширока стратегија бидејќи, како што вели, Русија знае дека не може идеолошки да доминира во војната во Украина со конвенционални или традиционални средства.

„Тие се обидуваат да ја искористат секоја техника за да го поделат Западот во неговата поддршка за Украина“, рече тој, во интервјуто за бугарскиот сервис на Радио Слободна Европа во Софија, една од постојките за време на неговата актуелна европска турнеја.

Една година Стратешки дијалог Северна Македонија - САД

Илустрација - Амбасадорката Агелер и министерот Османи

Северна Македонија и САД денеска одбележаа една година од меѓусебниот Стратешки дијалог , што беше одржан на 2-ри јуни 2022 година, во Вашингтон. Дијалогот беше лансиран од страна на министерот за надворешни работи, Бујар Османи и државниот секретар на САД, Антони Блинкен, со што беше отворено ново поглавје во билатералните односи и меѓу двете земји.

Денешната годишнина од Стратешкиот дијалог со видео порака ја одбележаа шефот на македонската дипломатија Бујар Османи и американската амбасадорка во Скопје, Анџела Агелер.

“Како стратешки партнери, ни претстојат бројни активности со цел адресирање на предизвиците на земјава како што е натамошно зајакнување на нашиот автентичен модел на функционална мултиетничка демократија, борбата против корупцијата, инвестициите во инфраструктурата, но и интеграцијата на земјава кон ЕУ, што е наш заеднички стратешки интерес”, истакнува Османи.

Амбасадорката Агелер реафирмирајќи ја силната поддршка за нашиот евроинтегративен процес, порача: “Соединетите Американски Држави отсекогаш биле и секогаш ќе бидат, ваш постојан поддржувач и најголем пријател. Ќе бидеме со вас рамо до рамо додека ги постигнувате вашите цели за безбедност, просперитет и можност во рамки на европската заедница.”

Борел побара нови избори на Косово со учество на Србите

EU-USA/ENERGY

Одржување на нови избори на северот на Косово, обезбедување учество на Србите во нив и формирање на Заедница на српски општини се нашите „три јасни барања“, изјави високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската Унија (ЕУ), Жозеп Борел.

Тој во објава на својот Твитер профил наведе дека доколку тоа не се направи ќе има сериозни последици за односите со ЕУ. Високиот претставник изјави дека овие барања биле соопштени на средбата со претседателите на Србија и Косово, Александар Вучиќ и Вјоса Османи.


Како што пренесуваат новинските агенции, тој објавил дека на самитот на европските лидери во Молдавија разговарал со Вучиќ и Османи за „опасната ситуација на Косово“.

Во северно Косово петти ден Србите протестираат против стапувањето на функција на албански градоначалници во општините со мнозинско српско население. на 29 мај имаше и жестоки судири во кои имаше повредени и демонстранти и припадници на КФОР и на косовската полиција. Последните неколку протести поминаа мирно. Западот го зголемува притисокот врз Приштина, а спрскиот претседател Александар Вучиќ се обврза да направи се за смирување на ситуацијата.

Русија тврди дека одбила украински напад, нов удар со дронови врз Киев

Илустрација

Русија соопшти дека „одбила нов украински напад“ врз пограничниот регион Белгород, откако Киев повторно бил цел на напади со беспилотни летала рано наутро во петокот, 2 јуни, пренесува Ројтерс.

Според градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, никој не бил убиен во тие напади.

Во меѓувреме, гувернерот на руската западна област Брјанск рече дека украинските сили гранатирале две села во близина на границата со Украина, додека гувернерот на соседната област Курск рече дека некои згради биле оштетени во напад со беспилотно летало во текот на ноќта.

Беспилотни летала со долг дострел, исто така, погодија два града во областа Смоленск во текот на ноќта, изјави локалниот гувернер, додека шефот на руската област Калуга рече дека е пријавена експлозија во шумата.

Нема извештаи за повредени. Ројтерс не можеше веднаш да ги потврди пријавените напади.

Руските власти известија за зголемени напади од северна Украина во последните денови. Министерството за одбрана соопшти дека нивните сили одбиле три прекугранични напади на украинските „терористички формации“ во регионот на Белгород во четвртокот, што е прв таков упад.

Украина негира дека нејзината војска е вмешана во упадите и вели дека тие се предводени од руски доброволци.

Нови американски оклопни возила за македонската Армија

Оклопните возила денеска, 2 јуни 2023, пристигнаа во армиската касарна во Штип

Министерството за одбрана денеска, 2 јуни, информираше дека пристигнал воен конвој со новите возила на македонската армија – лесни оклопни возила JLTV Oshkosh, кои се од американско производство.

Според објавата на министерката за одбрана Славјанка Петровска на Фејсбук, овие оклопни возила се дел од процесот за модернизација и опремување на Армијата на Република Северна Македонија согласно НАТО стандардите и истите ќе бидат поддршка на Лесната пешадиска баталјонска група во Штип, која воедно е нашата НАТО единица.

Проектот „Набавка на лесни оклопни возила на тркала“ е започнат во 2019 година со склучување на Договори помеѓу Владите на Република Северна Македонија и САД, а досега се пристигнати 32 возила од овој тип.

Времето денеска сончево, со мала облачност

Времето денеска претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност, попладне ќе биде нестабилно со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Наместа ќе има поинтензивни процеси во форма на краткотрајно невреме со силен ветер и услови за изолирана појава на град, информираше Управата за хидрометеоролошки работи.

Во Скопје претпладне сончево со мала до умерена облачност, попладне ќе биде нестабилно со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината ќе има поинтензивни процеси во форма на краткотрајно невреме со силен ветер и услови за изолирана појава на град.

Утре времето ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност, попладне наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално и во форма на краткотрајно невреме со силен ветер и услови за изолирана појава на град.

Во Скопје претпладне сончево со мала до умерена облачност, попладне ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината ќе има поинтензивни процеси во форма на краткотрајно невреме со силен ветер и услови за изолирана појава на град. Дневните температури ќе се движат од 18 до 19 степени.

Ковачевски - Ако не се случат уставните измени ќе имаме изолација како таа од 2006 до 2016 та- година

Премиерот Димитар Ковачевски на Самитот на Европската политичка заедница во Молдавија на 01.06.2023

Собранието да ја донесе вистинската одлука која ќе овозможи просперитет и европска иднина за граѓаните на Северна Македонија е пораката која произлезе од средбата на македонскиот премиер Димитар Ковачевски со претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, на маргините од вториот Самит на Европската политичка заедница кој се одржува во Кишињев, Молдавија, се вели во владиното соопштение.

Премиерот Ковачевски по одржувањето на Самитот во Молдавија на прес конференција изјави дека една од темите била и проширувањето на Европската Унија(ЕУ), каде била искажана јасната подготвеност на ЕУ за отворена врата за нови земји членки.

Тој вели дека кога станува збор за македонскиот евроинтегративен пат кој зависи од уставните измени со кои ќе се вметнат Бугарите во Преамбулата е рационален оптимист, затоа што во спротивност на државата ќе и следи изолација.

„Дали сум оптимист – јас сум рационален оптимист, верувам во целта и работам на тоа таа цел да се оствари. Што ако не се случат уставните измени. Ако не се случат уставните измени ќе го имаме тоа што го имавме од 2006 до 2016 година. Наместо интеграција ќе имаме изолација, а видовме како изгледа изолација. Без инфраструктура, заробена држава, за слобода на медиуми бевме на 130 место сега сме 38 место во светот, владеење на право окарактеризирани како хибриден режим а сега за една година 19 места скок, еве вие сте медиуми и никој не ви кажува што да прашате, нити како ќе ви изгледаат вестите, нити некој ви се јавил од мојот кабинет какво прашање да ми поставите“, изјави Ковачевски.

Тој дополнително во својот говор се повика на изјавата на холандскиот амбасадор во Скопје Дирк Јан Коп кој во интервјуто за Радио Слободна Европа изјави дека Холандија стави во мирување проект наменет за Судскиот совет поради тоа што ова тело станало нелегитимно.

„Еве јас ќе се повикам на изјавата на холандскиот амбасадор кој упати порака до институции кои се корисници на холандска помош а кои не се во надлежност на владата, кои на транспарентен начин ќе треба да дадат отчетност за што ги користат средствата, дали ги унапредиле процесите, секоја институција треба да биде одговорна“, изјави Ковачевски.

Според него пораките од пораките на претседателката на Европската Комисија Урсула вон дел Лајен и франуцскиот претседател Емануел Макрон се во насока на изнаоѓање на начини како државите кои се дел во преговори со ЕУ да можат и пред влегување во ЕУ да ги користат бенефитите од членството во ЕУ.

„Затоа велам дека сум рационален оптимист, верувам во целта и работам за да ја исполнам таа цел, затоа што на Северна Македонија и е потребна интеграција во ЕУ, а не изолација самата со себе“ изјави Ковачевски.

Руските разузнавачи обвинуваат- хакирани се Ајфони на дипломати

Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) тврди дека илјадници мобилни телефони од брендот Ајфон на руски дипломати во странски земји претрпеле масовен хакерски напад. Во соопштението на 1 јуни е наведено дека хакерите наводно ги нападнале „Ајфоните“ на дипломатите кои работат во руските амбасади и конзулати во земјите кои се членки на НАТО, поранешните советски републики, како и во Кина, Израел и Сирија.

Во соопштението не се дадени никакви детали или докази за наводниот сајбер напад, само се вели дека „непозната“ апликација која цели на ранливи делови на оперативниот систем iOS била користена од хакерите.

„Информациите добиени од руските специјални служби укажуваат на блиска соработка меѓу американската компанија Apple со националната безбедносна заедница, поточно со американската Агенција за национална безбедност (НСА) и потврдува дека декларираната политика за обезбедување доверливост на личните податоци на корисниците на Уредите на Apple не соодветствуваат на реалноста“, се вели во соопштението на ФСБ, без да се даде каква било информација за поткрепа на тврдењето.

Од американската компанија „Apple“ и американската Агенција за национална безбедност сè уште не ја коментираат изјавата на руската федерална служба.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пред новинарите во Москва посочи дека соопштението на ФСБ „заслужува внимание иако нема овластување“ да се ограничи употребата на iPhone од страна на официјални лица.

Песков додаде дека додека некои од функционерите на Кремљ користат „iPhone“, почнале да ги заменуваат своите телефони со други брендови.

Руските медиуми во март објавија дека на некои руски функционери, наводно, им било кажано да ги отфрлат своите телефони од брендот Ајфон поради безбедносни ризици. Ајфон и НСА претходно се судрија околу обезбедувањето на таканаречената задна врата за да се овозможи пристап до податоците на корисниците. Компанијата таквите барања жестоко ги одби.

Во 2021 година, беше регистриран масовен упад во производите на „Apple“ преку шпионската програма Пегазус, создадена од израелската компанија, „NSO Group“. Програмата ја користеа разузнавачите на други земји. „Apple“ ја тужеше NSO Group.

„Apple“ ја запре директната продажба на „iPhone“ телефони во Русија минатата година поради целосната инвазија на Кремљ на соседна Украина. Сепак, сè уште постојат легализирани програми за увоз за внесување на телефоните во земјата и нивно продавање без дозвола на компанијата.

Груби- Антикорупциска доби редактирана верзија од Договорот со „Бехтел и Енка“

Антикорупциската Комисија добила редактирана верзија од Договорот со американско- турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за изградбата на коридорите 8 и 10-д. Ова го изјави на 1 јуни вицепремиерот Артан Груби откако денеска членовите на Државната комисија за спречување на корупција се пожалија дека сè уште не го добиле целиот договор за да можат да работат на предметот кој што го отворија по допрен глас.

Груби на денешниот настан по повод почнување со геомеханичките испитувања на почвата за изградбата на автопатот Тетово-Гостивар изјави дека Антикорупциска нема да го добие целосниот договор.

„Согласно договорот што е потпишан, има клаузула за доверливост. За да се достави до медиумите, Собранието и до ДКСК или која било друга институција, освен Јавното обвинителство, мора да има согласност од двете страни, односно од Владата и од конзорциумот „Бехтел и Енка“. Тие ни доставија редактирана верзија којашто е доставена до ДКСК за разгледување. Целосната верзија од договороте доставена само со Јавното обвинителство“, изјави Груби.

ДКСК отвори предмет за проектот за изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д за којшто е потпишан Договор со „Бехтел и Енка“ по објавите во медиумите околу постапката на изборот на фирмите за надзор, а предмет по допрен глас отвори и Јавното обвинителство.

Опозицијата и понатаму бара договорот да биде јавно објавен а во Собранието не е одредена Комисијата на која ќе се разгледува договорот односно на која преставаници на Владата ќе презентираат на што се обврзала Владата, а на што Конзорциумот.

Во однос на најавата на Сојузот на Синдикати на Македонија дека ќе ги оспори на Уставен суд новите измените на Законoт за работни односи, вицепрмиерот и Координатор на проектот, Груби, вели „тоа нема да се случи“.

„Нема да паднат на Уставен. Не верувам дека ќе паднат на Уставен. Не гледам причина зошто би имало иницијатива до Уставен затоа што никаде во законите не се споменува спорната бројка од 60 работни часови“, изјави тој.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми на денешниот промотивен настан изјави дека сега почнува процесот на геомеханички испитувања на земјата.

„Паралелно ќе одиме со проектирање, паралелно одиме со подготвување на елаборати за експропријација и паралелно одиме со мобилизација на градба. Во моментот кога ќе ги имаме експроприрана дел од трасата и проектирање веднаш ќе почнеме и со градбата на Коридорот 8, изјави Рустеми.

Според проценките на Владата изградбата на Коридорите 8 и 10-д со вкушна должина од околу 110 километри ќе чини 1,5 милијарди евра. По официјализирањето на примената на Договорот, во тек се подготвителни активности за претстојните градежни работи на терен.

Коридори 8 и 10: Каде поминуваат, што е изградено, а што ќе се гради?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:07 0:00

Уште од самиот почеток овој проект го следат контроверзии. Прво се заобиколија закони и се донесе нов закон „во четири очи“ за таа цел. Имаше проблеми и со изборот на надзор. Првиот обид пропадна поради руска врска, а и вториот се поврзува со скандали со фирмите за надзор.

Официјално, почетокот на изградбата на Коридорот 8 беше означен на свечена церемонија на 4 април, додека „камен темелник“ на Коридорот 10 Д се постави на 12 мај. Според најавите, автопатите треба да бидат завршени за 4 години и седум месеци, а проектот за изградба на коридорите ќе чини 1,3 милијарда евра.

Ковачевски -Уставните измени ќе и стават крај на тезата „еден народ, две држави“

Со измени на Уставот конечно ќе се стави крај на тезата дека се работи за еден народ во две држави, за прв пат во Уставот, покрај Македонците јасно ќе бидат диференцирани и Бугарите, со што таа теза веќе еднаш засекогаш ќе заврши и нема да биде тема на разговор, изјави на 1 јуни македонскиот премиер Димитар Ковачевски по пристигнувањето во Молдавија каде ќе присуствува на Самитот на Европската политичка заедница.

Тој во одговор на новинарски прашања посочи дека на Северна Македонија ѝ престојат политички одлуки со кои ќе се овозможи отворање на кластерите од преговорите со Европската Унија. Според него стратешка цел на Северна Македонија е полноправното членство во ЕУ до 2030 година.

Премиерот најави дека планира и состанок со претседателот на најголемата опозициска партија ВМРО – ДПМНЕ, додавајќи дека од нив очекува да донесат одлуки кои ќе овозможат подобра иднина за граѓаните. Ковачевски вели дека по силните пораки на американскиот сенатор Крис Марфи и амбасадорите во Скопје смета дека на сите во државата им е јасно дека не постои можност веќе донесената предлог преговарачка рамка доставена од 27 земји членки на ЕУ, повторно да биде предмет на нови преговори.

„Бидејќи навистина ги содржи нашите барања кои што ги имавме, а тоа е чист македонски јазик, потврден и со договорот Фронтекс, заштитен македонски идентитет, она што претстои пред нас е една од многуте одлуки до влегување во ЕУ, а тоа е вклучување на други делови од народи во нашиот Устав, вклучително и бугарскиот народ. Со тоа се постигнува уште една многу значајна цел, бидејќи конечно веќе ќе се стави крај на тезата дека се работи за еден народ во две држави, за прв пат ќе имаме во Уставот и Македонци коишто се веќе, меѓутоа тука сега ќе бидат јасно диференцирани и Бугарите со што таа теза веќе еднаш засекогаш ќе заврши и нема да биде тема на разговор“, изјави Ковачевски.

Тој истакна дека вчера во Братислава разговарал со претседателката на Европската комисина Урсусла фон дер Лајен и со францускиот претседател Емануел Макрон.

„Претседателката на ЕК, којашто по состанок со мене тоа го сподели на многу експлицитен начин дека сега е времето кога треба да се донесат одлуките за да Северна Македонија го продолжи патот кон евроинтеграцијата и до 2030 година да станеме членка на ЕУ. Исто така имав состанок со претседателот на Франција на кој разговаравме во детали за процесот кој следи, го информирав за тоа дека се започнати уставните измени, практично предлогот на иницијативата е направен од работната група, доставен до Министерството за правда, ќе биде доставен до Владата, кој подоцна ќе оди во Парламент“, изјави Ковачевски.

Премиерот најави дека планира и состанок со претседателот на најголемата опозициска партија ВМРО – ДПМНЕ, додавајќи дека од нив очекува да донесат одлуки кои ќе овозможат подобра иднина за граѓаните. Ковачевски вели дека по силните пораки на американскиот сенатор Крис Марфи и амбасадорите во Скопје смета дека на сите во државата им е јасно дека не постои можност веќе донесената предлог преговарачка рамка доставена од 27 земји членки на ЕУ, повторно да биде предмет на нови преговори.

„Бидејќи навистина ги содржи нашите барања кои што ги имавме, а тоа е чист македонски јазик, потврден и со договорот Фронтекс, заштитен македонски идентитет, она што претстои пред нас е една од многуте одлуки до влегување во ЕУ, а тоа е вклучување на други делови од народи во нашиот Устав, вклучително и бугарскиот народ. Со тоа се постигнува уште една многу значајна цел, бидејќи конечно веќе ќе се стави крај на тезата дека се работи за еден народ во две држави, за прв пат ќе имаме во Уставот и Македонци коишто се веќе, меѓутоа тука сега ќе бидат јасно диференцирани и Бугарите со што таа теза веќе еднаш засекогаш ќе заврши и нема да биде тема на разговор“, изјави Ковачевски.

Вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав е услов за продолжување на преговорите на земјава за членство во Европската Унија. Уставот може да се измени со двотретинско мнозинство во 120-члениот парламент во Скопје, но засега мнозинството ги нема потребните гласови.

Во меѓувреме, на потребата од донесување на уставните измени укажуваат претставници на Меѓународната заедница кои во изминатиот период упатуваат пораки дека промената на Преамбулата е гаранција за отворање на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и дека целиот процес треба да се демистифицира и преку него нема да се изгуби идентитетот, јазикот или историјата.

Премиерот Ковачевски во Кишињев денеска беше пречекан од претседателката на Молдавија, Маја Санду. Ковачевски заедно со неговиот албански колега Еди Рама имаа заедничка средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски истакнувајќи ја силната поддршка која Македонија ја дава на Украина.

Блинкен повика на „итна деескалација“ од Србија и Косово

Американскиот државен секретар Антони Блинкен на 1 јуни ги повика косовските и српските лидери да ги намалат тензиите, предупредувајќи дека ги ставаат на ризик аспирациите за европска интеграција.

„Ги повикуваме владите на Косово и Србија да преземат итни чекори за деескалација на тензиите“, изјави Блинкен за новинарите пред состанокот на министри за надворешни работи на земји членки на НАТО во Осло.

„Ние го поддржуваме процесот на евроатлантска интеграција на Косово и Србија. Но, сегашната ескалација ги попречува наместо да им помага на напорите да се движат во таа насока“, додаде тој.


Соединетите Американски Држави претходно го критикуваа Косово, долго поддржано од Вашингтон, откако премиерот Албин Курти продолжи да поставува градоначалници етнички Албанци по бојкотот на локалните избори од српските гласачи во северните области каде што тие се мнозинство.

„Бевме многу јасни во нашата загриженост за некои од неодамнешните дејствија што беа преземени. Тоа им го кажавме директно на инволвираните лидери, вклучително и премиерот Курти“, рече Блинкен.

На Косово мирно, косовските Срби ги продолжуваат протестите
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:00 0:00

Блинкен предупреди на „еднострани дејствија“ од која било страна, откако и Србија ја стави својата војска во состојба на готовност.

Тој рече дека европската иднина ќе ги исполни „аспирациите на луѓето во двете земји“.

„Ако која било земја презема чекори кои всушност ја прават подалечна перспектива, тоа всушност нема да им служи на интересите на нивниот народ“, рече тој.

Етничките Срби повторно се собраа на 1 јуни во градот Звечан, каде што имаше жестоки судири на 29 мај, но денеска во помал број од претходните денови. Собири има и во другите општини на северот на косово.

Најголемата косовска српска партија најави дека ќе ги продолжи протестите поради присуството на градоначалниците во општините со мнозинско српско население, кои неодамна беа избрани на гласање кое го бојкотираа етничките Срби.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG