Достапни линкови

Тесен маневарски простор и при етапното решавање на спорот со Бугарија


Премиерот Димитар Ковачевски и премиерот Кирил Петков на заедничко положување цвеќе на споменикот на Св. Кирил и Методиј
Премиерот Димитар Ковачевски и премиерот Кирил Петков на заедничко положување цвеќе на споменикот на Св. Кирил и Методиј

Добро е што македонскиот и бугарскиот премиер имаат поинаков вокабулар неоптоварен со историјата и идентитетот, а повеќе зборуваа за економијата, но мора да се биде внимателен со отстапките. Сумирано ова се впечатоците на упатените по средбата на премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков.

Барањето на официјална Софија Скопје да испрати нота до Обединетите нации во која ќе каже дека со краткото име Северна Македонија нема територијални претензии кон соседите, а што веќе го стори Македонија, Бугарија го постави уште во 2020 година, денови по првата испорачана блокада во Европската унија. Сега, при првата посета на бугарски премиер на земјава по блокирањето, првите луѓе на македонската и бугарската влада Димитар Ковачевски и Кирил Петков соопштија дека тоа е веќе надминато, со што стана јасно дека едно од барањата на Софија е исполнето.

Симонида Кацарска од Центарот за европски политики ЕПИ вели дека не е исклучено дека се оди кон решавање на спорот точка по точка, а не во пакет. Краткото и долгото име на државата е како што вели најбенигно да се реши и надминувањето претставува знак на добра волја. Но, таа предупредува дека мора да се биде многу внимателен оти македонскиот простор за компромис со Бугарија е исклучително тесен.

„Секако ќе биде полесно ако овие прашања се решаваат етапно за двете страни и веројатно ќе можат да се најдат решенија кои ќе бидат поприфатливи. Но, секоја од овие отстапки е поврзана со следната и мора да се биде многу внимателен кога истите ќе се прават“, вели Кацарска.

Според Васко Наумовски, поранешен вицепремиер за евроинтеграции и актуелен професор на Правниот факултет Јустинијан Први добро е што сега фокусот во односите меѓу двете земји е на други теми, а не на историјата која вели е во втор план.

„Останува прашањата што ги раздалечуваат двете страни да бидат решени онолку колку што е можно побрзо односно да се најде решение за тие прашања за кои може да се најде, а останатите да бидат решени евентуално по почетокот на преговорите на Македонија за зачленување во ЕУ, а подоцна во текот на преговорите да се затворат сите прашања кои нема да се затворат дотогаш“, вели Наумовски.

За тешките прашања подоцна

Никола Димитров, кој беше доскоро вицепремиер за евроинтеграции, а неодамна рече дека некои членови на актуелната влада по секоја цена сакаат да го решат прашањето со Бугарија, забележува дека заедничкиот став бил „ништо не е договорено додека не е договорен цел пакет и затоа ништо не може да се спроведува“.

„Ако денот по утрото се познава, ако едната страна прави отстапки, а другата страна си стои и не мрда, тогаш ова може само да води, за жал, кон целосен пораз и целосна победа“ рече Димитров за Топ Тема.

Бугарија ќе го користи краткото име Северна Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:46 0:00

Инаку, проблемот со краткото и долгото име на државата на кое инсистираше Софија оти смета дека краткото Северна Македонија може да преставува дека Скопје има територијални претензии кон нив, беше и во таканаречниот португалски предлог од 2021 година. Потоа истото стана прва точка и од таканаречениот план 5 плус 1 кој го претстави прво бугарскиот претседател Румен Радев.

Но, во сите тие барања презентирани од бугарска страна имаше и други точки кои се сметаа за понеприфатливи за македонската страна, а се поврзуваат со македонскиот идентитет. Позициите со кои Петков дојде во Скопје беа утврдени на Советот за безбедност кој се одржа една недела пред неговата посета. Прва точка од тие позиции кои ги презентираше претседателот Радев по состанокот е задржувањето на владата до утврденото во декларацијата на бугарското собрание од 2019 година во која се наведени тезите кои македонската страна досега ги сметаше за навлегување во идентитетските прашања, а поврзани со историјата и создавањето на македонската нација врз бугарски корени и јазикот.

Конкретни најави

На прашањето дали е можно при етапно решавање на проблемот да се дојде до ситуација во која ќе се решат сите останати прашања, а потешките да останат накрај и повторно да не се решат па Бугарија да остане на блокадата, Кацарска вели „апсолутно е можно“.

„Мислам дека и дел од најавата на премиерот Петков беше дека дел од тие барања остануваат иако во овој период би требало да се фокусираме на иднината. Сепак не би рекла дека се отстапки од наша страна во контекст на економската соработка, таа ќе биде добредојдена за двете стани, но дали истата ќе креира друга клима во која ќе можеме да ги дискутираме другите прашања и дали ќе прифатат мултиперспективност останува да се види“, вели Кацарска.

Новиот пристап кој го најавија Ковачевски и Петков покрај решавањето на прашањето за краткото и долгото име, донесе и две најави со конкретни датуми- авиолинија Скопје-Софија за 60 дена и заедничка седница на двете влади која би се одржала следната недела, на 25 јануари. Во тек е формирањето на работните групи во областите економија, трговија, иновации, инфраструктура, транспорт и поврзување, зелени политики, европска интеграција, култура, образование, наука и млади, од кои ќе произлезат како што најавија, заеднички проекти и активности, кои ќе бидат преточени во Акциски план, согласно кој ќе се очекуваат конкретни резултати.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG