Достапни линкови

K - 15 само за административците кои претежно седеа дома


Илустрација
Илустрација

Вработените во администрацијата годинава ќе добијат К-15. Без регрес за годишен одмор ќе останат оние кои одеа на работа секој ден како вработените во образованието, здравството, полицијата и комуналните претпријатија. За голем дел од граѓаните се работи за „предизборно подмачкување“.

Администрацијата ќе добие К-15 годинава. Но, не сите административци, туку само оние кои пандемијата ја поминаа во тросед. На оние кои во тек на целата пандемијата работеа барабар со приватниот сектор не им следува регрес за годишен одмор.

Со ребалансот на буџетот се предвидени скоро 4 милиони евра за исплата на К-15 за околу 27 илјади вработени во министерствата, општините, судовите, обвинителствата, државното правобранителство, затворите, центрите за социјална работа, јавните установи формирани од Владата и во други органи основани од Собранието. Тие ќе добијат по околу 150 евра.

Вработените во образованието, војската, полицијата и комуналните претпријатија нема да добијат ништо.

Буџетската дупка со ребалансот се зголемува за 200 милиони евра, но администрацијата не смее да трпи.

Луѓето во приватниот сектор се отепаа од работа, на голем дел им беа скратени платите, други останаа без работа, додека администрацијата работеше со скратено работно време преку еден ден. Кој како си ја наредил, коментираат граѓаните на социјалните мрежи.

Наместо како вообичаено, да одат на работа и да не работат ништо, во време на пандемијата администрацијата си прележа на тросед, коментираат други.

Вработените во приватниот сектор и онака нема да одат на одмор, па затоа не им ни треба регрес за годишен одмор, ќе забележат некои цинично.

Други, пак, потсетуваат дека не се сите во администрацијата партиски паразити. Токму поради тие што работат, системот не е целосно пропаднат и тие не треба да бидат казнети поради неработниците.

Трети се сомневаат дека бонусот за администрацијата е поради тоа што за неколку месеци ќе има локални избори.

Синдикатот на управата, правосудните органи и здруженија на граѓани лани потпиша грански колективен договор со Владата, со кој е предвидена и исплата на регрес за годишен одмор. Минатата година не беше исплатен К-15 поради пандемијата на коронавирус, но за оваа година премиерот Зоран Заев рече дека мора да го исплатат за да не се соочат со тужби.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG