Достапни линкови

Критики за „хонорарците“, но каде е одговорноста за институциите?


Државна комисија за спречување на корупција

По илјадници евра добивале лица од државни институции и општини за работа на непостоечки позиции и давање стручно мислење. Во јавноста мета на критика се тие што зеле пари, но ретко кој ги споменува оние кои ги одобриле спорните исплати - институциите.

Имињата на ТВ-презентерката Бесмира Ејупи и на професорот Темелко Ристески деновиве ја брануваат јавноста. Првата добивала пари од општини и Државното правобранителство за непостоечки работни позиции, за што Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) отвори и предмет, а професорот оти од Министерството за одбрана добил над 9 илјади евра за договорни услуги за давање стручно мислење, преку колумни, статуси на Фејсбук, агитација.

На критики во јавноста дојдоа и Ејупи и Ристески, но ретко кој ги споменува оние кои ги одобриле „спорните“ исплати - институциите.

Професор Башким Селмани од Правниот факултет на Тетовскиот универзитет вели дека кога во јавноста ќе се откријат индиции за некое криминално дело полесно е да се виктимизираат поединци, отколку да се бара одговорност од институциите.

„Во земјата повеќе се прават кривични дела од страна на институциите и од страна на луѓе кои раководат со нив или имаат функција, но кога тие кривични дела или корупција ќе излезат во јавноста се виктимизираат одредени администратори или други лица, тоа може да биде организиран криминал, а некогаш се прави и по договор“, вели тој.

Ејупи и Ристески беа мета на жестоки критики на социјалните мрежи.

Експертот по социјални медиуми и односи со јавност Бојан Кордалов вели дека никој не треба да биде мета на говор на омраза на социјалните медиуми, оти, како што вели, со говорот на омраза само дополнително се отежнуваат процесите. Тој наведува две причини зошто тоа се случува, прво, тоа е резултат на големата политизација и несоодветната политичка комуникација и како второ тоа е недовербата во институциите.

„Едноставно се нема доверба во постапките, во ставовите, во тоа дека институциите постапуваат во интерес на граѓаните, а тоа е основна цел, бидејќи секоја јавна институција е финансирана со пари од граѓаните и треба да постапува по јавниот интерес. Но не треба за која било личност, без разлика дали е јавна личност, експонирана или не да се води говор на омраза, едноставно си има постапка, процедура ако во нешто се сомневаме и институциите треба да си ја завршат до крај“, вели тој.

За случајот со ТВ презентерката Бесмира Ејупи која добивала пари за непостоечки работни позиции, Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), бара одговорните лица во општините Петровец, Сарај, Брвеница, Чаир како и во Државното правобранителство да бидат кривично гонети. Комисијата за овој предмет ќе поднесе иницијатива до Јавното обвинителство за подигање постапка за гонење на одговорните лица. Според ДКСК, посочените општини и Државното правобранителство и исплатувале пари користејќи ист терк за нејзино ангажирање и за обезбедување на приходите. Таа на тој начин заработила околу 12 илјади евра.

Од Државното правобранителство реагираат дека соработувале со ДКСК и ги дале сите побарани докази. Во реакцијата се наведува дека договорите со Ејупи се законски и дека не се направени никакви злоупотреби од одговорното лице во оваа институција.


Од посочените општини во овој случај единствено реагираше поранешниот градоначалник на Брвеница Енвер Пајазити, кој за ТВ Телма рече дека не направил никаква злоупотреба ниту на функцијата ниту на општинскиот буџет со тоа што ја ангажирал Ејупи.

Името на Ејупи и стана познато на јавноста во февруари годинава откако беше обелоденето дека со владината одлука на затворена седница се испраќа 28-годишната ТВ презентерка за генерален конзул во Њујорк. По оваа објава дел од медиумите открија дека тв водителката добивала хонорари од неколку институции истовремено. ДКСК реагираше на написите на медиумите по што отвори предмет за овој случај.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, побара истрага и за случајот со професорот Темелко Ристески, кој добил околу 9 илјади евра хонорари од Министерството за одбрана, а во извештајот за сработеното навел дека давал изјави, постирал статуси на Фејсбук, а пишувал и колумни за владејачката коалиција. Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски рече дека тоа јасно покажува дека СДСМ го употребува буџетот за партиски и предизборни активности.

Министерството за одбрана вчера реагираше дека извештајот за кој станува збор воопшто не е ниту официјален документ, ниту е архивиран во Министерството за одбрана.

„Професорот Темелко Ристески беше ангажиран од Министерството за одбрана исклучиво за задачите наведени во Договорот за дело, кои се стриктно поврзани со стратешките документи во одбраната, учество во изработка на документи продуцирани од експертски работни групи и законски решенија во областа на одбраната. Задачите кои произлегуваат од неговиот ангажман во никој случај не излегуваат од рамката на неговата професионалност како експерт по право“, стои во соопштението на Министерството за одбрана.

Инаку, во јавноста излезе документ во кој професорот Ристески поднесува отчет за сработеното, во кој стојат и партиските активности. Ристески ја потврди автентичноста на документот во изјава за Призма.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG