Достапни линкови

Криминал во цел свет, но и одговорност-вие коментирате


Полициска вежба, полиција, приведување, апсење, полициска акција

Интервјуто со министерот за внатрешни работи, Спасовски, истражувањата на Хидробиолошкиот завод кои покажуваат дека на плажите на Охридското Езеро се влеваат човечки измет и урина, изјавите на бугарските политичари и војната во Украина се најкоментирани теми од нашите читатели.

Помина Велигденското празнување и животот повторно ни се враќа на секојдневието, на тоа дали има криминал во државава, на загадувањето на околината во која живееме, на непредизвиканата воена агресија на Москва во Украина...

Неделното интервју на РСЕ е со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој како да ја смирува јавноста дека „криминал има во цел свет, важно е како државата ќе одговори“. Но читателите и оние што коментирале на нашата ФБ страница како да не се уверени во неговите зборови.

„Сите држави одговараат со најостри казни за криминалот“, вели Бекировска Аиса, „само вие не преземате мерки, со години патиме од криминал, наместо институциите да преземаат мерки удираат по твојот џеб...ако преземате мерки тогаш и Македонија нема да пати“.

Сашо Атанасов одговара директно на кажаното од министерот Спасовски: „Точно дека има криминал во цел свет, ама има и одговорност од министрите што не го гонат криминалот туку го поттикнуваат“.

Исто како и Љупчо Бујароски: „Оливере, кога врвот прави криминал, лек нема!! Државата има власт, власта ги има сите инструменти за елиминирање на криминалот... Каде е проблемот??“

Љубиша Саздовски констатира и прашува: „Па зошто сте на власт, да го сузбиете криминалот... или законот за некого важи за некого не... затоа народот не ви верува повеќе“.

Кој е виновен што истражувањата на Хидробиолошкиот завод покажуваат дека на плажите на Охридското Езеро се влеваат човечки измет и урина?Загадувањето на водите на Езерото не е од вчера, но никако да се преземат мерки.

Цитираме две подбивни пораки: Боби Милчевски напишал: „Нема шанси... да не ти се верува ова кај нас“ и завршил со Смешко што се гази од смеење. А Веле Силјан алудира на наводната аверзија на охриѓани кон скопјани: „ВитамиЊе за скопјанишЧана. Нека сркеет со лајца“. Луан Мемеди со суштинско прашање до секоја власт досега: „Тогаш зошто плаќаме колектор?! Секој месец не скапаја од плаќање. Кај одет тие пари? Уште ова остана недоуништено. Господ го сочува 10 милиони години, а вие ќе го уништите за 30 години езерото“.

Вообичаено многу пораки по изјавите на бугарските политичари. Бугарскиот премиер Кирил Петков ја гледа Македонија во ЕУ најрано за десет години и смета дека токму ЕУ треба да биде гарант за правата на Бугарите.

Сашко Стојанов во улога на претскажувач: „Хаха, може и греши човекот, после БГ ќе дојде Ал на ред да блокира“. А Ебрар Реџеп кратко: „Ние ќе бегаме во ЕУ“. Мехмет Топчи постирал: „Ко дојде ти да кажвиш Бугарче, и ЕУ е је исто ко вас... никој, само ова државче је криво за све што му се дешават мајтап!“ Благоја Крстановски со свое видување на работите: „Македонија не мора да влези во Европа. Така ќе е погорда, посилна и побогата. Неуценета!!!“

Размислувањата на Кремљ да вработува службеници што ќе ја шират руската политичка агенда во тамошните министерства, владини агенции и државни компании – исто така предизвик за нашите посетители за коментирање.

„Пропаганда Путинска да шират. Да живеат во 15 век“, а Билјана Хајхурст Анна смета дека тоа е „миење мозоци“. Блажо Хогар Страшниот коментира со прашање, веројатно алудирајќи на проруската ориентација на некои медиуми: „А за тоа ли биле огласите во Инфомакс, Курир, Република, Експрес, Алфа?“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG