Достапни линкови

Кој гледа „обоена револуција“ во Србија?


Протест на Шарена револуција во Скопје, 9 мај, 2016
Протест на Шарена револуција во Скопје, 9 мај, 2016

Претседателот на Србија Александар Вучиќ, последниот протест во Белград „Против насилство“, го нарече обид за обоени револуции. Дел од опозицијата во Србија, која ги организира протестите, во изјавата на Вучиќ гледа манипулација.

Доведоа до пад на авторитарните режими во Киргистан, Украина, Грузија, Северна Македонија... Овие денови, „обоените револуции“ ги споменува и српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Обоена револуција“ е термин кој се користи за протестите во поранешните советски републики во кои авторитарните режими беа заменети со прозападни власти.

Во главниот град на Србија, Белград, на 19 мај се собраа десетици илјади луѓе на уште еден протест „Против насилството“. Повод за масовните протести се двете масовни убиства, кои на почетокот на овој месец, се случија во Србија, а во кои беа убиени 18 луѓе.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ на 19 мај рече дека податоци за протестите му стигаат од разни служби.

„Ни кажуваат сестринските служби од Истокот, ова се обиди за обоени револуции“, рече Вучиќ, не прецизирајќи за кои служби станува збор.
Претставникот на опозициското движење „Да не го давиме Белград“, Радомир Лазовиќ, оцени дека изјавата на Вучиќ има за цел да ги спротивстави луѓето едни против други.

„Да не го давиме Белград“ е дел од опозицискиот блок кој учествува во организацијата на протестите. Лазовиќ, за Радио Слободна Европа, рече дека изјавите, како оваа на Вучиќ, водат до некој вид на манипулација и обвинувања на странски фактори за оправданите реакции на луѓето предизвикани од тага и болка.

„Секоја таква изјава која ја дава претседателот е само повик до тие луѓе да дојдат и на наредниот протест и да се борат“, рече Лазовиќ.

Протест против насилство во Србија, 19 мај 2023
Протест против насилство во Србија, 19 мај 2023

За обоени револуции се разговараше со руски претставници

Србија претходно разговарала за „обоени револуции“ со една источна служба.
Тогашниот министер за внатрешни работи Александар Вулин во декември 2021 година отпатува во Москва, каде што се сретна со секретарот на Советот за безбедност на Русија Николај Патрушев.

„Обоените револуции станаа традиционален инструмент на политиката на одредени центри на моќ и земји кои имаат за цел нарушување на државноста и губење на суверенитетот под изговор на демократизација, и слободните земји мора да се спротивстават на тоа“, стои во тогашното официјално соопштение од Министерството за внатрешни работи.

Вулин веќе не е министер за внатрешни работи, но стана прв човек на српската тајна служба и еден од ретките европски функционери кои по инвазијата врз Украина продолжи да ги посетува руските претставници во Кремљ.

Србија, и покрај настојувањата да стане членка на Европската унија, одбива да ја усогласи својата надворешна политика со европскиот блок и да воведе санкции против Русија.

Психологот Жарко Кораќ, кој беше вицепремиер во владата на убиениот српски премиер Зоран Ѓинѓиќ, вели дека изјавата на Вучиќ го покажува ставот на српскиот претседател кон Русија и припадноста кон рускиот наратив.

Ѓинѓиќ стана премиер откако автократскиот претседател Слободан Милошевиќ беше соборен преку масовни протести во октомври 2000 година.

Жарко Кораќ
Жарко Кораќ

Кораќ смета дека „пријателската неименувана разузнавачка агенција на Истокот“ може да биде само Русија.

„Вучиќ се повикува на Русија, ја фали или барем пријателски зборува за руската разузнавачка служба, не именувајќи ја, но она што е битно, за првпат овие демонстрации во Белград ги доведува во контекст со обидот да се смени проруската влада и да се донесе прозападна влада, односно прозападен режим во Србија“, вели Корач за РСЕ.

Според него, нарекувањето на протести во Србија „обоена револуција“ потсетува на рускиот наратив претходно употребуван во Украина, кога во 2014 година беше соборен прорускиот претседател Виктор Јанукович и беше избрана прозападна влада.

Ова не е првпат некој српски претставник да ги нарекува протестите против власта - „обоени“.

Неколку дека по враќањето од Москва во 2021 година, тоа го направи и Александар Вулин.

Во тие денови во Белград беа во ек опозициски протести за забрана на експлоатација на литиум во Србија. Демонстрантите ги блокираа мостовите во Белград и во други градови ширум Србија.

Вулин на 10 декември 2021 година, за телевизија Хепи, изјави дека „обоените револуции“ од Хонгконг, преку Украина, Белорусија, Русија и Србија „секогаш биле на сосема ист начин“.

„Полицијата ќе застане во кордон, па од другата страна како противтежа се млади луѓе кои играат, пеат. Потоа секогаш, од Хонгконг до Србија, доаѓа некоја млада преубава девојка и му дава цвет на полицаец“, рече тогаш Вулин.

Автократи и обоени револуции

Рускиот претседател Владимир Путин во јануари 2021 година изјави дека нема да дозволи властите кои се сојузници на Москва да бидат соборени во „обоени револуции“, пренесе Гласот на Америка.

За насилните немири во Казахстан, Путин тогаш ги обвини „деструктивните внатрешни и надворешни сили“.

Демонстрациите во Казахстан беа предизвикани од покачувањето на цената на горивата, но прераснаа во поширок протест против авторитарното владеење во земјата. Претседателот на Казахстан Касим-Жомарт Токаев побара помош од Русија во задушувањето на демонстрациите.

Русија и неколку други членки на Организацијата на договорот за колективна безбедност, евроазиски меѓувладин воен сојуз формиран во 1994 година, одговорија со испраќање војници во Казахстан, иако најголемиот дел беа руски.

Србија не е членка на оваа Организација, но е земја набљудувач од 2013 година.
Белорусија, пак, е членка на оваа организација. Нејзиниот лидер Александар Лукашенко ги нарече протестите против изборните резултатите во неговата земја од 2020 година „обоена револуција“.

Проруски настроениот Лукашенко на тие избори го освои шестиот мандат, но опозицијата не ги призна изборните резултати. Противкандидатката на Лукашенко Светлана Цихановскаја порача дека гласањето било наместено.
Избија протести, а полицијата насилно ги растеруваше демонстрантите со апсења, солзавец и гумени куршуми.

„Сè јасно укажува дека на дело е „обоена револуција“ против Белорусија со поддршка на странскиот фактор кој е вовлечен, зашто државата пружи неочекувано силен отпор“, рече тогаш Лукашенко.

Уште еден противник на „обоените револуции“ е и кинескиот претседател Си Џинпинг, чија држава се соочува со меѓународни критики поради начинот на владеење и непочитувањето на човековите права.

Во обраќањето на Самит во Узбекистан во септември 2022 година, тој рече дека земјите треба да работат на спречување на странските сили да поттикнуваат „обоени револуции“.

Седум месеци претходно, претседателите на Кина и на Русија во заедничка изјава наведоа дека нивните земји имаат намера да се спротивстават на мешањето на надворешни сили во внатрешните работи на други земји и да се спротивстават на „обоените револуции“.

Меѓу оние кои видоа „обоена револуција“ околу себе е и Милорад Додик, претседател на Република Српска, ентитет во Босна и Херцеговина (БиХ).
Додик, кој одржува силни врски со Москва, важи за проруски политичар на Западниот Балкан.

„Каква било обоена револуција во Република Српска не може да помине, а јас да се плашам не би бил овде“, рече тој на прес-конференција во Белград во октомври 2022 година.

Неговата изјава уследи по општите избори во БиХ одржани тој месец. Опозициската кандидатка за претседател на Република Српска Јелена Тривиќ во изборната ноќ исто така прогласи победа, по што уследија и протести на опозицијата.

Собранието во боја, цитат пред Влада на протестите
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:35 0:00

Каков е исходот од „обоените револуции“?

Во револуцијата во Грузија во 2003 година беше сменет тогашниот претседател Едуард Шеварнадзе. „Револуцијата на розите“ го принуди Шеварнадзе да се повлече од власта. Изборите отворија простор на чело на земјата да дојде прозападниот лидер на револуцијата Михаил Саакашвили.

Во таканаречената „Портокалова револуција“ во Украина во 2004 и 2005 година, по изборната кражба и демонстрациите кои траеја неколку недели, гласањето беше повторено и за претседател беше избран Виктор Јушченко, лидер на опозицијата кој вети дека ќе ја оддалечи Украина од Русија и дека ќе ја приближи до Европската унија и НАТО.

Во „Револуцијата на лалињата“ во Киргистан во 2005 година, во опозициските протести поради изборна кражба, беше соборен долгогодишниот авторитарен лидер Аскар Акаев.

Протестите во Македонија во 2016 година, наречени „Шарена револуција“ доведоа до пад од власт на премиерот Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ, по што на власт дојде Социјалдемократскиот сојуз. Потоа Груевски избега во Унгарија.
Протестите станаа познати како „Шарена револуција“ поради тоа што демонстрантите фрлаа боја врз главните институции во земјата.

XS
SM
MD
LG