Достапни линкови

Медиуми – Коронавирус и Закон за јавно обвинителство


Илустрација: Тестирање за новиот коронавирус

Ширењето на коронавирусот во светот, Законот за јавно обвинителство за кој нема согласност од опозицијата, како и претстојните избори се главни теми во македонските медиуми

Медиумите, било печатените, било електронските, веќе од поодамна ја почнаа предизборната кампања: објавуваат бомбастични наслови и многу лажни вести без основните професионални услови – проверка на двете страни споменати во „веста“. Во една колумна во Слободен печат авторот пишува за причините за „заразените вести“. „Проблемот со т.н. ’инфодемија‘ или како што милуваме да ги нарекуваме ’лажни вести‘“ – пишува колумнистот, „е што вината не може да се бара само во употребата или злоупотребата на социјалните мрежи. Еден од главните проблеми произлегува токму од изворите на информации, најчесто од институционални канали, засилени од несовесните медиуми што, пак, прави информацијата, кога еднаш ќе стигне до граѓаните, веќе да е заразена или ’инфицирана‘“.

Инаку, медиумите и натаму ја следат состојбата со ширењето на корона вирусот – почнаа да се појавуваат вести и за македонски граѓани кои треба да останат во карантин две недели: „Тројца наши граѓани се на крузерот задржан кај Јокохама, Јапонија, а причината е што на бродот имало лица кај кои е пронајден вирусот, соопштува МНР“. Оваа вест ја објавуваат Нова Македонија и повеќе портали, меѓу кои и СДК.МК.

Нова Македонија информира и дека „Работниците од кинеската градежна фирма Синохидро, кои редовно транзитираат на релација Кина – Македонија, ќе поминат 14 дена во карантин пред да се вратат во земјава. Ова на средбата со министерот за здравство Венко Филипче му го соопшти кинескиот амбасадор, Џанг Ѕуо“. „Адидас ги затвора продавниците во Кина поради коронавирусот“ – насловува Слободен печат.

Весниците и порталите објавуваат: „Министерството за правда и ВМРО-ДПМНЕ имаат противставени ставови за Законот за ЈО, кој се подготвува долго време од работна група од домашни експерти, јавни обвинители, но и странски експерти и јавни обвинители. Реакцијата следува како одговор на изјавата на претседателот на опозициската партија, Христијан Мицкоски кој на прес -конференција повика новиот закон да го подготват експерти и професори од Правниот факултет“. Во Слободен печат има колумна во која покрај другото се вели: „Од она што се случува во Собранието видливо е дека ВМРО-ДПМНЕ спроведува сценарио за опструкција и дека нема намера намера да гласа за новиот закон. Партијата си бара закон според потребите на ВМРО-ДПМНЕ, а ѝ се може, бидејќи за овој закон е потребно двотретинско мнозинство“.

Вечер во наслов прашува: „Подготвува ли Заев со Тачи нова ’касапаана‘ – Дали е случајно бегството на Красниќи пред избори, а со него и Рамадани, од затворот во Штип?“, па објаснува дека овие двајца наводно долго време биле политички активни и пред други избори како соработници на ДПА, „а токму сега“ – пишува Вечер, „по 2 години хибернација шефот на оваа партија, Мендух Тачи најави коалиција со СДСМ“.

Порталите Курир, Република и Плусинфо ја објавуваат реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ дека „Најостро го осудува говорот на омраза и антисемитизмот што го практикуваат структури блиски до власта“. Друг наслов гласи: „Брутален говор на омраза од Тричковски, народот згрозен, остри осуди за гласноговорникот на Заев“. Порталот Република објавува дел од интервјуто на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски: „Од само девет фирми кои користат нафтен кокс, пет се блиски на Заев. Еден од корпусите во предизборната програма на Партијата ќе биде заштитата на животната средина“.

Нова Македонија ја објавува изјавата на координаторот на пратеничката група на СДСМ во Собранието, Јован Митрески: „Избори на 12 април ќе има и од тоа ВМРО-ДПМНЕ не може да избега, само блефира да спречи некои процеси во државата за да не влезе во процедура законот за ЈО. Сите уставни и законски рокови во однос на изборите ќе бидат почитувани“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG