Достапни линкови

Поради коронавирусот скромни прослави за 9-ти мај


Скопје - одбележат денот на Победата над фашизмот и Денот на ЕУ
Скопје - одбележат денот на Победата над фашизмот и Денот на ЕУ

Во услови на пандемија од коронавирусот светот и Македонија на поинаков начин го одбележуваат 9-ти мај, Денот на победата над фашизмот и Ден на Европа. Во Скопје, во организација на ЕУ денот на Европа се одбележа пред болницата „8 сепрември“, а општина Центар заедно со Русија откри нов споменик.

Во Скопје со полагање цвеќе пред Споменикот на ослободителите на градот денеска во дворот на Владата беше одбележан 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа. Цвеќе положија владина делегација предводена од премиерот Оливер Спасовски и вицепремиерите Радмила Шекеринска и Бујар Османи, како и делегација на Сојузот на борците од Народноослободителната антифашистичка војна предводена од претседателот на Сојузот Никола Стојановски.

Потоа Делегацијата на Европската унија во земјава организираше настан пред платото на Градската општата болница „8 Септември“. Тој почна со кревање на македонското и знамето на Европската Унија, по што се оддаде почит со едноминутно молчење за жртвите од Ковид-19. Премиерот Спасовски се заблагодари за помошта од ЕУ за справување со вирусот.

„Станавме 30-та членка на НАТО и оваа година ги започнуваме пристапните преговори за членство во ЕУ. Следните чекори се подготвени и ќе работиме посветено со Европската Комисија и Европскиот Совет што поскоро да ја закажеме првата меѓевладина конференција која ќе го означи практичниот дел од преговарачкиот процес согласно новата методологија, истакна премиерот“, рече Спасовски.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар посочи дека ЕУ конечно ја води иницијативата за собирање средства за развивање на вакцина за Ковид-19 која ќе биде достапна за секого во светот, по пристапна цена.

„Тешките времиња не учат лекции, но исто така го изнесуваат најдоброто од нас, најдоброто во нашето општество, најдоброто од човештвото. Ова е причината зашто денеска го одбележуваме денот на Европа овде пред ГОБ „8 Спетември“ како претставник на сите здравствени институции“, рече Жбогар кој им се заблагодари на жените и мажите кои се во првите борбени редови во борба против пандемијата.


Претседателот Стево Пендаровски, пак, во пораката по повод 9 мај наведе дека земјава уште од независноста во 1991 година ја избра Европската Унија како своја стратешка цел, прифаќајќи ги европските вредности на демократија, владеење на правото, економска соработка и просперитет за своите граѓани.

„Оваа година се оствари сонот на многу генерации, ја добивме одлуката за почеток на преговорите за членство, наскоро очекуваме да се определи преговарачката рамка, а по нејзиното одобрување да го почнеме пристапниот процес со првата меѓувладина конференција“, наведува Пендаровски.

Нов споменик донација од Русија

Скопје денеска доби и нов споменик, донација од амбасадата на Руската федерација, а по повод Денот на победата над фашизмот. Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и амбасадорот на Руската Федерација Сергеј Баздникин, положија цвеќе на новоподигнатиот споменик „9 Мај“ во сеќавање на милионите војници кои ги положија своите животи во име на мирот и слободата.

Скопје- градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ и амбасадорот на Русија Сергеј Баздникин на отворањето на споменикот донација од Русија
Скопје- градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ и амбасадорот на Русија Сергеј Баздникин на отворањето на споменикот донација од Русија

„Споменикот што го отвараме денес е посебен, прв од ваков вид. Тој претставува потврда за единството на народите на антихитлеровата коалиција, која ја ослободи Европа од нацистите и нивните помагачи. Како прототип или поточно, извор на идејата за него послужи споменикот на советските војници во рускиот град Ржев, во чија што близина во јануари 1942 година до март 1943 се одвиваа тешки крвави битки“, изјави Баздникин.

Лидерите на партиите исто така го честитаа 9-ти мај. Претседателот на СДСМ Зоран Заев наведува „денес со гордост ги празнуваме овие два значајни јубилеја, како држава изградена на антифашизмот и држава дел од обединувачката мисија на Европската Унија“.

„На овој ден, со гордост оддаваме почит кон нашето херојско минато и со одлучност чекориме кон иднината. Кон силна, слободна и обединета Европа за која сонуваа нашите предци, за која сонуваше и Роберт Шуман“, пишува Заев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, во честитката упатува критика кон власта, наведувајќи дека според Фридом Хаус во Македонија владее три години по ред хибриден режим.

„Обновата ќе победи, и тогаш ќе победат европските вредности. Европа ќе ја донесеме пред се затоа што нашиот народ тоа го заслужува, а тоа значи пред се европеизација внатре, стандарди и вредности“, наведува Мицкоски.

Првиот човек на ДУИ Али Ахмети пишува „Среќен ти роденден Европо“, наведувајќи дека по многу напори и труд на крај успеале да ја насочат земјата кон европскиот сон и кон сигурна иднина.

„Денес сме рамноправни, членка на НАТО и со гарантирана европска перспектива. Пријатели, ова е сигурната иднина за која работевме толку многу“, пишува Ахмети.

ЕУ со онлајн настани, во Русија скромно одбележување

И самата Европската Унија ја одбележа 70 годишнината од основањето на скромен начин поради пандемијата од коронавирусот. Институциите на Унијата планираа, како што е вообичаено досега, да ги отворат свопите врати за јавноста за да се прослави потпишувањето на декларацијата на Шуман, што е документ со кој е основата Унијата, но наместо тоа организираа онлајн настани и изложби во кои го повика и граѓанското општество да учествува. Претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли побара поголема солидарност меѓу 27-те земји членки во справувањето со Ковид19.

Во Русија, пак, каде што вообичаено се прославува Денот на победата над нацистичка Германија во Втората светска војна со грандиозна парада на Црвениот плоштад, годинава се одбележа со скромно чествување.


Рускиот претседател Владимир Путин положи цвеќе на споменикот на Гробот на незнајниот војник во Москва и од таму и се обрати на нацијата нагласувајќи колку значаен е овој празник за Русија. Тој побара од Русите секогаш да се сеќаваат на нивните херои од војната во која загинаа околу 27 милиони советски државјани.

Москва- рускиот претседател Владимир Путин положува цвеќе на гробот на незнајниот војник
Москва- рускиот претседател Владимир Путин положува цвеќе на гробот на незнајниот војник

Исто така над Црвениот плоштад се одржа прелет на 75 руски воени авиони, а на телевизија се прикажува парадата од 1945 година заедно со други филмови и програма. Русија во последниве денови регистрира повеќе од 10 000 случаи дневно, а бројот на заболени од коронавирусот во земјата е над 180 000.

Поинаков случај, пак, имаше во поранешната советска република Белорусија. Таму 75 годишнината од Победата над фашизмот се одбележа, како и секоја година претходно, со парада, а илјадниците учесници не носеа маски.


Белорусија, всушност, е единствената европска земја која не спроведува рестриктивни мерки на движење поради вирусот, а долгогодишниот претседател Александар Лукашенка ја нарече пандемијата „психоза“ и покрај тоа што во земјата има над 21 000 потврдени случај на коронавирус. Тој денеска рече дека Белорусија го одбележува овој значаен ден во тешки времиња.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG