Достапни линкови

Конгресот, последен чекор пред влезот на Бајден во Белата куќа


Конгресот на САД пред седницата за потврдување на резултатите од претседателските избори

Денешната заедничка седница на двата дома на американскиот Конгрес за броење на изборните гласови доби дополнително значење оваа година, бидејќи дел од републиканците најавија дека ќе се обидат да ја поништат победата на демократот Џо Бајден.

Десетина републикански сенатори и над стотина членови на Претставничкиот дом повикувајќи се на неоснованите обвинувања на Трамп за широка изборна измама најавија дека официјално ќе се спротивстават на резултатите. Тие ќе гласаат во Сенатот што го водат републиканците и во Претставничкиот дом кој е под контрола на демократите, за да пропадне изборот на Бајден.

Поранешни шефови на Пентагон предупредуваат против военото учество во трансферот на власта во САД

Немаше широко распространета измама на изборите, како што беше потврдено од низа изборни претставници и од Вилијам Бар, кој се повлече од функцијата државен обвинител во минатиот месец.

Ниту Трамп, ниту кој било од пратениците кои ветија дека ќе се спротивстават на пребројувањето не презентираа веродостојни докази што ќе го променат резултатот.

Скоро сите правни предизвици изнесени од Трамп и неговите сојузници се отфрлени од судиите. Врховниот суд, кој вклучува тројца судии номинирани од Трамп, исто така ги одби барањата да се покренат неколку предмети насочени кон поништување на резултатот од изборите во клучните изборни држави.

Седницата на Конгресот на 6 јануари е последниот чекор за реафирмирање на победата на Бајден, откако Изборниот колеџ официјално го избра во декември. Заедничката седница на двата дома на Конгресот е предвидена со Уставот и вклучува неколку различни чекори.


ШТО СЕ СЛУЧУВА НА СЕДНИЦАТА НА КОНГРЕСОТ?

Според федералниот закон, Конгресот мора да се состане на 6 јануари за да ги отвори запечатените сертификати од секоја држава што содржат запис за нивните изборни гласови. Гласовите се донесуваат во специјални кутии од махагони што се користат за таа пригода.

Ненси Пелоси реизбрана за претседателка на Претставничкиот дом на САД

Двопартиски претставници на двете комори ги читаат резултатите на глас и вршат официјално пребројување. Претседателот на Сенатот, потпретседателот на САД Мајк Пенс, претседава со седницата и го прогласува победникот.

ШТО КАЖУВА УСТАВОТ?

Уставот налага Конгресот да ги изброи изборните гласови. Доколку има нерешен резултат, тогаш Претставничкиот дом одлучува за претседателот, при што секоја конгресна делегација има еден глас. Тоа не се случило од 1800-тите, а изборната победа на Бајден над Трамп беше 306-232 електорски гласа.

КАКО СЕ ОДВИВА СЕСИЈАТА?

Двете комори се состануваат заедно на пладне за да ги пребројат гласовите. Доколку потпретседателот не може да претседава, сенаторот со најдолг стаж во мнозинската партија ја води седницата. Тоа е моментално сенаторот Чак Грасли, републиканец од Ајова.

Претседавачот ги отвора и презентира уверенијата за изборните гласови по азбучен ред на државите. Назначени „претставници“ во Претставничкиот дом и Сенатот, членови на двете партии, потоа гласно го читаат секој сертификат и ги запишуваат гласовите.

На крајот, претседавачот објавува кој има освоено мнозинство гласови и за претседател и за потпретседател.

ШТО СО ПРИГОВОРИТЕ?

Откако ќе се прочита сертификатот од некоја држава, секој член може да стане и да се спротивстави на гласањето на таа држава по која било основа. Но, претседавачот нема да го прифати приговорот освен ако не е во писмена форма и потпишан од член на Домот и член на Сенатот.

Доколку има такво барање, тогаш заедничката седница се прекинува и Претставничкиот дом и Сенатот одат на одделни седници за да го разгледаат. За да се одржи приговорот, двете комори мора да се согласат на тоа со просто мнозинство гласови. Доколку и двете не се согласат, првичните изборни гласови се бројат без измени.

Бајден побара единство на нацијата во победничкиот говор

Последен пат ваков приговор беше разгледан во 2005 година, кога конгресменката Стефани Табс Џонс од Охајо и сенатороката Барбара Боксер од Калифорнија, и двете од Демократската партија, се спротивставија на изборните гласови во Охајо, тврдејќи дека има нерегуларности во гласањето. И Претставничкиот дом и Сенатот дебатираа за приговорот и лесно го отфрлија.

ШТО Е НАЈАВЕНО?

Десетици републиканци од Претставничкиот дом и помала група на републикански сенатори се очекува да се спротивстават на пребројувањето во некои држави каде што Трамп наводно бил измамен, и покрај консензусот на непартиските изборни претставници, па дури и на поранешниот јавен обвинител дека не е така.

Ниту еден од членовите не презентираше детални докази и никој од нив не се спротивстави на конгресните пратеници кои победиле на изборите на истите гласачки ливчиња.


Сенаторот од Мисури, Џош Хоули прв изјави дека ќе им се приклучи на републиканците од Претставничкиот дом.

Во саботата, сенаторот Тед Круз од Тексас објави коалиција од 11 сенатори кои ветија дека ќе гласаат против, освен ако Конгресот не назначи изборна комисија за веднаш да изврши ревизија на резултатите од изборите. Хоули и Круз се едни од потенцијалните кандидати за претседател на САД во 2024 година. Предизвиците ја поделија партијата.

Републиканскиот лидер во Сенатот, Мич Меконел ги повика своите колеги да не се спротивставуваат, велејќи дека таквото гласање ќе биде „страшно“. Неколку други републиканци во Сенатот исто така ги критикуваа напорите, вклучително и сенаторот од Тексас, Џон Корнин и сенаторот од Јужна Дакота, Џон Тун, републиканец број два во Сенатот.

Во неделата, сенаторот од Небраска, Бен Сасе рече дека предизвикот е „лош за земјата и лош за партијата“.

КОЈА Е УЛОГАТА НА ПЕНС?

Улогата на Пенс е главно церемонијална и тој нема моќ да влијае врз исходот, и покрај спротивните желби на Трамп. Улогата на потпретседателот е често непријатна, како што ќе биде и за Пенс, кој ќе биде обвинет за објавување на победата на Бајден откако ќе се избројат изборните гласови.

Кој решава кој ќе биде идниот претседател на САД?

Пенс нема да биде првиот потпретседател ставен во непријатна ситуација. Во 2001 година, потпретседателот Ал Гор претседаваше со пребројувањето на претседателските избори во 2000 година. Тој тогаш за малку изгуби од републиканецот Џорџ Буш.

Во 2017 година Бајден претседаваше со пребројувањето и го прогласи Трамп за победник. Бајден не ги прифати приговорите на Демократите во Претставничкиот дом кои немаа никаква поддршка од Сенатот.

Заедничката седница е последната официјална шанса за приговори, надвор од судските случаи што досега се покажаа како неефикасни за Трамп и неговиот тим. „Мислам дека дојде време кога треба да сфатите дека и покрај сите напори не сте биле успешни“, рече сенаторот Корнин деновиве.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG