Достапни линкови

Колку се безбедни зградите од пожари


Скали за евакуација во станбена зграда во Скопје
Скали за евакуација во станбена зграда во Скопје

Нефункционални хидранти, непристапни влезови, заградени противпожарни премини на сметка на повеќе станбен простор. Сите укажуваат дека има проблем, ама никој не води сметка за тоа што се случува со противпожарните инсталации во станбените згради. Дел од решенијата се радикални.

„Ниту еден аларм во зградата не функционира, немаше никаква сигнализација. Да не беше групата на Фејсбук...“ Ова е твит на станарка од Аеродром напишан ноќта кога во пожар во нивната зграда почина неподвижна жена. Во Центар пожарникари се прекачувале преку балкони за да изгасат пожар во стан до кој немало пристап за пожарникарско возило. Во Ченто, пожар избувна во зграда каде повеќепати било пријавувано дека соседот трупа ѓубре. Ова се само неколку пожари кои изминативе недели се случија во Скопје и уште еднаш го поставија прашањето, колку навистина се безбедни од пожари станбените згради во главниот град.

Златко Трајановски 37 години живее на четвртиот, последен кат на зграда со пет влеза во скопска Автокоманда. Досега не размислувал како би се евакуирал ако кај нив избувне пожар, но во едно е скоро сигурен, противпожарната инсталација во нивната зграда не функционира.

„За пожари не сме баш спремни. Има хидранти поставено во секој влез ама не знаеме дали во секој хидрант има црева што ќе послужат ако има пожар. Во некои не ни има, најверојатно се украдени тие црева уште од порано, од времето. Не сме правеле ниту план доколку се појави пожар каде би можеле да се евакуираме“, вели тој.

Празно хидрантско сандаче во зграда во Аеродром
Празно хидрантско сандаче во зграда во Аеродром


Кога се работи за спречување пожари, постојат одредени стандарди кои треба да се почитуваат во зградите за домување, од тоа какви материјали се користат, па се до тоа како урбанистички тие се планираат. Посебен проблем е и одржувањето на она што е изградено, од хидрантската мрежа и опрема, осветлувањето, па се до противпожарните скали или тунели на најгорните спратови.

„Има горе во зградата, скали во некои од влезовите... одамна се немаме качувано и не знам самите скали дали се во функција, дали може да се направи такво преминување, од еден влез во друг“, искрен е Трајановски.

Зградите небезбедни од пожари

Дека состојбата со зградите е алармантна потврдува и Петар Плотников, претседател на Противпожарниот сојуз на Град Скопје и Општина Аеродром. Објаснува дека во изминатите петнаесетина години биле во контрола на над 600 станбени влезови во Аеродром. Имаат записник за секој влез. Меѓу другото контролирале дали има пристап за противпожарно возило, панично светло или хидрантска мрежа и опрема, но и како се одржуваат противпожарните скали кај висококатниците или противпожарните тунели во станбените блокови.

„Состојбата е алармантна, во 99% случаите, ниту има противпожарни црева во станбените згради и, говорам за оние од постариот тип на станбени згради, ниту функционираат паничните светла, во случај на пожар тие имаат период од два часа да го означуваат правецот на движење за спасување на граѓаните. Поновите згради исто така ги контролираме, меѓутоа за жал и таму, откога ќе се направи технички прием на зградата после кратко време тие (хидрантски) црева ги нема. Нашата контрола на тоа е ограничена и не смееме да реагираме “, констатира Плотников.

Додава и дека сите записници ги предале на градските власти. Појаснува дека Сојузот има само советодавна улога, но немаат ингеренции да постапуваат кога има проблем. И од Град Скопје велат дека ингеренциите за постапување не биле кај нив, туку за контрола се задолжени од Дирекцијата за заштита и спасување.

„Инспекциски надзор над спроведувањето на одредбите од законот и прописите донесени врз основа на истиот вршат генералниот инспектор за заштита и спасување, помошници на генералниот инспектор и инспектори за заштита и спасување кои се овластени службени лица во областа на безбедноста“, стои во одговорот на Град Скопје.

Нема нерегуларности за инспекторите

Од Дирекцијата за заштита и спасување пак појаснуваат дека нивни инспектори, според Законот за заштита и спасување се тие кои меѓудругото вршат надзор и над станбените згради за домување, за спроведување на мерките за заштита и спасување од природни непогоди и други несреќи. Истите 14 инспектори ги контролираат и објектите на државни органи и управа, општините, фирмите, но и сите правни лица, здруженија, фондации, физички лица...

„Инспекторите извршуваат работни задачи согласно планови за работа. Исто така се извршуваат и дополнителни активности и тоа: учество во увиди на пожари, вонредни надзори по доставена претставка односно по барање на правно или физичко лице, вонредни инспекциски надзори по барање на Владата на Република Северна Македонија, на останати органи на државната управа, по барање на Инспекциски совет, спроведување на координирани инспекциски надзори со останатите инспекциски служби, како и други активности согласно законски и подзаконски акти“, стои во одговорот на Дирекцијата.

Оттука, во последните два јавно достапни квартални извештаи од инспекциските надзори, за периодот јули - декември 2020 биле направени 49 инспекциски надзори во скопскиот регион по сите основи, додека во периодот јануари - јуни 2021 година – 74. Во ниту еден од овие надзори не биле констатирани неправилности.

Пожарникарите секојдневно на терен

Владимир Симоновски, командантот на скопската Бригада за противпожарна заштита секојдневно е на терен со неговата екипа за гасење пожари. Вели дека многу ретко неговата екипа може да се потпре на противпожарните системи кои постојат во зградите.

„Како сме се, да не речам мачеле, до 6 или 7 спрат да влечеме црева или опрема, тоа знаеме само ние. Ако имаме такви помошни средства, хидранти, хидрантска мрежа, вода, е тоа е добредојдено за нас. Немаме потреба да повикуваме дополнителни возила, ги повлекуваме, со едно можеме да завршиме работа ако станува збор за помал пожар“, вели командантот.

Само минатата година изгасиле 445 пожари во урбаните делови на Скопје. Во 2019 имале 651-на ваква интервенција. Според неговата проценка, едвај петнаесетина отсто од скопските згради имаат функционални противпожарни системи.

„Треба малку повеќе да ни проработи свеста, од една страна меѓу граѓаните и тие луѓе кои живеат во самите згради... И второ, институциите да си проработат, инспекциските служби коишто си имаат надлежност и овластувања за тие испитувања и работи да ги прават, да бидат малце поприсутни на терен, во смисла во инспекцискиот надзор“, вели Симоновски.

Од Регулаторната комисија за домување појаснуваат дека според Законот за домување, управителот се грижи за редовно одржување и функционирање на заедничките делови во зградите.

„Законот за домување како и Правилникот за нормите и стандардите за домување во станбените згради нема предвидено прекршочни одредби доколку противпожарен систем (хидрантска мрежа, панични светла, узурпирани противпожарни скали и слично) не се во функција“, појаснуваат оттаму.

Од Регулаторната комисија за домување тврдат дека никогаш немале добиено предмети во однос со безбедноста на зградите од пожари.

Противпожарен куќен ред
Противпожарен куќен ред


Глоби сепак се предвидени според Законот за Законот за заштита и спасување, на пример ако во зградата нема поставено Противпожарен куќен ред. Изнесуваат 1000 евра за физичко, односно 5000 евра за правно лице.


Некои решенија се радикални

Сања Рагеновиќ, архитектка и поранешна претседателка на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, смета дека непочитувањето на законите е голем дел од проблемот. Прво преку планирањето на просторот каде се градат згради, а потоа и поради однесувањето на станарите и инвеститорите. Укажува на непостоење пристап за противпожарни возила до зградите, заградени скали, уништени тунели.

„Еве да речеме има стандард дека ако има станбена зграда со повеќе од 2 влеза неопходни се излези на кров, да може да се отиде преку противпожарен мост. Но со доградби и со поткровје, сите тие противпожарни мостови коишто постоеја во објектите, денеска не постојат. Ние на хартија ги имаме ставено законите да, ... но тие многу често се кршат“, забележува таа.

Решението во овој сегмент, според Рагеновиќ, може да биде само радикално.

„Урбанизмот е голем дел од проблемот, особено во оние делови на градот каде еве и сега овие пожари се случуваат и самите пожарникари ги посочуваат. Но тоа е едноставно работа којашто е , да не речам, ама нерешлива. Зошто грешките во урбанизмот се нерешливи, се решаваат само радикално, а тоа подразбира рушење на одредени делови кои што сметаат“, дедидна е архитектката.

Златко Трајановски вели дека во нивната зграда досега немало пожар. Се надева и дека никогаш нема да се случи, бидејќи со оглед на неподготвеноста на станарите и нефункционалниот систем, последиците можат да бидат сериозни.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG