Достапни линкови

„Колку пари, толку музика“ - вие коментирате


Протест против загадувањето на воздухот во Скопје на 26.01.2019
Протест против загадувањето на воздухот во Скопје на 26.01.2019

„Кога требаше за државата ве немаше на протест, сега се собравте и излеговте на ветеров, загадено било“, се вели во еден од вашите коментари на нашите социјални мрежи.

Mоника Пижевска – од балерина на мраз до хокеарка, преку „Моја порака“ на РСЕ им порачува на врсниците да не се ограничуваат при изборот на спортот, а на надлежните во Скопје да се изгради сала за хокеј.

Марко Џамбазовски уште како дете почнал да создава мелодични звуци на тенџериња, а со своите другари изведувале и скечеви. Кога пораснал, камерата станала негова професија - снимил неколку краткометражни документарци, а неговиот последен со наслов „Црни и криви“ освоил две награди на фестивал во Романија. Реди успеси и со својот бенд „Визија“.

И тој има пораки до врсниците, преку нашево Радио, за тоа како своите детски соништа да ги претворат во професија. Претпоставувате, веројатно, нема НИЕДНА порака од посетителите на нашата ФБ страница, барем за охрабрување на овие наши млади луѓе. Но затоа, за темата што од поодамна како да е главна професија на нашите граѓани – политиката, се „истуриле“ коментари. „ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од премиерот Зоран Заев, техничка влада и предвремени избори“. Васе Белазелкоска има свое видување: „Оставете ги луѓето да работат, 11 години правевте што сакате и секоја година избори. Вратете ги првин парите што ги украдовте од народот, па после поставувајте барања“.

Зоран Радовиќ со потсмев: „Ако има и ајвар не е на одмет“, а Мирко Георгиевски со алузија на зборовите од телефонските разговори на избеганиот Груевски со своите соработници: „На вмрончињата им тече од ногавици откако Грција го изгласа договорот. Не сееле ама сакаат да жнеат, еее, мало сутра!!!“ Политиката, рековме, е главната преокупација на мнозинството наши граѓани, па така, директниот пренос на РСЕ од протестите во Скопје против загадениот воздух во постовите на нашиот ФБ повторно се со превез на политика. Сани Јакимовски-Копевски прашува: „Кај бевте предавници кога го продаваа името македонско?“ За Сузана Кирова „народов немал идентитет“ па напишала: „Кога требаше за државата ве немаше на протест, сега се собравте и излеговте на ветеров, загадено било“. Добре Карпузов, пак, во обратна насока со своето видување: „Колку пари, толку музика. Од милион и двесте илјади кои не излегоа на референдумот, само 12 души на големиот и незапамтен протест пред Собрание. Нема кој да плати, ДПМНЕ е во големи долгови“.

Во нашата „Младинска колумна“, пак, Антоанета Иванова, основач на Европската младинска асоцијација за едукација пишува: „На пат кон ЕУ, но изгледа без млади патници!“ вели таа и додава: „Во сета збрка со промената на името, никој не се сети дека на дневно ниво губиме луѓе“. Вие сте коментирале: Салаедин Садики, со резигнирана иронија потсетува: „Младите се веќе во ЕУ“, а Надежда Џидалова се согласува со текстот, но додава: „Жалосно е што веќе нема млади да патуваат. Сега заминуваат и нивните родители“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG