Достапни линкови

Дали Левица ги „киднапира“ протестите?


Лидерот на Левица Димитар Апасиев на протести против „францускиот предлог“
Лидерот на Левица Димитар Апасиев на протести против „францускиот предлог“

Радикализација на протестите против францускиот предлог најави лидерот на опозициската Левица, Димитар Апасиев. Аналитичарите не ја исклучуваат можноста од реализација на ваквите најави поради иритираните национални чувства. До ова доаѓа по вчерашното „преземање“ на водството на протестите кои станаа насилни.

Јајца и тоалетна хартија за почеток на протестите под мотото “Ултиматум, не благодарам“, а може и некои пожестоки радикални методи најави лидерот на опозициската Левица Димитар Апасиев за денешниот протест против „францускиот предлог “ за отстранување на бугарското вето за почеток на пристапни преговори со ЕУ.

Тој во повиците за најавениот протест во 19 часот, повика демонстрантите освен пред Владата да се протестираат и пред вилата на претседателот Стево Пендаровски, а најави и изненадување „план Б“.

Урнати заштитните огради, јајца за Собранието и владата
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:30 0:00

За политичките аналитичари реализацијата на најавата за радикализација во поларизирана општествена ситуација е можна, доколку зад тоа стојат одредени организирани структури кои ќе имаат за цел наметнат насилство во протестите или пак тоа да го сторат луѓе чии емоции ќе бидат злоупотребени за „надувување на изјавите за радикализација“.

Политичкиот аналитичар Сефер Селими од Демокраси лаб вели дека Левица со преземањето на лидерството на протестите ќе „ќари политички поени“ на сметка на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Левица подолго време кокетира со радикални елементи во општеството и за целни групи имаат радикалните леви сили но и многу чисто и јасно кокетираат со радикални еднонационалистички елементи во опозицијата, каде што еден дел во минатото тоа било традиционално гласачко тело на ВМРО- ДПМНЕ. Наметнувањето на Левица во протестите ќе подразбира дека ќе може еден добар дел од тие кои се наоѓаат малку поблиску до центарот на политичката филозофија да се најдат блиски со Левица и така да преземе еден мал дел од гласачкото тело“ , вели Селими.

Директен линк

Професорот Здравко Савески кој е поранешен член на раководството на Левица и беше дел од протестите именувани како „Шарена револуција“ вели дека неговиот поранешен сопартиец е познат по своите чести изјави дека треба да се радикализираат протести по национални прашања.

„Но, многу често, тој отсуствува од протестите или кога е на протести, обично во неговото досегашно слабо и скромно протестно досие секогаш било на крајот од протестите а не на почеток. Така што ова малку се вика хушкање кога некој повикува на радикализација а при тоа го нема никаде на протестите што треба малку да ги загрижи неговите поддржувачи. Едно е да се повика на радикализација, а друго е таа навистина да се случи“ вели Савески.

Тој објаснува дека во изминатиот период се доста иритирани националните чувства на етничките Македонци, и поради тоа не може да се исклучи можноста од радикализација.

Во текот на вчерашниот протест дел од демонстрантите, предводени од лидерот на помалата политичка партија Левица, Апасиев, ја бутнаа заштитната ограда пред Владата и Собранието. Тие фрлаа ролни хартија, пластични шишиња, балони со вода и јајца кон полицијата. „Предавници, фашисти, врховисти“ , „ Си играте со погрешна генерација“ се дел од пораките кои беа објавени на официјалниот профил на Фејсбук на Апасиев само неколку часа по завршувањето на протестот.

„Веќе ми е искрено досадно правно да аргументирам, што ни приредуваат. Мислам дека со дечките од Левица ќе влеземе многу пожестоко,“ изјави Апасиев по протестот.

Во меѓувреме, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски не се појави на синоќешните протести, туку претходно на протестите кои се одвиваа преку денот пред Владата. Тој вчера на пладне најави институционална потрага по решение и побара од власта формирање на работни групи.

„Во рамките на Парламентот да формираме работна група каде ќе си ги кажеме нашите аргументи. Искуството вели дека не можеме да се потпреме на аргументите на Османи и СДСМ. Да формираме работни групи, бидејќи денеска гледаме дека ќе поминувал на Влада, па таков ќе доаѓал на пленарна седница и се создава тензија“, изјави Мицкоски.

Селими објаснува дека борбата или натпреварот меѓу Левица и ВМРО- ДПМНЕ се случува во делот на тие неопределени гласачи кои имаат поконзервативни радикални ставови во однос на националните и етничките прашања. Тој смета дека најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ направи грешки во чекори, затоа што има обврска и одговорност кон државата и нивното делување како рефлексија на Левица не е одговорно однесување.

„Во вакви тешки и битни историски моменти, нивното однесување е круцијално за сите процеси да течат како што треба и на крај државата да добие што е можно повеќе. На овој начин тие сега се поставуваат како маргинална радикална политичка партија која гледа можност да ќари некој глас или да поентира политички а не се однесува државнички спрема процесите и реалноста во која живееме“ вели тој.

Француски предлог – македонски дилеми
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:43 0:00

Савески смета дека Левица сега, наспроти името, се однесува како десна радикална партија која добива поени на основа на национални прашања во која главни поддржувачи се разочарани членови на ВМРО – ДПМНЕ.

„ Досега, со оглед на погрешните политики на Владата со националните прашања, оваа партија успеваше со нејзиниот лидер или султан, да добие доста поени, но многу брзо, колку и да игнорираме, економската криза сама ќе се наметне. А тука султанот на Левица нема голем маневарски простор надвор од евтини изјави, но имајќи предвид дека неговото членство главно го подржува по национална линија а не по социјална, сета негова реторика на социјални прашања нема да вроди со плод“, вели Савески.

На само два месеци по руската инвазија врз Украина во април годинава Апасиев ја оствари првата официјална средба со рускиот амбасадор во земјава Сергеј Баздникин.

„Отворени беа и прашања од важност за Западен Балкан, како и за непромислените антируски изјави на шефот на дипломатијата – Бујар Османи, кои беа оценети како непотребни и провокаторски, и кои воопшто не придонесуваат кон развојот на традиционално добрите меѓудржавни односи“ се вели во партиското соопштение на Левица по средбата.

Во него беше наведено дека средбата поминала во срдечна и пријателска атмосфера, со надеж за продлабочена идна соработка меѓу двата народа.
Власта во неколку наврати до сега ја обвини јавно Левица и нејзиниот лидер Апасиев за ширење на проруско влијание во земјава. Апасиев во јавноста честопати обвинува дека САД и ЕУ стојат зад воените кризи во светот.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG