Достапни линкови

Францускиот предлог оди во Собрание


Македонско Собрание

Собранието се очекува до крајот на неделава, најверојатно четврток, на пленарна седница да расправа за владината информација за францускиот предлог за отстранување на бугарското вето за почеток на преговори со ЕУ, велат извори од денешните собраниски координации.

Пратеници од владејачкото мнозинство за РСЕ велат дека премиерот Димитар Ковачевски се согласил утре Владата на седница да ги подготви документите кои ќе бидат доставени за расправа пред пратениците. Оваа владина информација ќе ги содржи веќе објавените три документи, а можно е и билатералните протоколи со Бугарија.

Собранието треба да донесе заклучоци кои ќе бидат обврзувачки за Владата и за нив ќе се гласа со просто мнозинство. Во нив се очекува да има препораки кои ќе се однесуваат на заштита на македонскиот јазик и идентитет во пристапните преговори со ЕУ, велат собраниски извори за РСЕ.

Опозицијата, пак, тврди дека Владата ќе ја носи конечната одлука и затоа повикува да продолжат протестите.

Аналитичари велат дека правно Владата може да донесе сама одлука, но за таа одлука да има легитимитет треба и неопходно е да биде изгласана на пленарна седница со мнозинство од македонските политички партии.

ДОМ- Ковачевски се согласи за „францускиот предлог “ да се гласа на пленарна седница

Пратеничката од ДОМ Маја Морачанин за РСЕ изјави дека синоќа дел од коалиционите партнери имале средба со премиерот Ковачевски и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ. На средбата, вели Морачанин се согласиле „ревидираниот француски предлог“ да се разгледува на пленарна седница, на која ќе се гласа и за заклучоци.

„Зависи од претседателот на Собранието во која форма ќе се разгледува, но дефинитивно ќе има дискусија за овој француски предлог на пленарна седница во Собрание“, вели Морачанин.

Дилемата за тоа како ќе биде донесена одлуката се наметна по консултации на владини претставници со политичарите од сите партии со цел да ги запознае со деталите од францускиот предлог. Дополнително се наметна и дилема дали предлогот ќе се разгледува на пленарна седница или само ќе се одржи расправа во собраниска комисија за европски прашања каде што претседател е пратеникот на ДУИ Арбер Адеми, со што без заклучоци ќе се опфати целта - јавна дискусија.

„Да, имаше такви дилеми, но она за кое што ние разговаравме и се согласивме е на пленарна седница да се разгледува предлогот“, додава таа.

Лидерот на ВМРО- ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој присуствуваше на денешниот протест пред Владата изјави дека, според нивни информации, предлогот утре ќе се разгледува на владина седница и за него ќе се одлучува. Од владини извори пак, се наведува дека нема да носи одлука додека Собранието не се произнесе за предлогот.

Од Владата на нашите прашања одговорија дека дискусија ќе следи и со парламентот и другите опозициски партии по што се очекува да се донесе одлука во однос на предлогот. Од Собрание велат дека до нив не пристигнало никакви барања и дека денеска претседателот Талат Џафери одржува редовни консултации со координаторите на пратеничките групи.

„Остануваме пред Влада деноноќно“
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:21 0:00

ВМРО-ДПМНЕ очекува Собранието да биде заобиколено

Пратеникот од ВМРО – ДПМНЕ Бојан Стојановски вели дека очекува Собранието да биде заобиколено.

„Сметам дека ќе направат сẻ што можат да го заобиколат Собранието, заради тоа што има работи што го кријат и не сакаат да ја отворат дебатата во законодавниот дом, каде што сите претставници на граѓаните ќе можат да дебатираат и да ги кажат и добрите, но и лошите работи“, вели Стојановски.
Тој додава дека доколку дојде во Собрание пратениците од ВМРО- ДПМНЕ нема да поддржат уставни измени се додека предлогот е конституиран на начин на којшто е конституиран.

Трошановски- Собранието мора да го има последниот збор

Францускиот предлог за отстранување на бугарското вето во преговорите со ЕУ мора во форма на документ да помине и за него да се гласа во Собранието за да има легитимитет, смета Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас цивилис“. Тој е дециден последниот збор треба да го има Собранието.

„Секако дека крајната инстанца, по усвојување на предлогот од страната на Владата треба да се поднесе во Собранието документ кој треба да биде одобрен низ јавна дебата. Мислам дека за ваков документ, кој е еден од најважните во историјата на нашата независност, апсолутно дека Собранието мора да го има последниот збор, дури мислам дека може да се земе в предвид и референдум за него“, вели Трошановски.

Тој објаснува дека во Собрание е неопходно да се изгласа Декларација со која ќе може да се поддржи усвојување на таквиот предлог од Советот на Европа.

„Морам да потенцирам дека поради тоа што во ризиците од имплементација на ваквиот предлог најмногу се прекршуваат на грбот на македонскиот народ, апсолутно не смее да се заобиколи мнозинската волја изразена во парламентот на доминантната етничка заедница во земјата“, вели Трошановски.

Тоа би значело дека без гласовите од најголемата опозициска партија ВМРО- ДПМНЕ не треба да помине, вели тој. За да има легитимитет одлуката не е доволно само двотретинско мнозинство во Собранието, туку потребно е таквата одлука да биде поддржана од мнозинството македонски партии, додава Трошановски.

Помалите партии не даваат безусловна поддршка

Во меѓувреме, помалите партии по долгочасовните консултациите со владините претставници излегоа со свои дополнителни барања, посочувајќи дека не даваат безусловна поддршка на предлогот.

Владејачкиот коалиционен партнер Демократски сојуз бара да се измени преговарачката рамка, односно од неа да се отстранат билатералните прашања наметнати од Бугарија, рамката да биде согласно европските принципи и стандарди, да се овозможат гаранции дека Бугарија нема да се меша во внатрешното уредување на Македонија и уставните промени со цел вклучување на Бугарите во Уставот, да бидат на реципрочна основа.

„При што Советот на ЕУ да донесе заклучок со кој ќе ја задолжи Бугарија да ги имплементира одлуките на Европскиот суд за човековите права во Стразбур за признавање на правата на Македонците во Бугарија, како што е правото на здружување, формирање на културни асоцијации, политичко организирање и слично“, се вели во нивното соопштение.

Морачанин од коалициската ДОМ бара итно да биде објавен Протоколот во кој се опфатени билатералните прашања за образованието и историјата.

„Преговарачкиот процес со ЕУ треба да се базира на исполнување на Копенхашките критериуми, а не билатералните прашања да бидат дел од преговарачкиот процес, бидејќи јасно ни е дека ако влеземе во такви разрешување на историски прашања со Бугарија тоа ќе биде еден бесконечен процес, а тоа не е суштината на преговорите е ставот на ДОМ“, вели Морачанин.

Мицкоски во меѓувреме повторно повика на масовни протести за да не се прифати предлогот таков како што е доставен до нив. Тој денеска го повтори ставот дека се повлекува и од барањето за предвремени избори и од сите нивни барања со цел обединување.

„Не му бараме ништо, само нека каже „не“, на пролет, во март, април пак ќе седнеме, ќе ја реевалуираме состојбата и ќе видиме што понатаму“, изјави Мицкоски.

Лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села, по средбата со Ковачевски рече дека тој и неговата партија го поддржуваат францускиот предлог, но имаат дополнитело барање.

„Кога ќе се отвори Уставот, треба да се корегира и да стои албански јазик а не дефиниција ‘јазик што го зборуваат повеќе 20 отсто од населението’. Добро би било да се третира и ова. Алијанса за Албанците ќе инсистира на ова. Апелирам и ДУИ да се позанимаваат за промена на оваа дефиниција, бидејќи колку што ги сфаќам Македонците сега се работи за нивното достоинство, па треба да имаат и тие разбирање за достоинството на Албанците“, изјави Села по средбата со Ковачевски.

Села со поддршка за францускиот предлог

Слично барање има и опозициската БЕСА која го прифаќа францускиот предлог, но бара кога ќе се отвори Уставот, терминологијата „јазик што го зборуваат повеќе од 20 отсто од населението“ да се коригира во Уставот и да се замени со терминот „албански јазик“. БЕСА и натаму тврди дека Владата нема кредибилитет и бара организирање на предвремени избори.

Владата пред два дена го објави модифицираниот предлог од Франција, со кој се условува земјата за Бугарија да го тргне ветото и да се отворат преговорите за членство во Европската Унија.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG