Достапни линкови

Кога ЕУ ќе го забрани Касперски, Македонија „ќе преземе соодветни мерки“


Вработен во седиштето на лабораторијата Касперски за сајбер безбедност во Москва. (Илустративна фотографија)
Вработен во седиштето на лабораторијата Касперски за сајбер безбедност во Москва. (Илустративна фотографија)

Северна Македонија ги имплементира сите рестриктивни мерки во однос на Русија и кога ќе се донесе конкретна мерка или забрана за користење на Касперски на ниво на ЕУ, тогаш ќе ги применат, велат од македонската Влада. РСЕ пишуваше дека рускиот софтвер се користи во институциите, иако е на „црна листа“ во многу земји.

Кога ЕУ ќе го забрани рускиот антивирусен софтвер Касперски, „ќе бидат преземени соодветни мерки на национално ниво“, одговорија за РСЕ од македонската Влада.

Во нивниот одговор се наведува дека „Северна Македонија ги имплементира сите ЕУ рестриктивни мерки во однос на Русија“ и кога ќе се донесе конкретна мерка или забрана за користење на Касперски на ниво на ЕУ, ќе бидат преземени соодветни мерки.

Одговорот доаѓа по две недели откако Радио Слободна Европа побара од Владата да посочи кои институции го користат антивирусот Касперски кој е на „црната листа“ во САД.

Во одговорот од Владата се наведува дека иако не постои забрана или регулатива во рамки на ЕУ или НАТО за користење на Касперски, сепак во тек се дискусии кои се водат на ниво на ЕУ, НАТО и САД по ова прашање.

„Нашата земја ќе се приклучи во имплементацијата на одлуките, односно мерките кои ќе бидат донесени“, се наведува во владиниот одговор.

Армијата по НАТО стандарди, полицијата користи руски антивирусен софтвер

РСЕ на 7 април објави дека македонски институции го користат софтверот на рускиот производител „Касперски“, иако тој е на „црна листа“ во многу земји. Дел од институциите се Министерството за образование, за внатрешни работи, за животна средина, Централен регистар... Кривичен суд го има инсталирано, но не го користи, оти е претежок за старите компјутери. Касперски се користи и во државните институции во дел од земјите во регионот.

Од Владата велат дека се стремат да ги усогласат нашите безбедносни системи со оние на НАТО и најголем дел од државните институции веќе направиле системски промени во нивните информатички системи.

„Во меѓувреме постојат препораки до сите наши институции за внимателност и правиме напори за постепена целосна замена на системите во сите институции согласно НАТО стандардите“, ни одговорија од Владата.

Антивирусниот систем од рускиот произведувач Касперски (Kaspersky), не е забранет во земјава, но е забранет на пример во САД, кои се стратешки партнер на Македонија, а Европската унија (ЕУ) со која отворивме преговори за членство препорача да се забранат производите од оваа руска компанија.


Во Македонија најголем дел од државните институции ангажираат надворешни компании за да се грижат за нивните интернет страници. Во државата нема ниту тело или институција која е надлежна за контрола на антивирусните програми кои се користат во државните институции, па останува на секоја институција да си го реши тоа сама по пат на јавни набавки.

Меѓу македонските институции кои користат Касперски е и Министерството за внатрешни работи. Податоците на Бирото за јавни набавки покажуваат дека Министерството во 2021 година склучило договор за набавка на Касперски антивирусен софтвер (Kaspersky total Segurity).

Министерството за одбрана, пак, во ноември 2022 набавило компјутерски софтвери, но наведува дека поради тоа што сме земја членка на НАТО, а со цел да се усогласиме со одредбите на Алијансата, мора да се набават производи кои се дел од каталогот на НАТО и да се заменат застарените.

Армијата и Министерството го користат американскиот „MCafee“ антивирусен софтвер.

Но, и во државните институции во дел од земјите во регионот се користи антивирусниот систем Касперски, како на пример Босна и Херцеговина и Србија.

Дали има безбедносни „дупки“?

Касперски се покажа како одличен производ, но ако човек е внимателен, ќе се откаже од него поради сомнежи, изјави за РСЕ, Саша Мрдовиќ, професор од областа на компјутерската мрежна безбедност на Електротехничкиот факултет во Сараево.

Иако вели дека неговата професија не му дава основа да ги предупредува другите да го избегнуваат Касперски, „претпазливоста му налага да избегнува руски производи, особено безбедносни производи“.

„Она што всушност може да биде проблематично, а тоа не е поврзано само со руските производи, туку е поврзано и со, да речеме, кинеските производи: во тие земји постои одредена законска обврска на компаниите, доколку е потребно за заштита на националната безбедност, тие мора соработуваат со полициските власти“, објаснува Мрдовиќ.

Кој користи Касперски во регионот?

Антивирусната програма на рускиот производител „Касперски“ го користат најмногу институции во БиХ, дури повеќе од 50 . Меѓу нив се Претседателство на БиХ, Советот на министри, вооружените сили и Државната агенција за истраги и заштита (СИПА), како и други јавни институции и компании.

До крајот на 2022 година властите во БиХ од рускиот производител купила 1.300 лиценци на антивирусната програма Касперски, а потоа и уште 200 кога Генералниот секретаријат склопил договор со фирмаа „Проинтер“ од Бања лука вреден 18 илјади евра.

Според податоците на порталот за јавни набавки, Касперски во последните две години набавил 14 институции во Србија, кои се финансираат од буџетот на републиката.

Институциите што имаат руски антивирусен систем се, меѓу другото, Министерството за внатрешни работи, јавниот медиумски сервис РТС, јавните претпријатија Србијагас и Железничката инфраструктура на Србија.

Кој не го препорачува Касперски?

Владата на Соединетите Американски Држави ја забрани употребата на антивирусни програми Капсерски во сите владини агенции поради обвинувања за соработка со Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ). Компанијата, пак, негира вмешаност.

Во март 2022 година, непосредно по почетокот на руската инвазија на Украина, американската Федерална комисија за комуникации го вклучи Касперски на листата на компании кои претставуваат закана за националната безбедност.

Во јануари 2018 година, директорот на компанијата, Евгениј Касперски, беше ставен под надзор на Министерството за финансии на САД, што значи можност за санкции во иднина. До денес не се воведени санкции против него.

Германската канцеларија за безбедност на информации истиот месец објави дека не препорачува користење на овој софтвер, наведувајќи ги можните ризици за безбедноста на уредите по инвазијата.

Во тоа време, компанијата ги негираше врските со Кремљ и нагласи дека одлуката е донесена „од политички причини“.

Италијанските власти, исто така, најавија во март 2022 година дека ќе ја намалат употребата на Касперски во јавниот сектор, а четири години претходно и Холандија го најави истото.

Во 2018 година, Европскиот парламент побара од институциите на Европската унија да ја забранат употребата на производите на руската компанија на нивните уреди.

Но, сега Агенцијата на ЕУ за сајбер безбедност (ENISA) не одговори на барањето на РСЕ за употребата на производите на Касперски на територијата на Унијата.

Во 2018 година, социјалната мрежа Твитер објави дека ги забранила рекламите за Касперски, наведувајќи ги, меѓу другите причини, тврдењата на американските власти за врските на компанијата со руските разузнавачки агенции.

Во 2017 година, британскиот Национален центар за сајбер безбедност ги советуваше владините корисници да избегнуваат руски антивирусни програми.

Полските власти воведоа санкции за Касперски во април 2022 година. Тие вклучуваат замрзнување на имотот и забрана за влез во земјата.

Историјата на Касперски

Касперски е компанија основана во Москва во 1997 година. На својата веб-страница наведуваат дека се со седиште во Велика Британија, а ги користат повеќе од 400 милиони корисници и 240 илјади компании ширум светот.

Во ноември 2020 година, тие ги префрлија серверите со податоците на нивните корисници од Русија во Швајцарија.

Тие наведуваат дека како приватна компанија немаат политички врски со ниту една влада, туку соработуваат со властите на различни земји и меѓународните агенции за спроведување на законот во борбата против компјутерскиот криминал.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG