Достапни линкови

40 илјади вакцини против сезонски грип за ризичните групи


Вакцинација против сезонски грип. Илустрација.
Вакцинација против сезонски грип. Илустрација.

Од Министерството за здравство велат дека годинава ќе се набават за 40 проценти повеќе вакцини против сезонски грип за ризичните групи. Доктори велат дека и во услови на пандемија со коронавирус, останатото население нема потреба да се вакцинира.

Министерството за здравство ќе набави 40.000 бесплатни вакцини против сезонски грип за ризичните групи во кои спаѓаат, лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и за децата на возраст од 6 месеци до 5 години. Минатата сезона, како што наведуваат од министерството, биле набавени 28.000 дози бесплатни вакцини, односно бројката годинава е зголемена за 40 отсто.

„Секоја година интересот за вакцинирање против сезонски грип е сѐ поголем, особено кај хронично болните и постарите лица кои поради позитивното искуство од минатите години, секоја година најредовно се вакцинираат. Министерството за здравство и оваа година преку едукативна кампања за граѓаните и за здравствените работници ќе поттикне поголема свесност за заштитата и придобивките што се имаат со вакцинацијата против сезонски грип, особено во тек на пандемијата со коронавирусот“, велат од министерството за РСЕ.

Во минатата сезона, според податоците на министерството, дадени се 28.525 бесплатни вакцини. Претседателката на здружението на приватни матични лекари и специјалист по семејна медицина, Лидија Дервишова Чолакова вели дека лани се доцнело со набавката на вакцини и иако имало голема желба кај повозрасното население, особено хронично болните за вакцинација, но прашање е дали има доволно време за да се направи имунитет за заштита.

„Се надеваме дека оваа година навреме ќе стигнат вакцините и да се надеваме дека нема да имаме некој јак грип, а инаку сега се празни чекалните. Пациентите доаѓаат за преглед и немаме гужви, бидејќи се уште климатските услови и времето не се соодветни за да се активира некој вирус. Но, ако продолжат разликите во температурите наутро и преку ден ќе се создадат постепено услови за појава на сезонскиот грип“, вели Дервишова Чолакова.

Комерцијалните вакцини ги набавуваат Центрите за јавно здравје од сопствен буџет, согласно проценката на самата установа. Директорот на Центарот за јавно здравје и член на Комисијата за заразни болести, Александар Стојанов вели дека мал е процентот на граѓани што се вакцинираат против сезонски грип.

„Колку што јас паметам ние преку 30 години и повеќе вакцинираме за сезонски грип и пак не можеме да ги убедиме луѓето да се вакцинираат затоа што по некои статистики или предвидувања од СЗО се вели дека барем 20 проценти од населението треба да е вакцинирано за да не се случи епидемија. Ние имаме 40, 50 илјади вакцини на 2 милиони тоа е многу мала бројка, односно до 5 проценти од население. Лани имавме 5000 вакцини за здравствени работници, а се потрошија 1500. Значи здравствени работници не се вакцинираат. Има отпор кај населението. А сега го имаме и ковидот и ќе го имаме и грипот“, изјави Стојанов пред еден месец во интервју за РСЕ.

Дервишова Чолакова посочува дека најважно е да се вакцинираат ризичните групи.

„Човечкиот организам има одличен одбранбен механизам и сметам дека оние луѓе коишто имаат добар имунитет да оставиме имунитетот да делува. Секогаш препораките на СЗО да се вакцинира населението со намален имунитет, значи оние со одредени болести. Но, секоја година отприлика на крајот на септември, почетокот на октомври се почнува со вакцинација за да има време организмот да создаде антитела, а најјакиот удар кај нас секогаш следи во февруари “, додава таа.

Според последните податоци на Еуростат објавени во јули, годинава, Северна Македонија во 2017 година била една од земјите во Европа со најниска стапка од 6,5 проценти на вакцинирани лица над 65 години против сезонски грип. Просекот изнесува 44,45 отсто. Највисок степен на вакцинација имало во Велика Британија од 72, 5 отсто, а најнизок 4,8 проценти во Естонија.

Од 23 септември, согласно одлуката на Владата, на работа се враќаат хронично болните лица. Исклучок ќе бидат лицата кај кои болеста е во фаза на влошување и за оние со малигна болест. Тие имаат рок до среда да посетат специјалист и да добијат потврда со која поради нивната дијагноза и состојба нема да можат да се вратат на работа.

Инаку вчера процентот на позитивни случаји од Ковид 19 во земјава повторно се искачи над 10 проценти по извесниот пад во изминатите денови. Имено, биле регистрирани 178 нови случаи , а четворица луѓе починале. Направени биле 1368 тестирања, информираше Министерството за здравство.

Досега во земјата се направени вкупно 175.465 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани од почетокот на епидемијата изнесува 16735, бројката на оздравени пациенти е 13863, на починати е 693, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2179.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG