Достапни линкови

Кинески кредити без крај за автопатот Кичево - Охрид


Градежни активности на автопатот Кичево - Охрид
Градежни активности на автопатот Кичево - Охрид

За доизградба на автопатот Кичево-Охрид владата ќе се задолжи со нов кредит од речиси 180 милиони долари. Опозицијата обвинува за криминал, а владата тврди дека штетите се направени од претходната власт. Она што е извесно е дека автопатот ќе чини многу повеќе од предвидените 411 милиони евра

Автопатот Кичево-Охрид чија изградба почна пред повеќе од пет години и која, според првичниот договор, требаше да чини 411 милиони евра, ќе продолжи да се гради со нов заем од речиси 180 милиони долари. Кредитот ќе го земе Јавното претпријатие за државни патишта, откако денеска пратениците го изгласаа предлог законот за гаранција од државата за Договорот за заем.

Инаку првиот кредит за изградба на автопатите Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип​ е земен од Кинеската ЕКСИМ банка и изнесува 580 милиони долари. Поголемиот дел од оваа сума е повлечена, а околу 200 милиони евра биле замрзнати до јуни годинава, кога со анекс на договорот Владата овозможи да се користат овие средства од Ексим банка за откочување на градежните работи.

Сепак, стариот проект за изградбата на автопатот покажал дека има многу пропусти. Току затоа, парите од новиот заем треба да се искористат за да се санираат пропустите. Со Анексот број 3 „Синохидро“ се согласува да изгради девет клучки кои претходно не беа предвидени, како и алтернативен пат од Пресека до Арбиново, да изведе дополнителни работи во тунелот Пресека, како и сите пропусти за вода на целата траса и ископите за стабилизација на косините и санација на свлечиштата на целата траса. Заемот ќе биде доделен со рок на отплата од 20 години и вклучен грејс период од пет години. Каматна стапка е фиксна и ќе изнесува два проценти на годишно ниво за целото времетраење на заемот. Со новото задолжување од 180 милиони, каматните стапки и вкупните обврски кон фирмата и банката, извесно е дека изградбата ќе чини многу повеќе од планираното. За овој случај и Специјалното јавно обвинителство водеше истрага за проневера на буџетски пари и злоупотреба на службената должност и овластување.



Пратениците од власта и од опозицијата меѓусебно се обвинуваат за криминал во однос на договорите за овој проект со кои средствата биле обезбедени со кредити.

ВМРО-ДПМНЕ е убедена во криминалноста на овој договор за задолжувањето. Од оваа партија велат дека се контрадикторни изјавите на актуелната власт и некогашната опозиција која во 2011 тврдела дека кинеската Синохидро е криминална, а денеска ја продолжува работата со нив.

Според парламентарното мнозинство пак криминал бил направен со првиот договор за автопатот во вредност од 505 милиони долари, бидејќи во него не биле предвидени клучки и други позиции. Велат дека со овој анекс – договор се обезбедуваат пари за тоа, а цените на многу ставки се пониски во однос 1:3. Според нив, сумата која е предвидена со анекс договорот ја бараат надзорните институции и се темалат на анализа за непредвидени и нетендерирани финансиски средства потребни за извршување на проектот.

Предвидениот автопат во должина од 57 километри требаше да биде готов минатата година, но теренските проверки покажаа дека се готови само половина од работите, а во проектната документација не биле предвидени клучни работи без кои еден автопат не може да функционира.

Многу пари-слаба реализација

Дел од економските експерти велат дека владата има „врзани раце“ поради веќе потпишаниот договор со Синохидро и дека не може лесно да го раскине, оти тоа пак би предизвикало многу поголеми загуби, прекин на автопатот и голема оштета за изведувачот.

„Бидејќи се тоа огромни пари со кои Македонија влегла во таа банка и компанијата Синохидро, апсолутно не е можно да се прекине тој договор. Јасно е дека успорувањето на работите со автопатот е поради едноставна причина, дека нема пари. Владата е принудена да продолжи со истата фирма. Долговите што земјава во иднина ќе ги има само за финансирање на двата автопата (Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип), ќе бидат многу големи, а приходите никакви, оти немаме ние некоја фрекфенција за да сметаме дека од наплата за патарина, ќе плати државата обврски спрема кинеската банка“, вели поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.

Владата тврди дека реалната реализација на терен на проектот со новите услови ќе изнесува од 45 до 50 проценти и оти новиот автопат треба да биде готов до средината на 2021 година, нешто во што не е уверен Хајредини.

„Кому ние да веруваме? На истите луѓе кои пред неколку години не уверуваа дека ќе биде готов? Колку траеше изградбата на Демир Капија-Смоквица? За да биде извршувањето на работите според планот, треба подготовките да траат долго, значи проектирање во детали. Ако се влезе брзо во проектот, без расчистени технички проблеми, тогаш градбата ќе трае многу подолго за да се покријат пропустите кои биле во основниот проект. А, ние имаме идеен проект и почнуваме веднаш со градба, а потоа излегуваат слабости и пропусти“, вели Хајредини.

Инаку изградбата на автопатот Кичево-Охрид и автопатот Миладиновци- Штип беа дел од прислушуваните разговори што ги објави лидерот на тогашната опозиција, а во кои поранешниот премиер Никола Груевски и тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески договараат пет проценти провизија од Кинезите или 25 милиони евра за да се избере токму Синохидро. Токму за овој случај на СЈО во јавноста познат како „Траекторија“, Груевски кој во моментот е азилант во Унгарија, деновиве беше ослободен од кривична одговорност откако постапката беше прекината поради апсолутна застареност.

Во „Траекторија“ обвинети се и поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и поранешниот директор на ЈП за државни патишта Љупчо Георгиевски за злоупотреба на службената должност за тендерот за избор на компанија изведувач за изградба на автопатните делници Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG