Достапни линкови

Кандидатите за градоначалници предигра за главните ѕвезди - лидерите!


Зоран Заев, Мендух Тачи, Димитар Апасиев, Зијадин Села, Христијан Мицкоски и Али Ахмети
Зоран Заев, Мендух Тачи, Димитар Апасиев, Зијадин Села, Христијан Мицкоски и Али Ахмети

Предизборната кампања завршува вечер на полноќ, утре е предизборен молк, а в недела, 17 октомври е денот на гласањето. Карактеристично за оваа кампања е дека, иако станува збор за локални избори, сепак главни „ѕвезди“ повторно беа лидерите на партиите.

За некои за среќа, за други за жал, но предизборната кампања дојде до крајот. Сите кандидати за градоначалници и за советници си кажаа тоа што имаа зацртано пред 20-ина дена. Едни го понудија најдоброто за секоја општина, други се залагаа за промени, проекти и победи, трети имаа зелена, еколошка опција за иднината на државата, четврти...

Сепак, неизбежен е впечатокот дека кандидатите за локалните функции и овој пат беа во сенка на „видните“ членови на политичките партии, а особено на лидерите. Таква беше и концепцијата на сите митинзи, собири, средби со граѓаните во селата и градовите низ Македонија. Најпрвин доаѓаше „лесната артилерија“ со своите адути, односно локални проекти и ветувања, а потоа калибарот на артилеријата растеше, за на крајот да останат партиските врвови и лидери, со своите „крупни“ политики.

„После 26 години митинзи, ветувања- ЕУ, НАТО..., еве го НАТО. Го донесовме НАТО и денес некој може да сонува за конфликти, за војни, за какви било кавги. Денес имаме стабилна, сигурна и безбедна земја. Територијалниот интегритет и сувереноста на државата комплетно се заштитени. А НАТО е еден за сите, сите за еден. Па нека му ја мисли некој ако сака да прави конфликт повторно овде на територијата на Македонија“, вели во обраќањата Зоран Заев, претседател на СДСМ, додавајќи дека инвестициите од централната власт стратешки ги насочуваат кон општините, за отворање нови работни места и повисоки плати за секого.

Од друга страна, лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја нагласува сиромаштијата на луѓето, за која, според него, е виновна власта на СДСМ.

„Луѓето се плашат и не знаат како ќе го поминат месецот. Не знаат како дрва за огрев ќе обезбедат, семејствата да ги прехранат, децата да ги школуваат. Тие луѓе те гледаат во очи, им доаѓа да заплачат, ама не плачат, туку велат- погрешивме, Христијан. На 17 октомври гласно ќе зборуваме и ќе ги казниме овие криминалци и измамници за тоа што ни го направија“, вели Мицкоски.

Тој додава дека овие локални избори се многу повеќе од тоа и оти од нив зависат многу работи поврзани со иднината на Македонија.

Димитар Апасиев, претседател на Левица, истакнува дека тие како политичка партија поставиле нови стандарди во политиката, вовеле колорит од возрасти, од вредности, од манири, од карактери, различен степен на образование.

„Ние сме едиствената партија која не става само доктори носители на листи, ние имаме од доктори на науки до студенти, од правници до музичари, од менаџери до чистачки, од економисти до спортисти, од земјоделци до таксисти, од учители до текстилни работнички. После ова, стереотипот е пробиен“, рече Апасиев.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети, барајќи ја довербата за кандидатите на ДУИ, постојано ја истакнува нивната Зелена агенда за почиста средина и поквалитетен живот.

„Ние сме со вас 20 години по ред со бел образ во сите области на активностите. Ова е мандат за нов успех бидејќи Зелената агенда е целата систематизирана на проектираната средина во сите области. На моите плеќи има голема одговорност во изборот на кадри. Користам три инстанци: базата- огранокот, центарот каде што сум и јас, и народот. И јас ја почитувам волјата на мнозинството на народот затоа што ова е новото поглавје“, нагласи Ахмети.

Од своја страна, Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, очекува победа уште во првиот изборен круг, забележувајќи дека политичките противници излегле од контрола.

„В недела со рака да го покажете патот на светлината. По 17 октомври, нема да има веќе општини што ќе ги води ДУИ, бидејќи нашата коалиција ќе победи од Струга до Липково. Кажете им на луѓето дека ни треба убедлива победа, да победиме чисто како во Гостивар уште во првиот круг“, рече Села.

Претседателот на ДПА, Мендух Тачи истакнува дека по победата на партијата многу работи ќе се променат.

„Нашиот народ е оштетен од економски аспект, Албанците во Македонија беа економски посилни и од Албанците во Косово и од Албанците во Албанија, а по 20 години сме на последно место. Им објаснивме на луѓето дека ние сме поинакви. Јас мислам дека не чекаат подобри денови“, вели Тачи.

На крајот, наместо резиме, може да кажеме дека, ако ги носиме одлуките и заклучоците врз основа на она што го гледаме, слушаме и читаме за време на кампањата, тогаш апсолутно е сеедно кој ќе биде градоначалник во нашата општина. Во секој случај таа ќе биде модерна, беспрекорна и идеална за живеење и работење.

Меѓутоа, за жал, секогаш постои едно „меѓутоа“ кое ги распрскува соништата уште првиот ден по изборите и нè враќа во суровата, не така розова реалност.

  • 16x9 Image

    Благоја Кузмановски

    Во новинарството е од 1993 година, кога почнува да работи во дневната редакција на Македонското радио. Бил уредник и водител на сите дневно – политички информативни емисии на програмите на радиото. Од 2002 година е шеф на дописништвото на Радио Слободна Европа во Скопје.

XS
SM
MD
LG