Достапни линкови

Скопје најкрупен залак- некој ќе слави, некој ќе жали


Локални избори 2021, илустрација
Локални избори 2021, илустрација

Изборната кампања влезе во втората половина и веќе може да се изведуваат заклучоци за тоа кој како се претставува пред граѓаните, во медиумите, на социјалните мрежи. Поради јасни причини, најголемата битка се води за тоа кој ќе ја раководи локалната власт во поголемите градови, а особено во Скопје.

Кандидатите за општинските функции ги интензивираат своите активности пред локалните избори, секојдневно се среќаваат со граѓаните и им ги изнесуваат своите ветувања за тоа како тие ќе ја управуваат општината доколку го добијат нивниот глас.

Во нивните настапи се опфатени многу аспекти- од инфраструктурата, преку борбата против загадувањето, корупцијата, па се до „крупни“ политички прашања кои најчесто не се во рамките на ингеренциите на локалната власт.

Според изјавите на учесниците во изборната трка, сите општини за нив имаат еднакво значење. Сепак, од нивната ангажираност и посветеност, времето и ресурсите што се трошат, се добива впечаток дека нешто поважни им се поголемите градови, а оти најкрупен и најважен залак за сите е Скопје.

Несомнено дека тој што ќе го „лапне“ тој залак ќе има најмногу причини за радување, додека на другите залакот ќе им стане кнедла во грлото.

Токму затоа и фокусот на поголемите политички субјекти, како и на медиумите, е најмногу насочен врз тоа како се одвива битката за главниот град.

А настапите и агитирањето на кандидатите за прв човек на Скопје се различни и сеопфатни.

Така на пример, актуелниот „градски татко“ Петре Шилегов, зад кој стои коалицијата предводена од СДСМ, меѓу другото ветува борба против корупцијата со современи технолошки методи.

„Со Скопје Смарт Сити, Град Скопје станува град без шалтери. Сите услуги Скопје и скопјани ќе ги добиваат и ќе ги даваат преку целосно дигитализиран процес. Целосно го исклучуваме субјективниот фактор, односно контактот на граѓаните со администрацијата, со што целосно ја елиминираме можноста за корупција која може да настане во таквиот однос.“

Од своја страна, независната кандидатка Данела Арсовска, зад која застана и опозициската коалиција на чело со ВМРО ДПМНЕ, ветува борба против корупцијата со ветинг за сите директори на јавните претпријатија, но и со личен пример:

„Уште од првиот ден на почнување на мојот градоначалнички мандат ќе поднесам изјава до антикорупциската комисија дека мојата имотна состојба нема да се зголеми за сите 4 години мандат.“

Не изостануваат и зајадливи прашања:

„Каде е тунелот под Калето, каде е кружниот тек на влезот во Скопје кај Сарај, каде е езерото Треска,...?“, го прашува Арсовска Шилегов, алудирајќи на неговите неостварени ветувања од минатите избори.

Одговарајќи на ваквите настапи на противкандидатката, Шилегов саркастично вели:

„Добро, ОК, прави отчет на тоа што во градот е реализирано. Жената зборува за реализирани работи. И тоа е во ред, драго ми е што го осеќа својот град.“

Во оваа „дебата“ се вклучува и ВМРО ДПМНЕ, која го обвинува актуелниот градоначалник на Скопје дека во отсуство на свои проекти, се фали со оние на Арсовска и со веќе готовите од времето на Коце Трајановски.

Од настапите на другите кандидати, ги издвојуваме нивните ветувања за залагања и активности против загадувањето, хаосот во сообраќајот, урбанистичката мафија.

„Најургентно е, треба да се регулира сообраќајот, со цел да може да се подобри квалитетот на воздухот. Потребно е максимално зазеленување“, вели Арбен Шаќири од коалицијата на ДОМ и ЛДП.

„Имаме единствена можност да ги заштитиме граѓаните од урбанистичката мафија, да го зазелениме Скопје, да го исчистиме отпадот, да си ги вратиме јавните простори“, истакнува Ана Петровска од граѓанската иницијатива Зелен хуман град.

„Депониите се рак-рана на Скопје. Ќе ги мапираме сите депонии и ќе направиме комплетен мониторинг на сите невралгични места со дронови и со камери“, ветува Александар Тортевски од Твоја партија.

Кандидатот од Левица, Петар Георгиевски, вели дека не сака да ветува големи проекти, бидејќи не знае со каков буџет располага Градот.

Трошоците на градската управа ќе ги сведе на минимум, ќе се возат велосипеди, во најдобар случај автомобил на струја. За Градот ќе посвети многу проекти поврзани со спортот и рекреацијата, а во план му е и многу работа во сферата на културата.

Ова е само мал дел од сите ветувања со кои кандидатите за функциите во локалната самоуправа ги „бомбардираат“ граѓаните, кои може да уживаат во овие 20-ина дена во кои политичарите им се „умилкуваат“ барајќи го нивниот глас. Ваквата состојба ќе потрае до 15 октомври на полноќ, кога завршува изборната кампања.

По еднодневното средување на впечатоците и „острење на моливите за гласање“ за време на молкот во саботата пред изборите, на 17 октомври граѓаните ќе ги изберат луѓето кои ќе ги водат нивните општини во наредните 4 години.

  • 16x9 Image

    Благоја Кузмановски

    Во новинарството е од 1993 година, кога почнува да работи во дневната редакција на Македонското радио. Бил уредник и водител на сите дневно – политички информативни емисии на програмите на радиото. Од 2002 година е шеф на дописништвото на Радио Слободна Европа во Скопје.

XS
SM
MD
LG