Достапни линкови

Каде што има чад, таму ќе никнат и згради


Пожар во старата фабрика Треска во Скопје на 14 април 2022
Пожар во старата фабрика Треска во Скопје на 14 април 2022

По пожарот од април, кој бил подметнат, но не се знае од кого, сопствениците почнаа да го расчистуваат просторот кај фабриката Треска во Скопје. Тоа е само прв чекор од изградбата на 30 згради на локацијата, коментираат граѓаните. Веќе се поднесени 4 барања за градба и 15 за дооформување на парцели.

Започнува расчистувањето на објектите и опасниот отпад од поранешната фабрика Треска. Со тоа се отвора простор за нова бетонизација на оваа атрактивна локација во центарот на Скопје.

Објектите ќе ги расчистуваат сопствениците на земјиштето кои што доставиле 36 барања за издавање решенија за отстранување објекти, од кои се одобрени 13.

Градоначалникот Горан Герасимовски вели дека просторот мора да се расчисти зашто се претворил во депонија која е сериозен извор на зараза од глувци и секаков отпад како и азбестни канцерогени плочи.

Граѓаните се сомневаат дека ова е само прв чекор од изградбата на „наполитанките“, како што ги нарекуваше поранешниот градоначалник на Центар Саша Богдановиќ.

Сомнежните дека се спрема брза изградба на цела нова населба се подгреаја уште во април годинава кога изби мистериозен пожар на локацијата. Телма објави дека истрагата утврдила дека пожарот го предизвикал човек, но кој и зошто – останува непознато.

Со планот, просторот на „Треска“ е поделен на шест градежни парцели и предвидува на нив да никнат триесетина нови згради. Се дозволува катност од приземје, 4 ката плус поткровје и приземје плус 5 ката и поткровје. Веќе се поднесени 4 барања за градба и 15 за дооформување на парцели.

Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска смета дека на таа локација не смеат да почнат градежни работи затоа што се водат предмети за локацијата во Јавното обвинителство.

Против изградба на цела нова населба на таа локација реагираа и независните советници од Шанса за Центар.

Градежниците бараат да градат на локацијата на Треска според актуелниот Детален урбанистички план донесен во времето на ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ го критикуваше планот како лош и нехуман, а зградите што треба да никнат ги нарекуваше наполитанки. Општина Центар има градоначалник од СДСМ или коалицијата трет мандат по ред, но не успеа да го смени планот. Во 2013 година за градоначалник беше избран Андреј Жерновски од ЛДП, кој сега е дел од СДСМ, по него беше Саша Богдановиќ од СДСМ, а од лани градоначалник е Горан Герасимовски од СДСМ.

Герасимовски вели дека се во преговори со Град Скопје да се донесе нов ДУП само за делот на фабриката Треска, но таа постапка може да трае со години. Дотогаш, градежниците ќе добијат градежни дозволи според сегашниот план.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG