Достапни линкови

Малите партии со мали шанси за пратенички места


Гласање во вториот круг од претседателските избори во 2019 година.

На овие избори за разлика од минатите во 2016 година има девет нови партии и коалиции на листата. Но, според упатените, согласно сегашниот изборен модел, тие немаат шанси за освојување на некое пратеничко место, посебно во услови на поинаква изборна кампања поради пандемијата на коронавирусот.

Петнаесет партии и коалиции се во трката за предвремените парламентарни избори закажани за 15 јули. Листата за разлика од минатите избори е збогатена за дури девет партии и коалиции кои не биле дел од гласањето во 2016 година.

Во трката по гласови сега се вклучија Твоја партија, Интегра, Македонски концепт која на листата ќе настапува со Социјалдемократската унија, потоа Демократи, Глас за Македонија, Граѓанско демократска унија, Народна партија на Ромите, како и партиите кои не се новоформирани, но не биле дел од изборите, работничката партија МОРО и коалицијата на Единствена Македонија и Фродем заедно со здружението Тврдокорни под името „Никогаш Северна само Македонија“.

Поранешниот претседател на Собранието и лидер на помала партија, Тито Петковски вели дека Донтовиот метод е проблем за некаков успех на малите партии и тоа се покажало во неколку изборни циклуси.

„Доколку се постигнеше некој консензус помалите политички партии заедно да настапат на изборите тогаш шансите се зголемуваат. Но, вака големите политички партии и кај македонскиот и кај албанскиот електорат се апсолутно во ситуација да го диктираат политичкиот пазар. Така што со години тие не сакаат со никого да го делат политичкиот профит и малите партии или се упатуваат да прават некои коалиции или едноставно однапред да се помират со пораз на изборите. Начинот на распределба на мандатите сериозно ги намалува шансите на малите партии, кои и финансиски не се во можност да водат голема кампања“, смета Петковски.

Минатата година имаше иницијатива за промена на изборниот модел, од шест избирачки единици да се сведе на една изборна единица. И покрај тоа што владејачката партија СДСМ ја поддржуваше иницијативата, таа не беше усвоена.

Имаше случаи во минатото кога некои партии освојуваа и по 30 илјади гласови, но не добија ниту еден пратеник, бидејќи гласовите беа сконцентирани во повеќе изборни единици, вели политичкиот аналитичар Џељал Незири. И според него, проблем е Донтовиот метод со кој во секоја изборна единица се распределуваат по 20 пратенички места.

„Со овие математики често се губи тој глас, бидејќи таа Донтова формула ги фаворизира поголемите партии. Но, ако се концентрирани во една изборна единица. Ако нивното јадро е токму во една изборна единица тогаш имаат големи шанси да освојат најмалку еден пратеник“, вели Незири.

Петковски смета дека дополнителен ограничувачки фактор е што фокусот на изборната кампања сега треба да бидат електронските медиуми поради пандемијата со коронавирусот.

„Во овие услови на пандемија и тешки економски прилики во државата, сериозно заострени односи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кои условно кажано им дојдоа преку глава на граѓаните, можеби нивната жестока реторика еден дел од граѓаните ќе ги упати на друга адреса да се ориентираат кон другите политички партии. Но и новите политички партии не се со некоја граѓанска содржина, туку имаат набиена етничка агенда и еднонационална реторика, така што можеби во една таква ситуација и да добијат некој мандат, но не верувам дека сериозно може да ја променат политичката слика“, додава тој.

На изборите пред четири години учествуваа 11 политички субјекти. Од малите партии кои настапуваат самостојно единствено Левица има искуство од изборите во 2016 година, кога освои нешто над 12 илјади гласови, но не освои пратеничко место. За прв пат на овие избори има коалиција од две албански партии Алијанса за Албанците и Алтернатива, како и коалиција на македонска со албанска партија, односно СДСМ со БЕСА. На листата се плус ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, како и ДУИ и ДПА.

До изборите пак, дојде по инсистирањето на ВМРО-ДПМНЕ откако државава не доби датум за преговори со Европската унија на ланскиот есенски самит и покрај сменетото име во Република Северна Македонија. Првично требаше да бидат одржани на 12 април но беа одложени поради почетокот на пандемијата од Ковид – 19.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG