Достапни линкови

Иновативен изум за гаснење на пожар на македонска компанија


Иновативен систем за гаснење на пожарикои настануваат од литиумјонските батерии

Гаснење пожари од литиумјонски батерии без отровни материи, ова е иновативен изум на мала македонска компанија, која освои прво место на натпревар во Америка. Но, колку Македонија поддржува иновативни компании?

Македонската компанија ВЕДА создаде иновативен систем за гаснење на пожари, кој освои и прва награда на меѓународен натпревар за иновации организиран од Министерството за одбрана на САД.

Станува збор за сузбивање на пожарите кои настануваат од литиумските батерии.

Овие батерии се користат во електричните автомобили, тротинети, автобуси и друга опрема која користи електрична енергија.

Батериите се направени од ќелии кои што некогаш сами од себе се запалуваат, поради фабричка грешка, прегревање или други причини поради кои доаѓа до настанување на пожар.

Во таков случај, овој систем овозможува температурата при горење на една ќелија да не се пренесе на друга. Со тоа се спречува оганот да не зафати пластика или соседни ќелии и се спречува ширење на пожарот.

Разликата во однос на другите системи и она што е иновативно е што супстанцата за гаснење на пожарите е нетоксична.

„За разлика од конкуренцијата која се бави со аеросолно гаснење на пожар нашата супстанца е нетоксична. Имаме добиено сертификат за нетоксичност. Ние си дадовме задача преку знаењата кои ги имаме, особено преку некои знења на Борис Јанковски, кој е и носител на целиот иновативен процес, да направиме ваков еколошки систем. Секако кога има пожар се нешто гори и има секакви токсични материи, но да го сузбиеме пожарот во моментот на неговото настанување за да може што помалку работи да изгорат, што помалку штета да се предизвика, па и да ги заштитиме животите на луѓето. Супстанцата наша е нетоксична доколку се вдише односно нема да го влоши додатно здравјето на луѓето кои се наоѓаат околу пожарот“, објаснува директорката на компанијата „Веда“, Искра Михајловска.

Иновативен систем за гаснење пожар од литумјонски батерии
Иновативен систем за гаснење пожар од литумјонски батерии

Системот првично бил развиен за гаснење на пожари во домаќинствата, но со понатамошниот развој, сега практично може да се користи и за спречување на пожари во електрични тротинети, автомобили, камиони, електрични вагони, опрема за радиостаници која ја користат полицијата, војската, планинарите.

Системот има потенцијал за масовно производство во светски рамки

Во светот веќе се носат регулативи со кои се забранува употребата на флуорирани стакленички гасови или т.н. Ф-гасови, кои се користат за гаснење на пожари, бидејќи се штетни за озонот и до 2030-та година идејата е да се исфрлат од употреба.

Регулативата на ЕУ за овие гасови, од 2014 година вклучува чекори за постепено укинување на потрошувачката и производството за 79 проценти до 2030 година, за производителите да се насочат кон технологија попријатна за климата и употреба на природни алтернативи.

Токму затоа овој иновативен на систем на македонската компанија „Вeда“ има потенцијал за масовно производство и употреба во светски рамки.

„Со оглед на тоа што се повеќе се употребуваат литумските батерии, пред сè за електричните возила, така овој проблем при експлоатација на возилата се појави и се повеќе внимание привлекува. Еден наш колега со кој претходно имаме соработувано, кој работи за една автомобилска индустрија, во име на неговата автомобилска индустрија побара од нас решение и ние направивме решение за оваа автомобилска индустрија на веќе дизјанирана и направена нивна батерија, односно како носители на технологијата имаме можност да експериментираме и да ја адаптираме супстанцата на слободниот простор кој се наоѓа во кој било дел што сакаме да го заштитиме. Во конкретниот случај тоа се батериите за електричните возила“, објаснува директорката на компанијата, Искра Михајловска.

Развојна лабораторијата каде работат иноваторите од македонската компанија „Веда“
Развојна лабораторијата каде работат иноваторите од македонската компанија „Веда“

Иновативни компании има во Македонија, но работат само за странскиот пазар

Но, патот на комерцијализација на иновативни производи не е лесен.

Иновативни компании во земјава има, но тие работат најмногу за странски пазари.

Михајловска објаснува дека вложувањата во нови технологии се сметаат за ризични и државата не вложува многу во ваквите иновации.

„Кај нас банките немаат разбирање за ризични инвестиции, се што е иновација е ризична инвестиција така што не очекувам дека нешто ќе се смени, единствено што се надевам е дека можеби некаков приватен инвеститор или сите овие инвеститoри што дојдоа во зоните сепак малку ја сменија деловната култура и сепак станаа луѓето и политичарите свесни дека производството е многу помоќно отколку да се бавиш само со трговија“, додава Михајловска.

Тоа што недостасува вели се и саемите. Додека порано се одржуваа технолошки саеми, кои се корисни за размена на информации, идеи и меѓусебна соработка помеѓу фирмите, сега тоа го нема.

Македонската компанија „Веда“ се бави со истражување и развој од 1991-вата година, но технологиите секогаш ги продавале надвор од земјава. Освен од Фондот за иновации , досега никој не ги поддржал, па производите досега ги продавале и произведувале надвор од Македонија, но се надеваат дека овие иновативни решенија ќе најдат свое место и во државава.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG