Достапни линкови

Избрзани и недоволни измените на Законот за работни односи


Работници. Илустрација.

Ни работниците, ни работодавачите се целосно задоволни со измените на Законот за работни односи кои влегоа во собраниска процедура. Со нив се предвидува задолжително пензионирање на 64 години, а опозицијата за нив поднесе над 400 амандмани.

Прекинување на договорот за работа на 64 години и со 15 години стаж предвидуваат измените на Законот за работни односи кои се во собраниска процедура и кои превенствено, според предлагачите, имаат за цел да ја намалат бројката на вработени во администрацијата и да се остави простор за вработување на млади лица. Но, за синдикатите измените се недоволни, а за работодавачите се избрзани.

Според новите измени, пензионирањето ќе биде задолжително во јавниот и приватниот сектор, со исклучок на здравството и образованието, но тоа ќе се регулира со други закони.

За Конфедерација на слободни синдикати (КСС) измените се прифатливи заради тоа што најчесто продолжување на работниот однос бараат вработените во јавната администрација. Но, претседателот на КСС, Благоја Ралповски вели дека за нивното барање за предвремено пензионирање кое било дел од предизборната кампања на власта воопшто не станало збор.

„Ние го поставиме тоа прашање и на економско социјалниот совет, но очигледно дека сега нема слух за тоа, беше само едно предизборно ветување. Сега гледаме дека министерот за информатичко општество најавува нешто друго дека во 2021 ќе се справуваат со тие 2000 вработени по Рамковен договор за да се најде место за нив во јавниот сектор. Гледаме дека има пари во буџетот за нови вработувања во јавниот сектор. Додека пак во 2022 година повторно се оди на отпуштања во јавниот сектор што за нас секако не е прифатливо“, вели тој.

Претседателот на Бизнис конфедерацијата, Миле Бошков вели дека е потребна поширока и посериозна дебата за влијанието на измените на законот и пред се дали Фондот за пензиско и инвалидско осигурување може истите да ги издржи.

„Секако дека сега во моменти на криза можеби треба да се однесат некои решенија, но секако не треба да бидат избрзани за на долг рок. Тоа беше само една зачувана форма преку социјално економскиот совет, без некоја посериозна дебата, ниту пак беа објаснети краткорочните и долгорочните ефекти“, смета Бошков.

Според Ралповски, се предвременото пензионирање не само што дополнително ќе се намалел бројот во јавниот сектор, туку и ќе се дошло до ситуација да се унапредат вработени, а ќе имало простор и за вработување на други стручни лица.

„Сега зошто нема слух за нашето барање не знаеме. Од причина што кај нас во државата сцијалниот дијалог е само формален и социјалноо економскиот совет е еден приватен клуб. Ние немаме суштински социјален дијалог каде што социјалните партнери ќе ги кажат своите ставови, размислувања и факти зошто тоа треба да биде така. Едноставно се носат законите насилно, формално се консултираат социјалните партнери, но друго стигнува на седница на Владата, а трето во Собранието и ние сме изненадени од многу закони“, додава Ралповски.

За измените на законот опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднесе над 400 амандмани. Пратеничката на СДСМ, Жаклина Лазаревска во име на предлагачите на измените на законот изјави дека анализата покажала дека до крајот на 2020 година границата за пензионирање на 64 години ќе ја доистигнат околу 6000 лица. Но, според неа, некои од нив нема да одат во пензија доколку до 31 август мината година, согласно законскиот рок, побарале продолжување на работниот однос.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG