Достапни линкови

Изборите во Турција сериозен предизвик за Ердоган


Во која насока ќе оди турската економија, каква улога може да има Анкара за да ги ублажи конфликтот во Украина и на Блискиот Исток се прашања кои ќе бидат одговорени со изборите во Турција што треба да се одржат на 14 мај. Светските новински агенции сметаат дека овие избори се голем тест за досегашниот дведецениски претседател на Турција Реџеп Таип Ердоган.

Поместувањето на часовникот за избори во Турција за еден месец понапред укажува дека ова ќе биде можеби еден од најголемите тестови за досегашниот претседател Реџеп Таип Ердоган. Анкетите покажуваат дека парламентарните и претседателските избори ќе бидат тесни, а токму тоа е најголемиот тест за Ердоган во изминативе две децении кој е на чело на важна членка на НАТО и една од најголемите воени сили во тој регион, како и голема пазарна економија, јавува новинската агенција Ројтерс.

Најавата го поставува теренот за гласање што може или да го прошири исламскиот стил на владеење на Ердоган во трета деценија или да ја насочи земјата на остро посекуларен -- и потенцијално предвидлив – курс, пишува пак во својата анализа новинската агенција Франс Прес.

Ердоган, кој се залага за верска побожност, дипломатија поддржана од војска и ниски каматни стапки, во својот говор пред пратениците од неговата партија (АКП) со исламистички корени, рече дека Турците ќе ја отфрлат опозицијата на истиот датум кога се одржаа изборите во 1950 година.

Изборите кои може да се одржат на 14 мај се шанса за опозицијата да ги исполни своите ветувања за промена на долгогодишната власт. Вкупно 6 партии во две коалиции ветуваат од напуштање на невообичаените економски политики на Ердоган, враќање на независноста на Централната Банка, и поддршка за поранешниот парламентарен систем., како и враќање на сириските бегалци.

Двете главни опозициски партии, секуларната Републиканска народна партија (ЦХП) и централно-десничарската партија ИЈИ, формираа сојуз со четири помали партии, оспорувајќи се на изборите на платформа која има за цел да ги поништи клучните политики на Ердоган. Опозициската алијанса во Туриција ветува дека го смени начинот на кој управува со Турција и ќе се разгледа каква улога може да има за да се олесни конфликтот во Украина и на Блискиот Исток.

Но, неговата секуларна опозиција влегува во кампањата расправајќи се за составот на нивната можна влада и поделена околу тоа кој кандидат да излезе против Ердоган. Нивната најдобра надеж во една фаза се чинеше дека е популарниот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу. Имено, 52-годишниот Имамоглу го победи сојузникот на Ердоган во историските избори во 2019 година, во кои опозицијата дојде на власт и во главниот град Анкара и третиот по големина турски град Измир.

Кривичниот суд минатиот месец му забрани на Имамоглу да учествува во политички избори затоа што ги нарече „идиоти“ службите кои ја поништија неговата првична победа во 2019 година. Имамоглу поднесе жалба на таквата одлука и сè уште технички може да се кандидира за претседател.

„Нашата нација ќе им каже „доста е“ на овие благодарници на пучот, оваа амбициозна, но неспособна листа од шест партии исто како и пред 73години“, рече Ердоган за шестпартиската алијанса која сака да го урне од власта.

Тој во средата одржа говор во стилот на кампањата пред неговата владејачка партија, потсетувајќи на денот кога Турција ги одржа првите слободни избори во 1950 година. На изборите одржани на 14 мај 1950 година, Демократската партија победи против Републиканската народна партија (ЦХП), која владееше со Турција 27 години од нејзиното основање - и која е најголемата партија во денешниот опозициски сојуз.

Тоа гласање на 14 мај го освои Аднан Мендерес -- премиер кој беше соборен од воената хунта во 1960 година и егзекутиран една година подоцна. Ердоган и самиот беше сменет и накратко затворен кога беше градоначалник на Истанбул во 1990-тите и често се споредува себеси со Мендерес.

„Покојниот Мендерес на 14 мај 1950 година рече „доста е, народот ќе го каже својот збор“ и излезе како победник на гласачките кутии“, посочи Ердоган во својот говор.

Минатата година најавите за овогодинешните избори беа за 18 јуни, но вчера Ердоган изјави дека може да се одржат еден месец порано, односно на 14 мај. Во своето владеење Ердоган се залагаше за верска побожност, дипломатија поддржана од војска и ниски каматни стапки и покрај тоа што инфлацијата во земјата се искачи над 85 отсто во октомври.

Поддржувачите на Ердоган го почитуваат затоа што им даде глас на маргинализираните и создаде просперитетна нова средна класа во нацијата од 85 милиони луѓе. Но, неговите противници ја истакнуваат авторитарноста што се појави во последните години од неговото владеење.

Турската опозиција ветува радикална промена доколку победат, но допрва треба да изберат претседателски кандидат кој ќе му се спротивстави на Ердоган.
Владејачката АКП сè уште е најсилната партија во Турција и најверојатно ќе остане моќна сила во парламентот, но анкетите покажуваат дека Ердоган заостанува пред некои потенцијални предизвикувачи.

Земјата влегува во избори со голем дел под закрила на власта и за задушен глас за опозицијата, како и илјадници активисти и политичари кои најмногу Курди зад решетки, пишува Франс прес.

Сојузниците на Турција во НАТО не се чувствуваат најмирно во однос на надворешната политика на Ердоган кој неодамна им се спротивстави во намерите за проширување на Алијансата со одбивање на обидите на Шведска и Финска да се приклучат на западниот одбранбен блок, пишува во анализата Ројтерс.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG