Достапни линкови

Зошто украинските и руските сили се подготвуваат за долга војна?


Украина продолжува да бара поголема и побрза испорака на западно оружје и муниција
Украина продолжува да бара поголема и побрза испорака на западно оружје и муниција

Маргарита Конаев од Универзитетот Џорџтаун објаснува зошто е тешко да се предвиди брз крај на војната во Украина и како поддршката на Западот за Киев е поважна од кога било. Рид Стендиш

Руските сили се сѐ поблиску до освојување на последниот џеб на отпорот во источниот регион Луганск во Украина, со битки кои беснеат во Северодоњецк и во близина на неговиот збратимен град, Лисичанск.

Руските придобивки биле, според аналитичарите, со големи жртви и загуби на опрема, што доведе до тоа британското одбранбено разузнавање да предвиди дека моментумот на Москва ќе забави во текот на следните неколку месеци.

Украинците ќе го напуштат Северодоњецк поради жестоките борби

Киев, во меѓувреме, продолжува да бара поголема и побрза испорака на западно оружје и муниција, бидејќи украинските сили исто така трпат големи загуби и ги исцрпуваат своите резерви на муниција во интензивните борби во Донбас.

И покрај предвидувањата за изгубен моментум, војната изгледа е далеку од завршена. Во 73-минутниот говор на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, рускиот претседател Владимир Путин на 17 јуни рече дека Москва нема да отстапи од својата сегашна цел да го одвои источниот регион Донбас од Украина.

Оваа порака до Западот дојде кога многу аналитичари веруваат дека рускиот претседател се надева оти западното внимание и поддршката за Украина ќе избледат и ќе попуштат со текот на времето, давајќи му на Кремљ шанса да извлече победа.

РСЕ разговараше со Маргарита Конаев, соработник во Центарот за безбедност и развојна технологија на Универзитетот Џорџтаун.

РСЕ: Изгледа дека во моментов сме во нешто како средна фаза и сите страни велат дека се подготвуваат за она што веројатно ќе биде многу долга војна. Како напредува оваа војна и какво е вашето мислење за временската рамка што луѓето треба да ја имаат на ум?

Маргарита Конаев
Маргарита Конаев


Маргарита Конаев: Едно нешто што го научивме прилично рано во оваа војна е дека е невозможно да се предвиди што ќе следи - тоа е вистина од самиот почеток. Многу набљудувачи беа изненадени од многуте пресврти што се случија и оваа војна секако не излезе како што многумина предвидуваа на почетокот, но изгледа дека од март или април немало вистински значајни оперативни, а камоли стратешки промени.

Значи, тешко е дури и да се процени дали сме во средната фаза на војната или дали сме на почетокот на средината или кон крајот на средината. Во однос на тоа како ова ќе заврши, долго време велев дека завршувањето на оваа војна - ако и кога ќе дојде - ќе биде со политичка одлука.

Русија со засилени напади на Донбас

Очигледно, воените фактори ќе играат значајна улога, но на крајот на денот станува збор за политичка посветеност и политички компромис на еден или друг начин - и тоа е нешто што зависи од Путин и Украина.

РСЕ: Борбата во Донбас напредува, бидејќи гледаме тешки битки во Северодоњецк и Лисичанск, каде што Русија остварува придобивки. Какво е вашето мислење за она што се случува на бојното поле и дали Русија може да го одржи овој моментум?

Конаев: „Одржување“ е името на играта во моментов и страната што може да игра на подолг рок ќе има територијални или оперативни придобивки што ќе ги направи за некаков вид дипломатско решение. Голем дел од секојдневните борби се концентрирани повеќе во Луганскиот дел на Донбас и токму тука видовме дека Русија ги постигнува тие придобивки.

Тешко е да се каже како ова ќе се одвива, но се чини дека Русија подобри некои логистички елементи и направи промени во своето раководство, иако се чини дека не направи значителни промени во својата команда и контрола. Но, што и да прават сега функционираат подобро од она што не успеаја да го постигнат на почетокот. Но, повторно, имаше големо редефинирање на целите и ќе биде тешка и многу долга борба.

РСЕ: Во последните неколку недели видовме повеќе украински функционери кои велат дека за да ја одржат својата борба, им треба повеќе оружје и муниција. Исто така, видовме дека украинското воено разузнавање вели дека нивната проценка е оти Русите имаат доволно муниција и опрема за да продолжат да се борат со оваа војна најмалку уште една година. Имајќи го тоа на ум, дали треба да очекуваме слично темпо на борбите или би можеле работите да се забават или забрзаат со оглед на несигурноста околу залихите?


Конаев: Мислам дека борбите ќе продолжат во текот на летото, бидејќи времето одговара за тоа. Може да видиме забавување подоцна наесен, а можеби и во зима. Барем засега, Западот е посветен на снабдување на Украина. Тешкото оружје пристигнува и се чини дека Украина не е подготвена да престане да се бори, а Русија очигледно продолжува да напредува и има артилериска предност и муниција. Значи, имајќи го сето тоа на ум, немам впечаток дека војната наскоро ќе запре. Тешко е да се биде во чекор со секојдневната прогресија на војната.

Територијата што денес ја освои Русија може да биде изгубена следната недела, и тоа е многу поинаква борба од она што го видовме на почетокот. Како ќе напредува, исто така, ќе биде прашање на меѓународното внимание, кое веќе се префрли на друго место поради домашните случувања како што се порастот на цените на нафтата и гасот и инфлацијата. Значи, сите овие варијабли неизбежно ќе влијаат врз траекторијата на оваа војна, која од една страна е војна меѓу две земји, но од друга страна е и меѓународна војна.

Тим на американското обвинителство ќе помага на Украина во гонење на воените злосторници

РСЕ: Што е со борбите на југ, особено околу Херсон, каде што Украинците изведуваат контранапади? Дали можат повторно да заземат некои од овие области на југ, бидејќи Русија е фокусирана врз Донбас?

Конаев: Видовме недостаток на способност на Русија да спроведе амфибиски операции и да ги снабдува своите сили, користејќи го Црното Море поради украинското позиционирање таму и нивната способност да го користат оружјето што го добиваат од Запад доста ефикасно. Иако малку се двоумам да кажам дека Украинците ќе можат ефективно да го вратат Херсон. Од една страна, Русија всушност не контролира целосно ниту една територија на југ.

Исто така, постои и прашањето за тоа како Русија остварува придобивки, а тоа е дека таа во суштина ги уништува станбените области и до точка што голем дел од нив се ненаселени. Херсон беше во голема мера поштеден, но го видовме ова во Мариупол и тоа е она што го гледаме сега во Северодоњецк.

Значи, ако украинските сили се обидат да го вратат Херсон, веројатно ќе видиме дека борбите ќе се интензивираат за враќање на градот, бидејќи секој вид на офанзивна операција е крајно насилна и исто така екстремно скапа. Така, ќе биде тешко за украинската страна да земе град што Русија е посветена да го држи.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG