Достапни линкови

Земјите на НАТО од ЈИЕ координирано со последиците од војната во Украина


Состанок на шефовите на влади на земји членки на НАТО од Југоисточна Европа во Софија 28.03.22
Состанок на шефовите на влади на земји членки на НАТО од Југоисточна Европа во Софија 28.03.22

Лидерите на земјите членки на НАТО од ЈИЕ на средбата во Софија разговараа за енергетската криза, проблемите во снабдувањето со храна, како последица на војната во Украина и како да дејствуваат во иднина. Тие се осврнаа и на спорот меѓу Бугарија и С. Македонија.

Здружено и координирано со подобрување на соработка ќе дејствуваат земјите од регионот со цел да одговорат на сите предизвици и закани кои произлегуваат од војната во Украина е пораката од денешната средба на лидерите на земјите членки на НАТО од Југоисточна Европа во Софија. Тие на средбата, како што соопштија на заедничката прес-конференција пред се се согласиле да се намали зависноста од рускиот гас, да се подобри инфраструктурата, како и да се осигура безбедноста на храната во регионот.

Бугарскиот премиер Кирил Петков, кој беше домаќин на премиерите на С. Македонија, Романија и Црна Гора рече разговарале за важни теми кои војната ги направила поитни. Регионот, како што рече, зависи од руската енергија и дискутирале како може некои од гасоводите да добиваат гас од Грција и Турција и да го носат до Балканот, како и за поврзаноста и за коридор 8 кој мора да биде веќе ставен на мапата. Но, според него, не е важен само овој коридор, туку целокупната инфраструктурна поврзаност на регионот. Тој посочи и дека министрите за земјоделство треба да се координираат за недостатокот на пченица и масло за јадење.

„Важно е во овој момент на криза во нашиот регион каде што војната во Украина зазема толку многу од вниманието на сите и безбедноста на регионот е под закана да се здружиме и да се координираме покрај на ниво на НАТО и на ЕУ и идните земји членки, да се координираме и на ниво на Балкан. Мојот сон е да имаме координиран Балкан на сите теми“, рече Петков.

Тој посочи дека на средбата се разговарало и за воените системи на земјите, како и за бегалците од Украина и повторната изградба на земјата. Според Петков, соработката на границите е активирана и безбедносни стратегии се заеднички и кога економска конкурентност е заедничка, регионот како што рече, може да стане еден од најбрзорастечките во Европа и соработката да ги зближи граѓаните и да им обезбеди подобар животен стандард.

Премиерот Димитар Ковачевски порача дека војната во Украина ги создала најголемите проблеми по Втората Светска Војна, како дефицитот на гас кој е на историско најниско ниво на резерви во Европа, што се одразува и врз производство на амонијакот кој е клучен за производство на ѓубриво.

„И сега имаме недостиг од ѓубриво на светскиот пазар и сега може да се купи 300 или 400 пати повисока цена. Сите цени на храна пораснаа со највисок процент по Втората Светска Војна и сето тоа се случува затоа што двата најголеми производители на пченица русија и Украина сега се во војна. Некои од земјите во регионот имаат вишок на производство на пченица. Додека други пак, немаат вишок и купуваат од другите земји. Добра работа е солидарноста што се прикажува и високо ниво на одговорност од сите земји на регионот и токму затоа немаме недостиг на пченица во овој момент како еден од клучните прехрамбени производи како што е и маслото за готвење“, рече тој.

Нивниот колега од Романија Николае Чука истакна дека нема проблеми во снабдувањето со храна, но има проблеми со синџирите за снабдување со храна поради руската инвазија во Украина и санкциите против земјата.

„Ние дискутиравме како може да се поддржиме меѓу себе и еден од главните аспекти кој што беше покрена денес е проблемот со ѓубриво и затоа сметам дека енергетика и гасот, како и нивните извори се многу важни затоа во таа насока навистина треба да се заблагодарам на Кирил и неговата влада за нивната посветеност во привршување на процесот на интерконектор од Грција до Бугарија, затоа што така ќе се обезбеди уште една алтернатива за снабдување од Александрополис по вертикалниот коридор до Бугарија, Романија, а потоа и до другите европски земји“, рече Чука.

Црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ порача дека секоја зависност е лоша и затоа мора да имаат повеќе добавувачи, особено кога станува збор за безбедноста на храната.

„Мора да ги прекинеме административни бариери и бариерите кои се предизвикани од трошоците. Оваа криза покажа дека солидарноста мора да буде витална во нашите животи“, посочи тој.

Тема и спорот со Бугарија

Премиерите на Бугарија и Северна Македонија Кирил Петков и Димитар во Софија 28.03.2022
Премиерите на Бугарија и Северна Македонија Кирил Петков и Димитар во Софија 28.03.2022


Во однос на процесот на проширување премиерот Ковачевски порача дека
проширување на ЕУ станува безбедносна политика и застојот во овој процес создава дополнителна нестабилност за регионот бидејќи има неколку негативни тенденции и содава простор за злонамерно влијание од трети страни. За спорот со Бугарија, тој рече дека со Петков започнале нов дијалог кој што се заснова на прашања кои гледаат на иднината и затоа работните групи веќе имаат резултати. Според него, министерствата за надворешни работи ан двете земји разменуваат идеи, но се уште нема конечен документ.

„Верувам дека комуникацијата меѓу две соседни земји мора да се заснова на вредности на соработка, на европски вредности, на заемно разбирање и доверба, како и почит и ова е начинот на кој што две соседни земји треба да комуницираат со себе и ова е наративот кој што доминира како секогаш ќе има мали маргинализирани гурпи кои нема да сакаат овој дијалог да оди во добра насока“, додаде тој.

Петков порача дека со Ковачевски работата координирано и имале неколку одредници како што се правата на малцинства, при што односот меѓу двете земји е значително подобрен и се надева дека процесот ќе се забрза. Добри вести, според него, има и од заедничката комисија за историски прашања.

„Некои работи кои беа тешки да се надминат сега изгледаат како да имаат реални можности за надминување. Мислам дека мојот одговор ги покажа моите напори да постигнеме резултати што е можно побрзо. Оптимистичен сум за целиот процес и дека ќе постигнеме со Димитар се што зацртавме што е можно поскоро“, порача Петков.

Тој не сакаше да навлегува до детали, но како што рече, комисијата за историја го известила дека постигнала напредок за одредени историски личности што отвора можност за забрзување на преговорите.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG