Достапни линкови

Вакцините против ковид-19 дополнително ја делат Босна и Херцеговина


Жени со маски за лице во Сараево
Жени со маски за лице во Сараево

Вакцините за ковид-19 изгледа како уште повеќе да го дели веќе поделеното општество во Босна и Херцеговина. Властите во српскиот дел на Босна и Херцеговина се наклонети кон руската вакцина, додека остатокот од земјата со нетрпение чека вакцина со меѓународно одобрување.

Од своето ротирачко, тричлено претседателство засновано врз етничка припадност до паралелните извршни и законодавни совети Босна и Херцеговина е длабоко поделена земја.

Толку многу што повеќето од говорите околу 25-годишнината од договорот со кој се стави крај на нејзината етничка војна во 90-тите години и ја зачува босанската државност, беа насочени кон прашањето зошто тој договор е застарен, а е сè уште толку суштински за нејзиниот опстанок.

Додик на есен во Русија по вакцината за коронавирусот

Сега, додека поранешната југословенска република се бори со ковид-19 заедно со нејзините балкански соседи, таа најде уште една линија на поделба.

Двата конститутивни делови на Босна, муслиманско хрватската федерација и Република Српска, каде што доминираат србите, досега избраа многу различни снабдувачи за вакцините за кои се надеваат дека ќе стават крај на коронавирусот.

Едната веќе ја забрзува работата за набавка на набрзина регистрирана руска вакцина, наречена Спутник V, додека другата се надева на меѓународниот сојуз за вакцини GAVI на кои сметаат околу 185 земји.

„Не можам да одлучам која вакцина да ја земам“, вели Светлана Петровиќ, која е од град во близина на административната линија во северна Босна, која ја одделува Република Српска од бошњачко-хрватската федерација, додавајќи: „зависи од властите“.

Чија е одлуката, сепак?

Родниот град на Петровиќ, Добој, технички се наоѓа во Република Српска, чии претставници во Русија објавија во август дека ќе набават милион дози од контроверзната вакцина Спутник V.

Русија започна масовно да ги вакцинира своите граѓани претходно овој месец, и покрај меѓународната загриженост за нејзината безбедност во отсуство на третата фаза на клинички испитувања пред да биде регистрирана во август, и веќе ја извезува за тестирање во странство.

Без вакцини нема колективен имунитет

Душко Перовиќ, пратеник на Република Српска во Москва, за новинската агенција Срна изјави дека Бања Лука ја очекува својата прва испорака на Спутник V во февруари.

Во минатата недела, сепак, Министерството за здравство на Република Српска за РСЕ изјави дека „во моментов не е можно да се утврди која вакцина ќе биде достапна во Република Српска“.

Се наведува дека нејзините претставници во Русија „ја разгледуваат можноста за набавка на вакцини од руски производител“.

Тие исто така рекоа дека нарачале 400.000 дози на вакцини за 200.000 жители под COVAX механизмот што го води сојузот на вакцини GAVI, чија цел е набавка на сигурни вакцини кои во моментот се тестираат или се шират низ целиот свет.

Официјални лица во другиот босански ентитет, Муслиманско-хрватската федерација, потпишаа договор со GAVI за набавка на 1,2 милиони дози вакцина. Тие не нарачале вакцина Спутник.


Последниот попис, спроведен во 2013 година, покажа околу 1,2 милиони жители во Република Српска и околу 2,2 милиони во муслиманско-хрватската федерација, што укажува на тоа дека ќе бидат потребни околу 6,8 милиони дози за да се покрие целото население на Босна.

До 11 декември имало потврдено 99.543 инфекции во Босна и 3.250 смртни случаи од ковид-19. Голем сегмент од граѓаните на БиХ - како и нивните сограѓани на Балканот - не сакаат да се вакцинираат и не веруваат во научното и медиумското покривање кои ја охрабруваат надежта за вакцина за решавање на проблемот.

Недовербата е голема

Една нова студија за политика за Западен Балкан покажа дека не само што е голем отпорот за вакцинација во Босна и други четири поранешни југословенски републики - заедно со Албанија - туку постои и зачудувачко прифаќање на недоволно или погрешно информирани теории на заговор за ковид-19.

Русија ја започна вакцинацијата против ковид-19

„Постои директна врска помеѓу поддршката за теориите на заговор и скептицизмот кон вакцинацијата“, предупредува студијата за Советодавната група за политика на Балканот во Европа (BiEPAG), објавена на 10 декември.

„Мнозинството низ целиот регион не планира да земе вакцина, за разлика од Европа, каде мнозинството се залага за земање вакцина.

Во сите, освен во една од шесте земји, Црна Гора, каде што околу 45 проценти „сигурно или веројатно би ја примиле вакцината“, „мнозинството ја отфрла вакцинацијата“, се наведува во студијата.

Видливоста на теориите на заговор за КОВИД-19 и неговото потекло се „неверојатно високи во Западен Балкан“, наведуваат авторите, и „меѓу една четвртина и половина од населението се закачени на барем една“ од теориите на заговор што ја разгледувале истражувачите.

Надежите во вакцините засенчени од брзото ширење на пандемијата

Студијата се фокусира особено врз теориите на заговор кои се во оптек не само на Балканот, туку и низ целиот свет и се значително споделени на социјалните мрежи.

Тие вклучуваат идеи како: кинеската влада го изработи коронавирусот во лабораторија; дека фармацевтската индустрија е вмешана во ширењето на ковид-19; дека постои врска помеѓу 5G телекомуникациската технологија и вирусот; дека американската војска го развила новиот коронавирус како биооружје; дека милијардерот на Мајкрософт и филантроп Бил Гејтс се обидува да вгради микрочип кај луѓето; и дека коронавирусот излегол од лабораторијата во Вухан, Кина.

Како да се уверат граѓаните за безопасноста на 5Г мрежата?
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:11 0:00

Регион како Балканот – преполн со поделби меѓу заемно непријателски субјекти и полн со недоверба што произлегува од една деценија војна во 1990-тите исто така може да биде особено плодна почва за лажни теории за дискредитација на вакцината.

Во поново време, регионот стана жариште на анонимни активности за дезинформација преку интернет, насочени на локално и меѓународно ниво. А, медиумите во кои доминира државата, рутински даваат политички мотивирани наративи кои ја нарушуваат довербата во другите институции.

Професорот по филозофија на Универзитетот во Бирмингем, Лиза Бортолоти вели дека недовербата кон институциите поттикнува и отфрлање на доказите.

Теориите на заговор имаат тенденција да се појават во рамките на, како што таа ги нарекува „епистемички меурчиња“, или групи на публика кои намерно ги исклучуваат спротивставените тези.

ЕУ со акционен план против дезинформациите

„Епистемичките меури се помалку флексибилни од недовербата кон „официјалните“ извори на информации, како што се медиумите или владата“, изјави Бортолоти за РСЕ.

Сепак, многу од испитаниците во една анкета на РСЕ изјавија дека ќе земат вакцина кога и да стане достапна. „Дефинитивно би се вакцинирал“, вели Мехо, кој е од Казин, во северозападна Босна, дел од муслиманско-хрватската федерација и кој не сакаше да го каже своето презиме, додавајќи „Кога светот се вакцинира, зошто не и ние?

Практични прашања, премногу

Дејтонскиот договор со кој се зачува државноста на Босна и спаси безброј животи со ставање крај на жестоките борби меѓу Бошњаците, Хрватите и Србите оваа година полни 25 години. Но, нејзините етнички засновани поделби и децентрализацијата остануваат и принцип на организација на Босна и нејзината ахилова пета.

Уставот направен заедно со американските посредници во 1995 година подели голем дел од моќта и овластувањата што обично ги има централната влада. Како резултат на тоа, Босна нема здравствен орган на државно ниво.


Наместо тоа, бошњачко-хрватската федерација, Република Српска, каде доминираат србите, и етнички мешаниот округ Брчко, имаат надлежност да носат сопствени одлуки за здравствена заштита.

Босна се соочува со дополнителни предизвици од ендемската корупција, нагласени со спектакуларниот неуспех на договорот вреден 5,8 милиони американски долари за кинески вентилатори за лекување на пациенти со ковид-19.

Тој случај неодамна резултираше со повеќе обвиненија изречени од државните обвинители, вклучително и против премиерот на Федерацијата Фадил Новалиќ.

Официјалните лица во Република Српска рутински ги следат сигналите од официјалните лица во соседна Србија, а многу од нејзините жители внимателно ги следат српските телевизии.

Владата на Србија, наводно, се согласила да купи доволно Фајзер-БиоНтек вакцина за 900.000 луѓе, а преговара и за можни набавки од Кина и Русија.

Но, српскиот претседател Александар Вучиќ истакна дека тој не бара насоки од Западот, а Белград веќе ја доставил на тестирање малата, пилот-група на руската вакцина Спутник V.

Како близок сојузник во Москва, Вучиќ изјави дека ќе биде првиот Србин за Спутник V откако регулаторите на неговата земја ќе бидат убедени дека вакцината е безбедна.

Станува збор за таканаречена вакцина со два вектори, изработена во московскиот институт за истражување Гамалеја.

„Би го одбрал Спутник“, вели Петровиќ, од Добој во Република Српска. „Поприродно е, од она што го слушам од лекарите, ако е направена на природен начин, како претходните вакцини“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG