Достапни линкови

Зандана на смртта: тешки услови за заробените во Украина


Една од ретките фотографии од внатрешноста на подрумот за време на заробеништво, направена од поединец кој успеал да го сокрие својот телефон
Една од ретките фотографии од внатрешноста на подрумот за време на заробеништво, направена од поединец кој успеал да го сокрие својот телефон

Руски војници држеле стотици жители во едно село во северна Украина - од 6-неделно доенче до изнемоштено 93-годишно лице - во мрачен, училишен подрум без тоалет, вели еден преживеан. Десет лица починале, а Киев обвини осомничени за воени злосторства. Марк Крутов

Стотици заробени Украинци четири недели биле држени од руските војници во нехигиенски подрум на училиштето во Јахидне, село во регионот Чернихив во северна Украина.

Неколкумина не можеле да го издржат недостатокот на лекови, храна, свеж воздух во просториите што ги делеле со повеќе од 300 други заробеници, велат преживеаните.

„На секои три дена во просек умираше по едно лице“, се сеќава Валерија Видковска, додавајќи: „Понекогаш нивната смрт остануваше незабележана сѐ додека не било забележано дека не станале за дневните оброци“.

Германските власти истражуваат стотици можни руски воени злосторства во Украина

Заробениците ги буделе луѓето кога ќе почнела дистрибуцијата на храната. „Таму беше темно, сите седеа, беше невозможно да се знае дека некој умрел“. До моментот кога руските сили се повлекоа од Јахидне и кога преживеаните излегоа речиси еден месец откако беа затворени во училишниот подрум, 10 луѓе починаа.

Цивили убиени во бомбардирани куќи и училишта во Славјанск
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:11 0:00

Билансот го потврдија украинската главна обвинителка Ирина Венедиктова и високиот комесар на ОН за човекови права.

„Други 17 жители на Јахидне биле убиени за време на руската окупација на селото“, рече Венедиктова, која во минатата недела обвини девет руски војници во отсуство за воени злосторства за нивните наводни дејствија таму.

Обвиненијата се меѓу најновите на растечката листа на наводни злосторства од страна на руските сили откако претседателот Владимир Путин започна голема инвазија врз Украина на 24 февруари.

На 3 март, руските трупи од 55-та бригада влегоа во Јахине, кое се наоѓа на 15 километри јужно од Чернихив по главниот автопат за Киев, како дел од големата руска акција од север кон украинскиот главен град.

Во услови на жесток отпор на украинските сили, руската акција кон Киев беше запрена, а војниците влегле во селото, претворајќи го локалното училиште во привремен штаб, а подрумот на училиштето во зандана.

Семејството на Видковска било меѓу првите кои беа одведени во заробеништво. „За една недела бројот на заробеници во подрумот - кој се состоеше од теретана и четири или пет мали соби што се користат како складиште за прозорски рамки, скршени клупи и други стари предмети - порасна од неколку десетици на повеќе од 300“, рече таа.

Меѓу нив имало шестнеделно новороденче, десетици други деца и неколку постари лица од кои најстарата имала 93 години, изјави Венедиктова. Новодојдените им носеле информации за тоа што се случува во селото, вклучително и кој бил убиен.

Руските трупи ги уништија мобилните телефони на заробениците, оставајќи ги без начин да комуницираат со надворешниот свет. „Жителите принудени да одат во училишниот подрум со себе го понесоа она што можеа брзо да го соберат од своите домови, како што се ќебиња, јакни и храна. Спиеја на под, вклучително и во тесните ходници меѓу собите или на бироа“, изјави Видковска.

Една од ретките фотографии од внатрешноста на подрумот за време на заробеништво направена од поединец кој успеал да го сокрие својот телефон покажува десетици луѓе во подрумот без тоалет.

Осумнаесетгодишен Украинец се грижи за браќата и сестрите, мајка им била убиена
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:34 0:00


„Во текот на првата недела, заробениците беа принудени да користат кофи како тоалети додека подрумот не стана нехигиенски“, рече Видковска, додавајќи:

„Руските војници подоцна понекогаш им дозволуваа на жителите да излезат од зградата за да користат тоалет, да пушат или да готват помеѓу 8 и 18 часот - иако понекогаш го откажуваа тоа ако имаше гранатирање, ако сакаа да ги казнат заробениците или поради други причини. Немаше воздух за дишење. Постарите луѓе почнаа да умираат затоа што имаше малку храна, немаше воздух, немаше лекови“.

АИ ја обвини Русија за воени злосторства во Украина

Руските војници ги ваделе телата на мртвите и ги оставале каде што заробениците повремено се миеле. Труповите останувале таму со денови доколку во селото се воделе борби и не било безбедно да се погребаат.

Заробениците ги бележеле смртните случаи, пишувајќи го името на лицето и датумот кога починал на ѕидот во една од собите.

Кога украинските сили ја истераа руската војска од Јахидне на крајот на март, некои од заробениците немале каде да се вратат. Домовите им биле уништени, испразнети од скапоцености, а во некои случаи и минирани со експлозив.

Руските војници го уништиле станот во кој живеела Видковска со своето семејство. Таа проценува дека за време на окупацијата таму можеби живееле дури 20 руски војници. Руските војници ги украле трите телевизори, бунди и друга облека и тешко ги оштетиле ѕидовите и вратите од станот.

Кражбата на накит, апарати и стоки за широка потрошувачка од страна на руски војници за време на нивната инвазија на Украина е широко распространета и добро документирана на фотографии и видеа.

Многу од војниците што Украина ги осомничи дека учествувале во развратот во Јахидне, вклучително и деветтемина обвинети за воени злосторства, се од сибирскиот регион Тива, еден од најсиромашните во Русија.

Олча Монгуш, сопругата на Назити Монгуш, еден од војниците обвинети за воени злосторства, ги негираше обвинувањата против нејзиниот сопруг и тврдеше дека тој им помагал на жителите на Јахидне.

„Жителите беа благодарни за помошта на руските војници, а сега сето тоа го кажуваат зад нивниот грб“, рече таа во одговорот на РСЕ преку социјалните мрежи, без да обезбеди докази за поддршка на тврдењето.

Двајца руски војници осудени за воени злосторства во Украина

Во обраќањето за ситуацијата со човековите права во Украина, високиот комесар на ОН за човекови права Мишел Бачелет рече дека покрај украински цивили убиени во непријателствата или очигледно егзекутирани, други „умреле поради нарушување на нивното здравје предизвикано од непријателствата и недостатокот на медицинска помош. Тие поминаа недели во подруми, на кои руските војници им се закануваа со злоупотреба или смрт доколку се обидат да заминат“.

„Во селото Јахидне во регионот Чернихив, 360 жители, меѓу кои 74 деца и 5 лица со посебни потреби, беа принудени од руските вооружени сили да останат 28 дена во подрумот на училиштето што го користеа како своја база. Подрумот беше екстремно преполн. Луѓето мораа да седат со денови без можност да легнат. Немаше тоалети, вода или вентилација. Загинаа 10 постари луѓе“, рече таа.


Запрашан за неволјите во подрумот во интервју за Би-Би-Си објавено на 16 јуни, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров конкретно не го негираше извештајот на ОН - но посочи дека Бачелет можеби била заведена.

„Голема штета, но меѓународните дипломати, вклучително и високиот комесар на ОН за човекови права, генералниот секретар на ОН и други претставници на ОН, се под притисок од Западот. И многу често тие се користат за засилување на лажните вести кои се шири од Запад“, изјави тој без докази.

Видковска и нејзиното семејство во меѓувреме се привремено во Германија. Иако се безбедни и далеку од војната, чиј крај не се гледа, ги носат емотивните лузни од тој мачен месец, вели Видковска, додавајќи: „Понекогаш мајка ми се буди од кошмари дека некој нѐ бомбардира“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG