Достапни линкови

Со сметка за струја до државјанство


Илустрација - македонски пасош

Предлог законот за државјанство е пред пратениците. Платените сметки за комуналии се само еден од документите што ќе може да се приложи за стекнување со правото на државјанство. Новиот Предлог предвидува тоа да се направи и со доказ дека граѓанинот завршил школо тука, бил на лекар, има имот или штедна книшка, работи во земјава.

Не со тројца сведоци, туку со на пример доказ за платена сметка за струја граѓани ќе може да се стекнат со државјанство на Македонија.

Станува збор за Предлог закон со кој треба да се реши статусот на луѓето од поранешните југословенски републики кои до денот на прогласување на независноста живееле во земјава. Тие ќе треба да добијат државјанство во рок од три години по стапувањето на законот во сила.

Платените сметки за комуналии (струја, вода, греење, телефон) се само еден од документите што ќе може да ги приложат за да може да се стекнат со правото на државјанство. Новиот Предлог закон, овојпат со европско знаменце, предвидува тоа да се направи и со доказ дека барателот на државјанство завршил школо тука, бил на лекар, има имот, работи во земјава, тука има штедна книшка итн. Доказите може да се достават во оригинал или копија и да бидат заверени на нотар. Се предвидува започнатите постапки за државјанство кои до стапување на овој закон не се завршени да се решат по новиот закон.


Законот првично инициран од Алијансата за Албанците и од Алтернатива, сега е пред пратениците, но овојпат поднесен од Владата и е со европско знаменце. Со тоа му се скратува рокот во кој законот треба да биде донесен. Во првичниот предлог закон се предвидуваше луѓето кои се од поранешните ЈУ републики, а кои останале да живеат во Македонија и по осамостојувањето, а се уште немаат државјанство тоа да го направат ако за нивното присуство во државата посведочат тројца сведоци. На тоа се противеа останатите партии во Парламентот, по што лидерот на Алијансата, Зиадин Села рече дека може државјанството да се докажува и со документи. Сегашниот предлог текст го предвидува токму тоа. Дадени се 16 критериуми и тој што бара државјанство треба да достави барем еден доказ.

Останатите измени се тоа што се скратуваат годините на престој во државата потребни за добивање државјанство од осум на седум. Во претходниот предлог Алијансата и Алтернатива бараа да се скрати на четири години престој.

Опозициските партии на Албанците предвидуваа и со државјанство да се стекне некој кој знае еден од службените јазиците што се користи во државата, но во новиот текст останува тоа дека мора да се познава македонскиот јазик, барем на ниво да се разбере со околината. Посебна комисија формирана од владата ќе го испитува нивото на познавање на јазикот.

Се намалува и времето во кое станецот треба да живее на територијата на Македонија за да може да стекне со државјанство по законски предвиден начин- со природување. Односно наместо досегашните три години се намалува на една година.

Иселеници од Македонија и нивните деца ќе може со природување да се стекнат со македонско државјанство и доколку до поднесувањето на барањето не живееле осум години во земјава, и без да има отпуст од државјанството на друга држава.

Со македонско државјанство ќе може да се стекне и странец кој е во брак со македонски државјанин најмалку три години и во земјава живее најмалку една година, притоа не мора да знае македонски јазик. А со државјанство може да се стекнат и странци кои се во брак со македонски државјани најмалку осум години, но не живеат тука, но со земјата имаат цврста и ефективна поврзаност,

Од Алијансата и од Алтернатива очекуваат законот да биде изгласан до крајот на месецот. Од ВМРО-ДПМНЕ не се изјасниле дали новиот Предлог е прифатлив за нив, но пратеничката од оваа партија Рашела Мизрахи во гостување на Канал 5 рече дека текстот има збир на небулози.

„На пример дека граѓаните ќе може да добијат државјанство согласно одреден елемент како што е завршена учебна година, а такви се и студентите кои биле на посета, такви небулози се работничка книшка, доказ за платена сметка. Доколку одиме во ЕУ треба да видиме како функционираат другите држави во ЕУ, кои бараат за да добиете државјанство да бидете резидентен граѓанин од 8 до 10 години, истакна таа“, рече Мизрахи.

Политичката партија Левица, која го блокираше и првиот обид за донесување на овој закон, повторно најави блокади.

Премиерот Зоран Заев побара Левица да објасни оти го блокираат законот, кој, според него, ќе реши многу проблеми.

„Видовме дека сите години наназад, две децении наназад аплицирале 2400 луѓе, но и еден човек да е треба да го решиме проблемот. Некој чека, некој поради тоа не може социјална помош да земе, некој не може да си лечи детенце или самиот не може да се лечи, поради тоа што немаат државјанство и немаат документи “, вели Заев.

Од Левица му наведоа 11 причини за блокада. Според пратениците од оваа партија предлогот законот е штетен за македонските интереси и ќе послужел некои Косовци да добијат државјанство на Македонија. Доколку законот помине во Собрание, Левица најави дека ќе го оспори пред Уставен.

Со Предлог законот исто така се ограничува временски рокот во кој службите треба да донесат решение за барањето на граѓаните. Досега немало рок во кој требало да се реши одреден случај, па тоа довело до тоа со децении да се решаваат прашањата, стои во Предлог текстот. Сега се предлага во рок од шест месеци да се донесе одлука за поднесеното барање.

„Со законското уредување на овие одредби ќе се создаде реална слика за државјанствата во Република Северна Македонија, која директно ќе се одрази на пописот за 2021 година од кој ќе произлезе точен статистички податок на населението, домаќинствата и становите во државата“, стои во предлог текстот.

Алијансата и Алтернатива на крајот на минатата година поднесоа предлози за измени на Законот за државјанство за да се реши статусот на луѓе кои со години живеат во Македонија, а немаат државјанство. На почетокот на 2021 во мислење на Владата до Собранието, изнесени се низа забелешки и побара од Собранието да не го усвојува. Алијансата и Алтернатива носењето на овој закон го условуваа со носењето на петтиот пакет антикризни мерки, што донесе и до блокада на работата на Парламентот, но со политичка одлука блокадата беше тргната, беше изгласан пакетот помош, а за возврат власта и албанската опозиција се договорија за законот за државјанство.
Според изјавите на властите, околу 3000 луѓе бараат државјанство, од кои половина не живеат тука. Има и околу 800 граѓани т.н. фантоми, граѓани кои се родиле овде и никогаш не добиле државјанство

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG