Достапни линкови

Одблокирани заклучоците на ЕУ со компромис што ги задоволува бугарските барања


Северна Македонија, Германија, ЕУ
Северна Македонија, Германија, ЕУ

Одблокирани се заклучоците за Западен Балкан со тоа што е пронајдена компромисна реченица која ги задоволува бугарските барања за добрососедските односи и тие ќе бидат усвоени, велат дипломатски извори за дописникот на Радио Слободна Европа во Брисел .

Европската Унија редовно во декември на ниво на министри за европски прашања усвојува годишен извештај за регионот, а на последниот состанок кој беше оддржан на 8 декември, тоа не беше можно затоа што Бугарија го блокираше усвојувањето поради билатералниот спор со Северна Македонија.


Во најновиот нацрт заклучок, во кој РСЕ има увид, стои компромисна дефиниција, која како што велат дипломатските извори, ги задоволува бугарските барања со што е одблокиран процесот на донесување заклучоци.

„ Изјави и работи кои негативно влијаат на добрососедските односи мора да се одбегнуваат. Советот на ЕУ потсетува на Договорот од Преспа меѓу Република Северна Македонија и Грција, како и на Договорот за добрососедски односи и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија и ја нагласува важноста на нивната примена. Овие два чекора треба ефективно да стават крај на сите тврдења засновани на погрешна интепретација на историјата,“ стои во нацрт заклучокот.

Од друга страна, прашањето за усвојување на преговарачаката рамка за Северна Македонија, како што велат дипломатските извори за дописникот на РСЕ од Брисел, претходно беа тргнати од дневен ред поради бугарското вето.

На состанокот на претставниците на земјите членки на ЕУ кој се одржува денеска се очекува да се одобри пишана процедура за усвојување на заклучоците за Западен Балкан кои формално ќе бидат усвоени во четврток.

Со овие заклучоци Советот на ЕУ повторно ќе ја потврди својата посветеност на проширувањето на европското семејство кое се смета дека ќе остане клучна политика на европскиот блок, но од земјите од Западен Балкан се бара да вложат дополнителни напори во клучните реформи, посебно во оние кои се повразни со владеење на правото.

Овој документ се очекува, меѓу другото, да ја потврди важноста на донесување правда за жртвите од воените злосторства. Се бара ефикасно и без дискриминација да се водат предметите против домашните воени злосторници вклучувајќи и полна соработка и поддршка на Меѓународниот механизам за кривични и специјални судови.

„ Советот на ЕУ подвлекува дека во ЕУ нема место за запалива реторика и величење на воени злосторници, од ниту една страна,“ е наведено во документот.

XS
SM
MD
LG