Достапни линкови

Короната носи и нови лидери, но старите не се предаваат


Архивска фотографија- гласање на избори

Фокусот на повеќето луѓе во период на пандемија е целосно на институциите, а не на партиите, велат политичките аналитичари, според кои сепак е рано да се прогнозира дали коронавирусот ќе ја смени политиката, па и лидерите.

Засега е извесно дека коронавирусот го смени животот на луѓето, се седи дома, а гушкањето и бакнувањето, некогаш симбол за топлина, сега се строго забранети. Ова е сликата во секојдневната комуникација на граѓаните, која е извесна засега, но светската пандемија отвори можности и за промени на македонската политичка сцена и перцепцијата на дел од граѓаните кон политиката.

Партиите и лидерите, вообичаено главни во медиумите со своите пораки кои ги наметнуваа во јавноста, сега се во втор план, за разлика од вестите за коронавирусот чии главни пренесувачи, пак, не се првите партиски луѓе, тукуминистерот за здравство, здравствените власти, епидемиолозите, лекарите.

И едно испитување на јавното мислење објавено неодамна, а изработено од Институтот за политички истражувања Скопје во периодот од 18 до 21 март оваа година, кога беше почната епидемијата со коронавирусот покажува дека голем дел од граѓаните се задоволни од работата на министерот за здравство Венко Филипче. Според исптувањето 82 отсто од анкетираните велат дека се задоволни од неговата работа.

Владимир Божиновски од Институтот кој ја изработи анкетата, за РСЕ вели дека сепак многу е рано да се прогнозира каков ќе биде ефектотот на коронакризата врз политиката.

„Зависи колку кризата ќе потрае и како ќе се справиме со неа и дури потоа ќе видиме дали ќе имаме ефекти врз политиката. Јавноста е преокупирана со коронавирусот и се останато е во втор план“, вели Божиновски.

Во меѓувреме, партиските битки не преставнуваат, па штабовите секојдневно се обвинуваат и критикуваат нарекувајќи се меѓусебно криминалци или нечии послушници, неспособни или деструктивци кои не се грижат за граѓаните.

Според Ненад Марковиќ, професор на правниот факултет Јустинијан Први, освен партиските поддржувачи никој веќе не ја перцепира ситуацијата со епидемијата низ призмата на меѓупартиска војна. Луѓето, вели тој се обидуваат да излезат од оваа ситуација со што помалку жртви и затоа нивното внимание е насочено кон институциите без разлика која партија ги води, а не кон пораките од партиските штабови.

„Драматична е цела оваа ситуација со Ковид 19 и додавање на каква било друга драма на населението е нешто на што тие нема благонаклоно да гледаат. Затоа мислам дека треба да се избегнува политичка пресметка овој период и таа да се одложи за по кризата оти може да го даде и спротивниот ефект ако премногу се инсистира на истата“, вели Марковиќ.

Според него, паметно би било политичката битка да се одложи за некои подобри времиња, кога целата оваа работа ќе заврши, а дотогаш вели дека треба да се изгради една конструктивна атмосфера на соработка која би била полезна за сите.


Инаку, до пред пандемијата, главна тема во Македонија беше случајот „Рекет“, а главни ликови партиските лидери Зоран Заев, Христијан Мицкоски, Али Ахмети и другите челници. Сега лидерот на СДСМ се појавува еднаш на неколку дена, од партиското седиште, најчесто со економски предлози, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ почесто со критики кон власта, а Ахмети најретко го има во јавноста. Сепак, Марковиќ вели дека е прерано да се зборува за можни нови лидери кои би произлегле од здравствената криза.

„Партиските лидерства не се предаваат така лесно без разлика што времето може да изроди нови херои. Тие кај нас се порезистетни на промени и без разлика што оваа криза може да изроди луѓе кои ќе бидат во прв план а тоа нема да бидат стандардните партиски лидери дека ќе ги загрозат местата на оние кои се на чело на поголемите политички партии“, вели Марковиќ.

Инаку до пред пандемијата во Македонија беа планирани да се одржат предвремени парламентарни избори кои беа закажани за оваа недела, 12 април, но се одложија поради вирусот. До нив дојде откако есента минатата година земјава не доби датум за почеток на преговорите со ЕУ пред се поради блокадата на Франција која бараше нова методологија за преговори со земјите кандидатки за зачленување во Унијата.


Опозицијата, инсистираше на предвремени избори по што власта прифати. Во меѓувремреме, Северна Македонија и официјално стана членка на НАТО, а ЕУ одобри почеток на преговорите, но и сето ова падна во втор план поради коронавирусот.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG