Достапни линкови

Заев и Мицкоски во домашна изолација поради коронавирус


Лидерот на СДСМ и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, од синоќа се во самоизолација поради коронавирус. Резултатот од тестот на Мицкоски бил негативен, но сепак ќе биде во изолација, а резултатите од тестот на Заев ќе стасаат во текот на денот, соопшти утрово министерот за здравство Венко Филипче.

„Двајцата биле во контакт со новинар од ТВ медиум кој е позитивен на коронавирус. Новинарот е во добра состојба и е сместен во болницата 8-ми Септември“, рече Филипче.

По обраќањето на Филипче, лидерот на СДСМ, Заев, се јави на фејсбук.

„Би сакал да ве информирам дека во текот на минатата недела имав ТВ интервју со новинар, за кој неодамна се утврди дека е позитивен на КОВИД-19. Иако во текот на интервјуто ги преземавме сите заштитни мерки како избегнување контакт и одржување дистанца, согласно сите протоколи, од денеска сум во самоизолација во мојот дом во Струмица. Немам симптоми, денеска се тестирав за присуство на вирусот и резултатите ги очекуваме во текот на денот – по што ќе се утврдат следните чекори“, напиша Заев на фејсбук.

И Мицкоски напиша објава на Фејсбук.

„Поврзано со информациите кои произлегоа за мојата здравствена состојба сакам да информирам дека до овој момент сум во одлична здравствена и физичка кондиција. Во текот на вчерашниот ден, по добивање на информацијата дека е нарушено здравјето на новинарот со кој имав интервју точно пред една недела и истото се поврзува со пандемијата, направив тест чии резултати се негативни. Но, ќе ги почитувам препораките на здравствените лица и во наредниот период од неколку дена ќе останам во изолација. Се надевам на брзо закрепнување на новинарот и негово брзо враќање на работното место“, напиша Мицкоски.

XS
SM
MD
LG