Достапни линкови

Жестоки реакции на предлозите на Георгиевски за решавање на спорот со Бугарија


Архивска фотографија објавена на официјалниот сајт и ФБ профил на ВМРО-НП: Лидерот на ВМРО-Народна, Љубчо Георгиевски, и бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева
Архивска фотографија објавена на официјалниот сајт и ФБ профил на ВМРО-НП: Лидерот на ВМРО-Народна, Љубчо Георгиевски, и бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева

Предлозите на поранешниот премиер Љубчо Георгиевски за надминување на спорот со Бугарија предизвикале жестоки реакции од нашите читатели на социјалните мрежи. Тие коментираат и за набавката на вакцини и за протестите за Монструм.

„Aман, не воскреснувајте... игнор... нека ќути, нека ужива во украдените пари и нека биде благодарен што не одговара за криминали“, со ваква реакција се јавил Ѓорге Јанев на нашата ФБ страница откако поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, сега прв човек на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски објави свој план за излез од спорот со Бугарија – да се даделе гаранции дека Македонија нема аспирации спрема Пиринскиот дел и, она што предизвика најмногу реакции во јавноста, дека македонската нација и македонскиот јазик биле создадени по 1944 година.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ веднаш обвини дека Заев преку Георгиевски пуштал пробен балон.

Горан Новко потсетува и прашува дали кога Георгиевски прв заминал во Софија да преговара, кога Бугарите најавија вето за почетокот на преговорите за членство на земјава во ЕУ, тоа било самоиницијативно или „добил амин од некого? Љубчо е коалиционен партнер на СДСМ во оваа влада преку Балковски!“ – додава Новко.

Атанас Лазаровски смета дека „Човекот треба да се прогласи за персона нон грата“, а Димитар Јовчев му одговара: „Ако е само тој, лесна работа! Но кај нас, водството на државата е за прогласување ʼперсони нон гратаʻ“. Има уште 30-ина ваши коментари што не ги задоволуваат професионалните стандарди на РСЕ.

Информацијата дека Министерството за здравство го повлекло авансот за кинеските вакцини по барање на кинеската страна, „заработило“ само еден пост. Бењамин Бен напишал: „Хитно оставки треба, доста лажење!!“

Редовното неделно интервју на РСЕ на македонски е со холандскиот амбасадор, Дирк Јан Коп, кој покрај другото потсетува дека ЕУ за една година дала стотици милиони евра помош на Балканот, а сега уште 17 милиони. „Секако, набавката на вакцини е ваша национална обврска“. Холандскиот амбасадор, исто така, препорачува: „Спроведете ги реформите и ќе ве поздравиме во ЕУ“. „Конечно некој директно да ни каже како стојат работите и за влез во ЕУ и за вакцините и за сѐ друго што тртљаме ние експертите тука“, постирал Стојан Хаџи Димитров, а Ѓорѓи Ристески му се обраќа на нашево Радио: „Кажете им дека парите не стигнале до народот, а тие добро го знаат тој податок“.

Коп - ЕУ помага со пари, но набавката на вакцини е ваша обврска
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:42 0:00

Има повеќе ваши негативни коментари по информацијата дека над 80 илјади членови на СДСМ со право на глас ќе може да гласаат на првите непосредни внатрепартиски избори на 21 овој месец за единствениот кандидат за претседател на Партијата, Зоран Заев. Aна Јакимова напишала: „Глупост. Мора да има повеќе кандидати и ова е бесмислено“, а Алијевски Сабит потсетува: „А нели Боки ќе се кандидира. Зошто се повлече Боки 13?“ Веројатно го превидел објаснувањето дека кандидатот мора да е член на СДСМ барем 5 години и да бил на поважни функции во Партијата.

Што се однесува до коментарите по петочните протести поради пресудите на инволвираните во убиството на петте момчиња кај Смилковско езеро, на кои се случија спорадични инциденти меѓу полицијата и демонстрантите, доминираат негативни реакции главно од граѓани Албанци на кои по етничка линија одговараат исто така непримерно и Македонци, посетители на нашата ФБ страница, и тешко може да се избере некој што одговара на нашите професионални стандарди, но има понекој исклучок. Хамза Незири, на српски јазик, коментира: „Државата мора да ги заштити луѓето од криминалци, додека вие ги штитите (следува навредлив збор) криминалци!!! Да живеат Албанците“. Но, Влатко Георгиевски со коментар: „Оваа држава со години, како што знам, прави неправилности кон своите граѓани, дали е ВМРО дали СДСМ, нема судство, наместени работи, дали ʼМонструмʻ, дали Бродец, дали Куманово и 2001 год., сѐ беше наместено, убиства во Арачиново, не бива од ова држава со лаги и местенки“. Кенан Асани Кено постира снимки па пишува: „Полицајци гаѓаат со камења, гледајте снимки има снимано сѐ“. Дејан Филиповски само со кратки прашања ја опишува ситуацијата: „Социјална дистанца? Ред? Дисциплина? Заштитни маски? Специјалци апсење?...“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG