Достапни линкови

Македонско-бугарската комисија уште во средновековието, напредок нема


Архивска фотографија- состанок на билатерална мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија

Дводневната онлајн средба на членовите на Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања заврши попладнево без напредок за учебниците и со еден потпишан записник.

Во однос на дискусијата за учебниците по историја, како и на претходната средба, не беше постигнат напредок, соопштија македонските членови на заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања.

„И покрај конструктивната дискусија и желбата да се постигне напредок, не беше постигната согласност во однос на прашањата поврзани со средновековието. Остануваат големите разлики во пристапите и разбирањето на улогата на историското образование и образовните политики. Со оглед на продолжената дискусијата за учебниците по историја, на оваа средба, Комисијата не го отвори прашањето за Гоце Делчев и негово евентуално заедничко чествување, иако беше на дневен ред”, се наведува во соопштението од македонскиот тим на Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.

Захариева: ЕУ не е Југославија, а не можат ни САД да не притиснат

Шефот на бугарскиот тим историчари Ангел Димитров на брифинг во Софија по завршувањето на оваа 12 средба попладнево рече дека нема напредок и ги обвини македонските колеги дека бегале од определбата за заедничка историја.

Со македонските историчари уште сме во средновековието, потврди Димитров кој рече и дека спорот за Цар Самоил не е разрешен и поради тоа што од средниот век почнувало нешто што се нарекува заедничка историја.

Од македонскиот тим историчари, пак, за Радио Слободна Европа брифираат дека тие понудиле неколку предлози за Цар Самоил кои биле чекор напред од нивните досегашни позиции, но бугарските колеги ги одбиле и останале на своитe стари ставови кои се во основата на спорот помеѓу двете историографии.

„На средбата очигледно е инсистирањето на колегите од Софија да се наметне еднозначно решение кое е туѓо за начинот со кој се надминуваат спорови кои произлегуваат од различните и силно исполитизирани толкувања на минатото. Решавањето на спорот води исклучиво преку самокритичен пристап кон сопствените етнонационални историски наративи, а не преку наметнување на еден врз друг наратив“, велат истите извори од македонскиот тим.

Инаку, претходната 11 средба на комисијата се одржа во почетокот на декември. Тогаш, на прес конференцијата која ја држеа копретседавачите Драги Ѓоргиев и Ангел Димитров постигнатиот резултат како што рекоа беше нула. Димитров тогаш рече дека проблемите биле суштински, објаснувајќи дека се работи за прашањето за Цар Самуил и за потпишувањето на записниците со терминот македонски, на кој македонската страна инсистира, а бугарската не се согласува.

За записниците и терминот македонски комисијата во скратен состав имаше онлајн состанок кон крајот на јануари и тогаш, како што беше соопштено, двете страни ја усогласија содржината на Записникот од деветтата средба, а во однос на десеттата средба надминале неколку прашања поврзани со содржината на записникот.

По денешниот состанок, од македонскиот тим информираа дека во однос на прашањата со записникот, членовите на Комисијата го усвоија записникот и било утврдено во текот на месец март членовите на Комисијата да работат на усвојување на записникот од 11. средба и Годишниот извештај на Комисијата.

Следната средба на комисијата ќе се одржи на 22 и 23 април 2021 година.

Османи и Захариева разговарале за Акцискиот план и за ковид

Пред оваа средба на експертите од заедничката комисија, во Софија се сретнаа министрите за надворешни работи Бујар Османи и Екатерина Захариева. Како што соопшти македонското Министерство за надворешни работи министрите разговарале за Акцискиот план за меѓусебна соработка, можноста за неговата финализација, а во функција на евентуално договарање на втората меѓувладина конференција.


  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG